Колкава е понудата и побарувачката на пазарот на специфични производи или услуги кои ќе резултираат од вашата бизнис идеја? За одговор на оваа прашање може да се користи матрица на понуда и побарувачка.
Матрица на понуда и побарувачка е една алатка која ја имам развиено уште пред повеќе од пет години со цел да можам во определени аспекти да ја мерам бизнис потенцијалната енергија на една бизнис идеја.
Доколку постои голема понуда и голема конкуренција, вашиот иден бизнис ќе претставува поголем ризик во однос на бизнис идеја која ќе резултира во производи и услуги со мала тековна понуда и слаба конкуренција. Ова зависи и од побарувачката или потребата на пазарот. Така, доколку на пазарот постои поголема побарувачка ризикот ќе биде помал.
На сликата е дадена матрица која може да ви послужи при разгледување на овие елементи.
Доколку имате голема понуда на производите и услугите кои сакате да ги продавате, а од друга страна мала побарувачка за истите ќе имате послаби изгледи за успех. Овие производи или услуги дефинитивно ќе треба да ги исфрлите од вашата бизнис идејата или пак доколку сакате да ги имате, ќе мора да креирате соодветна стратегија за диференцијација со што би го привлекле вниманието кон овие производи.
Kвадрантот на матрицата со мала побарувачка и мала понуда ја нареков ризична можност. Каква е таа можност која од друга страна е ризична? Овој пазар може да претставува одлична можност но, само доколку се зголеми побарувачката кај истиот.
Вашата работа, доколку одлучите да влезете на таков пазар со производите од овој квадрант ќе биде да ја зголемите побарувачката. Доколку се чувствувате способни да го остварите тоа, производот ќе претставува вистинска можност за вашиот бизнис. Можеби станува збор за иновативни производи за кои потенцијалните купувачи воопшто не ни знаат дека имаат потреба од такво нешто и затоа ќе мора да работите на креирање на потреба за да ја зголемите побарувачката.
Квадрантот на голема побарувачка и голема понуда го нарековме добра конкуренција. Овој квадрант означува дека производите ги има во огромна количина на пазарот, но и потрошувачката на истите е огромна, па затоа и претставува добра конкуренција. Овие производи би можеле да влезат во вашата бизнис идеја со тоа што треба да сте свесни дека ќе треба да се борите цврсто со конкуренцијата. Сепак, бидејќи е јасно дека постои голема побарувачка, а со тоа и потрошувачка, ризикот е многу помал.
Квадрантот означен како одлични изгледи за успех претставува производ или услуга за кој постои голема побарувачка, додека истовремено понудата е мала, односно постои недостаток. Овие производи без размислување треба да ги вклучите во вашата бизнис идеја иако е малку потешко да се откријат и препознаат. Сепак треба да напоменеме дека овој квадрант претставува нешто идеално што во пракса многу поретко се открива.