Зголемениот интерес на институционалните инвеститори, прифаќањето од сè повеќе компании и системите за плаќање, како и верувањето дека тие можат да бидат добра можност за креирање на капитал во време на криза, повторно донесоа оптимизам во светот на криптовалутите, пишува Акцент.мк
Биткоинот се продава деновиве по цени многу близу до највисокото ниво досега, а зголемувањето на цените го забележаа скоро сите други водечки криптовалути.
Дополнителен оптимизам за инвеститорите во криптовалута сега може да даде објавата на американската компанија S&P Dow Jones Indeks. Тие се познати по своите берзански индекси, кои ги рефлектираат расположението и движењата на пазарот на капитал со децении, а наскоро и оние кои ги следат движењата на пазарот на криптовалути ќе бидат вклучени во нивното портфолио на берзански индекси.
Пресметките ќе вклучуваат цени на повеќе од 550 активни криптовалути, а компанијата се надева дека нивните индекси ќе им обезбедат на инвеститорите подобри податоци за движењето на цените, но и ќе го отворат овој пазар за многу нови инвеститори заинтересирани за криптовалути. Тие се одлучија на овој потег затоа што сметаат дека сега е вистинското време за тоа – дигиталните средства стануваат сè поважен дел од средствата на инвеститорите, затоа е неопходно да се имаат независни, сигурни и лесно разбирливи индикатори, според индексите на S&P Dow Jones.