ПОВЕЌЕ

    Мета активираше платена верификација на профили за Фејсбук и Инстаграм

    Време зa читање: 4 минути

    Корисниците на Инстаграм и Фејсбук сега ќе можат да плаќаат за верифицираниот  син беџ, објави матичната компанија Мета. Meta Verified ќе чини 11,99 долари месечно на веб, или 14,99 долари за корисниците на iPhone.

    Оваа недела ќе биде достапен во Австралија и Нов Зеланд.

    Марк Цукерберг, извршен директор на Мета, рече дека овој потег ќе ја подобри безбедноста и автентичноста на апликациите за социјалните медиуми. Потегот доаѓа откако Илон Маск, сопственик на Твитер, ја имплементираше премиум претплатата на Twitter Blue во ноември 2022 година.

    Услугата за платена претплата на Мета сè уште не е достапна за бизнисите, но секој поединец може да плати за верификација.

    Значките – или „синиот беџ“ – се користени како алатки за верификација за сметки од висок профил за да се означи нивната автентичност. Претплатата ќе им даде на корисниците кои плаќаат сина значка, зголемена видливост на нивните објави, заштита од имитатори и полесен пристап до услугите на клиентите, рече Мета во објавата на нивната веб-страница.

    Компанијата изјави за Би-Би-Си дека промената нема да влијае на претходно проверените сметки, но истакна дека ќе има зголемување на видливоста за некои помали корисници кои ќе станат потврдени благодарение на платената функција.

    Платениот пристап до синиот беџ претходно предизвика проблеми за другите платформи за социјални медиуми. Функцијата за верификација на „плаќање за Твитер” беше паузирана минатиот ноември кога луѓето почнаа да имитираат големи брендови и познати личности со плаќање за значката.

    Мета соопшти дека корисничките имиња на Инстаграм и Фејсбук ќе мора да одговараат на документот за лична идентификација доставен од владата за да им биде одобрена потврда, а корисниците ќе мора да имаат профилна слика што го вклучува нивното лице.

    Други веб-локации како Reddit, YouTube и Discord на сличен начин користат модели базирани на претплата.

    Мета сè уште не прецизираше кога функцијата ќе биде пуштена во употреба во други земји, иако Цукерберг во објава рече дека тоа ќе биде „наскоро“.

    Во ноември, компанијата објави 11.000 загуби на работни места како резултат на прекумерно инвестирање за време на пандемијата. Во тоа време, Цукерберг рече дека предвидел зголемување на растот на Мета врз основа на порастот што го имаше во текот на пандемијата, но тоа на крајот не се случи. „Многу луѓе предвидуваа дека ова ќе биде трајно забрзување“, напиша тој, „И јас го направив тоа, па донесов одлука значително да ги зголемам нашите инвестиции“.

    Наместо тоа, тој рече дека „макроекономската криза“ и „зголемената конкуренција“ предизвикале приходите да бидат многу помали од очекуваното. „Згрешив за ова и ја преземам одговорноста“, рече тој тогаш.

    И додека многумина во технолошкиот сектор брзо го критикуваа Илон Маск за воведувањето платено ниво на социјалната мрежа Твитер, се покажа дека неговите врсници внимателно го следеле.Експериментот на Илон Маск докажа дека луѓето се уште се подготвени да платат за подобрено искуство.

    За огромните бесплатни дигитални платформи како Facebook, Instagram и TikTok често се вели дека ако не плаќате за производот, вие сте производот.

    Тоа значи дека секоја капка податоци што ги собираат бизнисите за вас се користи за да ви продаваат работи во форма на реклами. Тоа е идеја од повеќе милијарди долари и направи многу фирми многу, многу богати. Многумина тоа конечно го разбраа.

    Apple лансираше опционална функција која го спречува следењето на вашата онлајн активност и погодете што – излегува дека ако ги прашате луѓето дали им пречи на компаниите да гледаат што прават и каде одат на мрежата, повеќето од нив избираат да се откажат. Мета, која е сопственик на Фејсбук, горко се пожали на тоа.

    Дали претплатата е алтернатива, и ако е така, колку се подготвени да платат потрошувачите? Се чини дека прво Маск, а сега и Цукерберг се решени да дознаат.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично