Четири компании коишто лани направиле заедничка добивка од над 36 милиони евра и влегле во групата на ТОП 100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА, во 2021 година биле во загуба и заедничкиот минус им бил околу 7,5 милиони евра, покажува анализата на податоци во рамките на серијалот 100 најголеми компании, што ја направи порталот Пари заедно со платформата БизнисМрежа.мк.
Станува збор за: ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје, ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, БУЧИМ ДООЕЛ Радовиш и ДУРА АУТОМОТИВЕ СТРЕКЧЕРС ДООЕЛ Илинден.
Според податоците, најголема разлика од прекланскиот минус до ланскиот плус направила компанијата ДУРА АУТОМОТИВЕ СТРЕКЧЕРС ДООЕЛ, лоцирана во слободната зона Бунарџик, која успеала од минус 4,9 милиони евра да скокне на плус 14,5 милиони.
ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје успеала од минусните 1,6 милиони евра во 2021 година да профитира со 8,9 милиони евра во 2022 година.
И ЕВН ХОМЕ лани била во плус 8,9 милиони евра, но преклани имала помала загуба и таа била околу 700 илјади евра.
Радовишкиот БУЧИМ исто така успеал да се извлече од загуба која во 2021 година била 355 илјади евра, и да заработи солидни 3,8 милиони.
Компании коишто биле во минус во 2021 година, а во 2022 година биле на списокот ТОП 100 по добивка
Што се случило со овие компании за една година?
Пари го бара одговорот – како овие компании се извлекоа од минусот и успеаја да направат големи добивки?
Друштво за производство и трговија ДУРА АУТОМОТИВЕ СТРЕКЧЕРС ДООЕЛ Илинден е компанија од автомобилскиот сектор, која годинава стана дел од Линмар корпорејшн од Канада. Како компанија од автомобилската индустрија, во своето работење преклани се соочи со последиците од коронавирусот, кога силно настрада оваа гранка. Со слабеењето на пандемијата, во 2022 година во глобални рамки почнува да закрепнува автомобилскиот сектор, со што се зголемија и приходите (од 25,3 милиони евра во 2021 година на 96 милиони евра во 2022 година), па се зголеми и добивката.
ЕВН МАКЕДОНИЈА ЕЛЕКТРОСНАБДУВАЊЕ е компанија којашто снабдува корисници на либерален пазар со електрична енергија – компании и институции кои по сопствен избор купуваат струја од неа. Во 2021 година се случи енормно зголемување на цената на електричната енергија, такво што дури некои трговци со струја еднострано им ги раскинаа договорите на своите корисници затоа што повеќе им се исплатеше да плаќаат и пенали отколку да влегуваат во огромни загуби снабдувајќи ги своите корисници по договорените цени. Во таков амбиент и ЕВН Македонија Електроснабдување во 2021 година влезе во минус, но веќе во 2022 година успеа да добие повеќе корисници (се отвори простор и за сметка на тие што еднострано ги раскинаа договорите), а веќе беа појасни и матемaтиките за склучувањето договори, па реализира добивка.
ЕВН ХОМЕ е снабдувач на сите домаќинствата и е снабдувач во краен случај. Во време кога компаниите остануваа без свој снабдувач на пазарот поради едностраното раскинување на договорите, тие можеа веднаш да се префрлат на ЕВН Хоме, како краен снабдувач (гарант дека некој нема да остане без струја). Цената на оваа струја е најскапа и таму, по закон, би требало да бидат 90 дена. Но, огромен број државни институции долго останаа да се снабдуваат кај ЕВН Хоме. Растот на цената на домаќинствата (со субвенционирањето од државата) и ваквата улога на краен снабдувач успеа да ја извлече и оваа фирма, која е дел од групацијата ЕВН, од минус во плус. Што се однесува до минусот во 2021 година, и тој беше дел од енергетската криза што тогаш се случуваше.
Финансиски реузлтати на рудникот за бакар и злато БУЧИМ исто така може да се објаснат со пандемиската 2021 година, кога имаше глобално намалено производство и потреба од метали – и благородни, прекинати синџири во снабдувања, и заживувањето на глобалната економска активност во наредната година.
ЧИТАЈТЕ: КОИ ФИРМИ ИМААТ РАСТ НА ДОБИВКАТА НАД 1.000 ПРОЦЕНТИ
ПАРИ АНАЛИЗИРА: КОИ ФИРМИ ИМААТ РАСТ НА ДОБИВКАТА НАД 1.000 проценти?
Редакција Пари