ПОВЕЌЕ

    Кои се макроекономски предизвици на македонската економија?

    Време зa читање: 4 минути

    Македонската економија, како и сите современи економии, е дел од глобалното семејство на економски релации и пазари. Глобалните предизвици кои се поставени пред глобалната економија, во поголема или помала мерка важат и за македонската економија. На прво место на листата на глобални предизвици речиси редовно се појавуваат цените на суровините и репроматеријалите каде централното место го има цената на нафтата.

    Цената на доларот, еврото, јенот, фунтата и другите валути се од голема важност поради два примарни ефекта кои се согледуваат во ефектот на цената на валутите во однос на тргувањето и шпекулациите на пазарите на валути и ефектот на цените на валутите како израз на вредноста на економиите кои ги репрезентираат. Некои од останатите глобални предизвици се стапките на економски раст на глобалните економии, влијанието и комерцијализацијата на новите технологии и иновации, поголемата улога на еколошките и енергетски стандарди во производството и економијата, развојот на дигиталната економија итн.

    Дел од овие глобaлни предизвици во помала или поголема мерка можат да се препознаат во секојдневието на македонската економија во форма на голем број стратегии, програмски документи, но и во конкретни чекори преземени на ниво на економска политика. Некои од глобалните предизвици на глобалната економија и нема да можат да се идентификуваат со македонската економска реалност и истите треба да се бараат во профилот, капацитетот, перформансите и целокупните состојби на македонската економија. Во овој контекст, она што мора да се споменe е македонската економија како мала и релативно отворена економија, со мал пазарен капацитет и опаѓачка куповна моќ, особено во периодот 2015–2017 година.

    Конкурентноста на македонската економија е на релативно ниско ниво, како и стапката на применето знаење и иновации со секоја чест на исклучоци. Образованието и науката во Република Македонија како економски и општествен потенцијал и сите показатели поврзани со истите, покажуваат номинални вредности без никаков реален импакт врз економијата.

    Моментални најголеми предизвици на краток рок (20172018 година) во однос на стапката на раст на македонската економија се падот, ниските и негативни стапки на бруто-домашниот производ. Ова е првпат по подолго време кога европската економија бележи генерално пораст и позитивни стапки на раст, македонската економија да има пад на бруто-домашниот производ. Имајќи ја предвид поврзаноста на македонската економија и нејзината извозна поврзаност со ЕУ, може да се заклучи дека и покрај зголемената економска активност на ЕУ партнерите во македонската економија, се забележува негативен тренд. Овие случаи укажуваат на претпоставката дека странските партнери, генерално, ги имаат задржано нарачките или можеби ги имаат зголемено истите во однос на македонските партнери.

    Во вакви случаи сосема логично се поставува прашањето за суштината на проблемот и за причините за негативните трендови во македонската економија. Некои од причините може да се лоцираат во намалената побарувачка и потрошувачка во случајот и кај домаќинствата, но и кај централната и локалната власт. Во двата случаи клучните фактори се од политичка природа и придонесоа кон апстинирање во однос на потрошувачката и инвестициите, кои директно влијаеја на стапката не економски раст. Постои реална опасност оваа состојба од краткорочен карактер, доколку не се преземат вистинските чекори, да предизвика несогледливи последици на економските активности доколку се реагира во насока на зголемување на потрошувачката.

    Во однос на вака поставени релации и состојби на македонската економија, неопходни се мерки кои ќе ја стимулираат потрошувачката и инвестициите. Неопходно е во наредниот период да се поттикне потрошувачката на домаќинствата, но и на централната и локалната власт.

    Веројатно, први приоритети би морале да бидат капиталните инвестиции од буџетот и планирани капитални инвестиции од задолжување и истите доколку е можно, да започнат во првите месеци од годината. Според претходно наведеното може да се заклучи дека на македонската економија ѝ недостигаат парични средства и истите на краток рок можат да се обезбедат со ажурна реализација на буџетот на централната власт, како и на буџетите на локалната самоуправа. Во ваква ситуација неопходно е да се прати силна порака за економска и финансиска стабилност насочена кон реалниот сектор, но кон домаќинствата во насока на стимулација на потрошувачката.

    Во секој случај, македонската економија доколку сака да се врати на остварување на позитивни стапки на раст, краткорочно мора да се сврти кон јавната и приватна потрошувачка. Доколку се смета на одржливост на овие краткорочни решенија, неопходна е имплементација на среднорочна и долгорочна стратегија која ќе обезбеди базична поддршка на потрошувачката. Оваа поддршка најчесто треба да се бара во зголемување на конкурентноста и иновативноста на компаниите, како и промоција на нови начини на финансирање на бизнисите, како и во солидна извозна стратегија со подобра соработка со странските партнери.

    Автор: Душко Тодевски 

    Авторот е магистер по финансиски мeнаџмент и докторанд

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично