ПОВЕЌЕ

    Интервју со Маја Кадиевска-Војновиќ: Финтек индустријата во Македонија и улогата на небанкарскиот финансиски сектор во Северна Македонија и проекции за натамошен раст

    Време зa читање: 15 минути

    Маја Кадиевска Војновиќ е ангажирана како предавач на Американ Колеџ – Скопје. Својата професионална кариера ја започна во 2003 година во Народната банка на Република Македонија (НБРМ) во Дирекцијата за монетарна политика и истажување, кадешто држеше различни позиции, а во периодот од 2011-2018 година беше вицегувернер задолжен за Секторот на операции на финансиски пазари и платни системи. Во своето шеснаесет годишно искуство како централен банкар, на почетокот од својата кариера беше еден од основоположниците на макроекономските проекции на НБРМ. Како вицегувернер, активно беше вклучена во креирањето и спроведувањето на монетарна политика, во управувањето со девизните резерви и билансот на Централната банка. Учествуваше активно на годишните собранија на ММФ и Светска банка и при мисиите со меѓународните финансиски институции и кредит рејтинг агенции.

    За движењата во Финтек секторот во светски рамки и во нашата земја, проекциите и движењето на регулаторната рамка, проследете го интервјуто со г-ѓа Кадиевска-Војновиќ:

    АФД: Каква е улогата на Fintech индустрија во нашата земја?

    K.В: Во светот FinТech индустријата има интензивен раст, а кај нас полека влегува во радарот на финансискиот сектор, бизнисот, регулаторите и воопшто целокупната јавност. Денес е модерно да се зборува за FinTech, но би сакала да потенцирам дека FinTech не е нова индустрија. Технологијата, до одреден степен, секогаш била дел од финансискиот свет (пр. платформи за електронско тргување и тргување со висока фреквенција), а иновацијата во финансиските услуги не е нова појава. Така, во текот на изминатите неколку децении, иновациите во овој сегмент вклучуваат: кредитни, дебитни картички и терминали за издавање пари (банкомати) во 1960-тите, телефонско банкарство во 1970-тите, интернет банкарството, мобилната телефонија, оператори базирани на интернет итн. Најновиот бран на иновации во технологијата и нивната примена во финансиите се однесува на примена на алгоритми на вештачка интелигенција и машинско учење (AI/ML), на технологии базирани на облак (cloud), кои ја олеснуваат размената на податоци B2B, C2B, C2C и B2C преку интерфејси на апликации (API), потоа DLT што е технологија на дистрибуирана книга на записи и паметните телефони кои работат со финансиски апликации.

    FinTech индустрија во Македонија е присутна, но би кажала сѐуште во недоволен обем. Влезот на нови даватели на финансиски услуги, на нови иновативни бизнис модели и технологии коишто требат да го зајакнат и автоматизираат пристапот и употребата на постоечките финансиски услуги е ограничен. Примената на напредокот во технологијата како за извршување на плаќањата, така за трансфер на средства, штедење, одобрување на кредити, инвестирање, осигурување, буџетирање и финансиско планирање итн. се уште е ниско во нашата земја. Сепак, овој бран го засилија небанкарските финансиски друштва кои се во подем последните неколку години, а преку новиот модел на обезбедување на брзи кредити преку интернет, не случајно го добиваат епитетот на двигатели на FinТech индустријата во нашата земја.

    Од друга страна, домашните банки во последните неколку години се стремат да се вклопат во трендовите на дигитална ера со вложување повеќе средства во нови производи и финансиски иновации. На пример, во последните неколку години имаме раст на мобилното банкарство, т.е на користењето на мобилните телефони преку интерфејси (Apps) за пристап до банкарските услуги. Потоа, виртуелизација на платежните картички на мобилните телефони е исто така новина. На пазарот на капитал, финансиска иновација е платформа за инвестирање (crowdfunding platform), којашто им дозволува на компаниите пристап до алтернативни извори на нетрадиционално финансирање и собирање капитал. Инвеститорите можат да ја користат за да тргуваат со своите акции од стартапи веднаш по почетната фаза на инвестирање со користење на blockchain технологија како да се котирани на берзата. Во сферата на плаќања, во нашата држава имаме можност да ја користиме платформата PayPal, што е P2P (peer-to-peer) платформа, односно преку интернет да комуницираме упатства за плаќање и извршување на електронски трансфери на средства.

    АФД: Кој е уделот на небанкарскиот финансиски сектор во економијата на Република Северна Македонија?

    K.В: Доминантна позиција во финансискиот сектор во Македонија сѐ уште имаат банките, додека останатите небанкарски институции имаат ниско учество во вкупните средства. Според податоците од последниот Извештај за финансиска стабилност од 2018 година на Народната банка, банките учествуваат со 82,5% во вкупните средства на финансискиот систем, а по нив, позначајно учество имаат задолжителните пензиски фондови со 10,6%, неживотното осигурување со 3,5%, животното осигурување со 1,2% и инвестициските фондови со 1%. Финансиските друштва и покрај високите стапки на раст во последните години, во 2018 година имаат 0,4% учество во вкупните средства на финансискиот систем. На крајот од првиот квартал на 2020 година, вкупните средства на финансиските друштва[1] се околу 4,7 милијарди денари и бележат годишен раст од 44,6%, соодветно. Најголем дел од активата (88,4%) се однесува на побарувањата од приватниот сектор, односно кредитите одобрени на населението се околу 3,1 милијарда денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 1 милијарда денари. Споредено со првиот квартал од 2014 година[2], кредитирањето на населението бележи раст од 7,7 пати, додека на фирмите е повисоко за 4 пати.

    Рапидниот раст на кредитирањето од страна на финансиските друштва укажува на неколку факти. Прво и основно, просторот за продлабочување на финансиската интермедијација во нашата држава е голем. Домашните кредити на приватниот сектор се околу 50% од БДП, во најголем дел од банките или околу 48% од БДП, додека остатокот е од штедилниците, лизинг компаниите и финансиските друштва. Ова е значително под нивоата во земјите од Европската Унија (ЕУ), односно кредитите на приватниот сектор во ЕУ во просек се 142,5% од БДП во 2018 година. Во споредба со земјите од Западен Балкан, нивото на домашните кредити на приватниот сектор е повисоко само од Косово. Тоа значи дека има потреба од финансиски средства. Второ, растот на кредитите од финансиските друштва укажува на фактот дека одреден дел од населението, дел од микро и малите претпријатија немаат пристап до банкарските кредити. Причините се и од стана на понудата, и од страна на побарувачката. Така, банките при одобрувањето на кредити во голема мера бараат истите да бидат обезбедени со колатерал, чија вредност е висока. Покрај колатералот, банките бараат и квалитетна кредитна историја, а кај фирмите и квалитетна оценка за профитабилноста. Во услови на сѐ уште висока невработеност, нестабилни текови на приход, висока сива економија, слабо корпоративно известување, ниска оперативна ефикасност и финансиско работење (особено на микро и малите претпријатија), прудентните барања на банките се ограничувачки фактор за пристап до кредити.

    Затоа, одреден дел од населението и фирмите има потреба од алтернативно финансирање, и покрај тоа што истото е со повисоки трошоци, но граѓаните знаат дека ќе ги добијат неопходните средства на брз и ефикасен начин кога им е најпотребно. Воедно, според компаративни мерења и анкети, процедурите за одобрување на кредити од страна на домашните банки се комплексни и долги. Можеби ова е една од причините за раст на побарувачката за кредити од финансиските друштва, чија постапка е едноставна и со минимална документација, но сепак со користење на напреден систем на оцена на кредитоспособноста на клиентите. Последно, и покрај нискиот степен на финансиската писменост во Македонија, растечкиот тренд на кредитирањето од FinТech сегментот укажува на брзо прилагодување на населението и фирмите на дигиталните трендови, кога постои потреба од финансии, но и пристап до вакви производи.

    АФД: Согласно извештајот од Светска Банка и студијата на Ernst & Young, проценката во 2019 година е дека 64% од корисниците на финансиските услуги на глобално ниво избрале Финтек компанија, наспроти 16% во 2015 година. На што според вас се должи овој голем раст?

    K.В: Индексот на прифаќање на услугите на FinТech компаниите од Ernst & Young во првата година кога беше објавен (2015 година) од 16% порасна на 33% во 2017 година и 64% во 2019 година. Свеста за FinТech, дури и меѓу оние кои не ги прифаќаат овие услуги, сега е многу голема. На пример, во светски рамки, 96% од потрошувачите знаат барем една алтернативна Fintech услуга достапна за да им помогне да префрлат пари и да вршат плаќања. Во Кина и Индија постои најголемо прифаќање (87%); Русија и Јужна Африка (82%); Холандија (73%); Велика Британија (71%); Германија (64%); САД (46%).

    Растот на FinTech индустријата, како и на секоја индустрија, е воден од потребите на потрошувачите. Ако една од основите причини на почетоците беше тешкиот пристап на голем дел од светското население да отвори сметки во банки, денес мотивите се еволуирани. Така, во 2017 година 30% од прифаќачите го рангирале лесниот пристап за отворање на сметка како примарен мотив што ги насочува кон FinTech индустријата, додека во 2019 година само 20% сметаат дека е нивен примарен мотив. Она што е значајно е дека расте процентот на испитаници кои како примарен мотив за прифаќање на FinTech производите и услугите ги истакнуваат компетитивните цени и провизии (од 13% во 2017 година на 27% во 2019 година). Помеѓу останатите причини се истакнуваат пристапот до различни и иновативни производи и услуги, како и подоброто искуство,  подобрите карактеристики на производите и квалитет на услугите.

    Што се однесува до пристапот до банкарски сметки, во Македонија овој фактор има релативно ниско значење, но сепак остава простор за влез на нови обезбедувачи на финансиски производи и услуги. Според анкетното истражување на Светка банка[3] за финансиска инклузија од 2017 година, 77% од населението во Македонија постаро од 15 години има сметка во банка. Овој процент се разликува по категории, односно 90% од работната сила (вработени плус невработени) имаат сметки во банка и 66% од неактивните. Младата популација има во помал процент отворено сметки во банки (45%), додека постарите лица имаат поголем пристап до сметки (82%). Овие факти укажуваат дека одреден процент од населението сѐ уште нема пристап до банките, што е можност за влез на FinTech индустријата.

    Во однос на цените (каматните стапки) на традиционалните банкарски производи, во последните неколку години ниските нивоа на основната каматна стапка (на благајничките записи) се пренесоа во намалување на каматните стапки на депозитите и кредитите. Сепак, анализирано во регионален контекст и пошироко, високите каматни стапки сѐ уште се ограничувачки фактор за поинтензивна кредитна побарувачка. Во однос на провизиите, сѐ уште во јавноста опстојува перцепцијата дека банките, наплаќаат високи провизии за банкарските услуги (водење на сметка, трансфери на средства, картично работење, личен банкар, други документации и сл.). Воедно, високи провизии имаат и давателите на брз трансфер на пари. Овие факти исто така укажуваат на потреба од зголемување на конкуренцијата, односно можност за влез на FinTech компании.

    АФД:  Кои се проекциите за натамошен раст и каде ја гледате иднината на fintech индустријата? Дали цените дека постоечката регулатива може да го охрабри развојот на финтек секторот во нашата земја?

    K.В: Кога зборуваме за потенцијалите за раст на FinTech секторот во домашната економија, потребно е да се земат предвид некои важни фактори.

    Прво, капацитет на целокупната домашна финансиска индустрија за иновации. Растот на финтек во најголем дел е детерминиран од влезот на странски компании, што значи трансфер на бизнис модели коишто веќе се присутни во други земји.

    Второ, технолошки развој во нашата држава е релативно низок, но имаме солидна инфраструктура за дигитализација. Така 82% од домаќинствата во Македонија имаа пристап до интернет во 2019 година (90% во ЕУ). Воедно, 74% од населението користи мобилни телефони и лаптоп за пристап на интернет, што е на просекот од ЕУ[4].

    Трето, постојната регулатива ја ограничува појавата на нови технолошки решенија во финансиската индустрија, или пак ја отежнува работата на постоечките и затоа е потребна ревизија на сите постоечки законски решенија и примена на европските директиви. Така на пример, отсуството на либерализација во индустријата за платежни услуги може да се третира како фактор за ограничување на дигитализацијата и економската и пазарна слобода во оваа сфера. Ова се очекува да се промени со новиот Закон за платежни услуги и системи со кој се имплементираат повеќе европски директиви. Понатаму, заокружување на процесот за воведување на дигитален идентитет значително би го олеснило функционирањето на финансиските институции.

    Четврто, навиките на населението се значајни. Населението во Македонија во најголем дел користи готовина при плаќањата, штеди во готовина (денарска и девизна, во сефови во банки и под перница), има склоност да врши трансфер на средства преку граница во готовина (приливи на менувачки пазар) и позајмува во готовина на пријатели и роднини. Овие навики треба време и едукација за да се променат. Воедно, во оваа насока може да помогне влезот на алтернативни даватели на финансиски производи и услуги, надвор од традиционалните, со што би се зголемила достапноста и свесноста кај населението за постоење на нови иновативни, брзи и во некои случаи поевтини производи и услуги, коишто имаат потенцијал да го намалат кешот од употреба.

    Петто, финансиска писменост е исклучително ниска, што го ограничува просторот за подинамично прифаќање и раст на FinTech секторот. Учеството на финансиски писмени возрасни во вкупната популацијата е ниско, односно само 21% во 2014 година[5], што е пониско и од регионалниот просек од 28%, или во однос на Германија каде е 66%. Воедно, само 32% од населението во 2019 година има основни и над основни дигитални вештини (наспроти 58% во ЕУ[6]).

    Шесто, демографска структура на населението е неповолна, односно младите луѓе ја напуштаат земјата, а постарите имаат отпор при користење на онлајн апликациите.

    АФД: Како здравствено-економската криза од пандемијата на Ковид-19 ќе има влијание на развојот на овој сектор?

    K.В: Негативните ефекти врз светската и домашната економија од здравствената криза со Ковид-19 ќе бидат големи и долготрајни, но кризата има потенцијал да засили некои трендови кои беа присутни во период пред неа. Дигитализацијата е несомнено еден од тие трендови (покрај свесноста за значењето на климатските промени, нееднаквоста и сл.). Ова е моментот кога е потребно да се искористат предностите од дигитализацијата и тоа во сите сфери на општеството: во образованието, здравството, јавните услуги и во приватниот сектор. Дигитализацијата може да помогне во опоравувањето на економијата, а воедно и да го зајакне капацитетот за справување со вакви шокови во иднина. Во овие рамки, постои голем простор и за FinTech индустријата. Ограничувачките фактори во домашната економија коишто се споменати погоре, а за чиешто решавање беше потребно повеќе време, може побргу да се надминат во променетото опкружување.

    Така на пример, тенденциите на почетокот на кризата покажаа на поинтензивните користење на електронските начини на плаќања од страна на населението во Македонија. Ова е само индикација дека во наредниот период може да следат промени во навиките, што би значело и полесно прифаќање на потенцијалните FinTech производи и услуги. За време на кризата, покрај што се зголеми побарувачката за готовината и користењето на платежните картички, се зголемени и користењето на дигиталните канали на банките од страна на населението. Според Народната банка, во март бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на населението се зголемил за значителни 30,3% на годишна основа, односно за 21,4% на месечна основа. За извршување на плаќањата граѓаните особено ги користеле компјутерите, но и мобилните телефони.  Ова укажува дека новата ситуација ги прошири согледувањата на населението во Македонија дека постојат и други канали, надвор од кешот и картичките, како алтернатива за плаќања. Можеби да имаше и други даватели на вакви услуги (за плаќања) од FinTech индустријата, ќе имаше и поголем проток на парите во домашната економија.

    Од почетокот на кризата, многу држави во светот со развиен FinTech сектор, ги употребија дигиталните плаќања како канал за ефикасно да допрат и да ги поддржат  невработените и оние од неформалниот сектор, а притоа минимизирајќи го ризикот од зараза. Други пак, пристапија кон обезбедување на достапност до дигитални услуги (олеснување на ограничувањата за пристап до интернет) и финансиски услуги (мобилни пари- mobile money и електронско плаќање на таксите), а некои им обезбедија субвенции на малите земјоделци преку дигитални платформи. Кај нас, пристапот до невработените, граѓаните со ниски примања и студентите беше преку платежните картички, што е далеку од користење на безбедните дигитални канали за да се допре до населението.

    Од друга страна, кризата којашто значајно ги погоди билансите на фирмите и буџетите на домаќинствата, во наредниот период само ќе ја засили потребата од пристап до финансии. Во тие рамки, улогата на банките ќе биде голема, но и на финансиските друштва и останатите небанкарски институции кои треба да бидат во поддршка на приватниот сектор. Ако пристапот на многу земји во светот на почетокот на кризата беше поддршка преку реструктуирање на долговите на приватниот сектор или нивно одлагање, во наредниот период ќе биде како да се одржи континуитетот на кредитната поддршка. Во таа насока многу централни банки, пристапија кон релаксирање на капиталните барања и наложија задршка на добивките од претходната година. Кај нас, јаките капитални позиции на банките пред кризата и стабилната база на финансирање на кредитните активности преку депозити, заедно со регулаторните олеснувања во класификацијата на нефункционалните кредити, треба да бидат во насока на активна поддршка на приватниот сектор. Од друга страна, улогата и на FinТech секторот, односно на финансиските друштва кои даваат брзи кредити треба да биде амортизер, односно да обезбеди брза поддршка за населението и микро и малите претпријатија. Затоа е потребно, овој сегмент на небанкарски институции кои се финансираат од сопствени средства и преку други извори со повисок трошок на финансирање да се поддржат. Воедно, потребно е истите да имаат еднаков регулаторен третман како и традиционалните даватели на кредити, особено што кај нив не постојат регулаторни олеснувања во класификацијата на нефункционалните кредити и истите не се признаваат како трошок, што не е случај кај банките и штедилниците.

    Да сумирам, развојот на FinTech индустријата во домашната економија ќе биде неизбежен тренд во иднина. Истиот треба да донесе поголема достапност и разновидност на финансиски производи и услуги, чиишто цени со растот на конкуренцијата треба да бидат во корист на населението и претпријатијата. Во овие рамки, кредитирањето секако ќе биде една од најзначајните функции на FinTech секторот. Рапидниот раст на активата на финансиските друштва во последните години ја нагласи потребата за финансии на населението и бизнисот во Македонија, а во овие кризни услови пристапот до кредити ќе биде потребен како никогаш до сега. Затоа, потребно е да се изгради соодветна регулатива за финансиските друштва, којашто нема да ја попречува нивната улога во поддршка на приватниот сектор, а воедно истата да значи и поддршка на финансиската стабилност во нашата држава.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично