ПОВЕЌЕ

    Ковачевски за автопатот до Охрид: Една косина почнува во Кичево, завршува во Албанија – проектот е направен со Гугл мапс

    Време зa читање: 2 минути

    Собранието ќе мора да одобри нов анекс договор што ќе се потпише за продолжениот рок кој го доби кинески „Синохидро“ за изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Иако е во изградба веќе цела деценија, не се знае ни уште колку време ќе биде потребно за да се доврши, ниту, пак, колкава ќе биде крајната цена на чинење. Најголемите проблеми, според премиерот Димитар Ковачевски, произлегуваат од свлечиштата.

    „И да се прави анекс, тој мора да биде одобрен во Собранието, бидејќи ова е автопат кој се прави со закон и само на тој начин може да се смени. Дополнителни средства зависат од анализите од експертите и пратениците во Собранието. Очекувам сите договори да се почитуваат. Тој автопат требаше досега три пати да биде готов. Убаво треба да се анализира зошто има толку пропусти. Еве еден податок, на готови делови од автопатот пред Нова година имаше 11 свлечишта и цели ридови беа паднати врз автопатот. Треба да се прашаат проектантите како можеле да проектираат на свлечиште кое што веднаш паѓа на автопатот. Автопатот е готов 80 отсто, но свлечиштата мора да се регулираат“, одговори на новинарско прашање Ковачевски.

    Го гледал проектот и како пример посочи дека една од косините е направена така што почнува од Кичево, а завршува во Албанија. „Тој проект е направен со Гугл мапс“, вели премиерот.

    Овој проект првично требаше да чини 375 милиони евра, а потоа се зголеми на 600 милиони евра. А, дали ќе биде надминат и тој износ, Ковачевски вели дека тоа се прашања на кои можат да одговорат само од Министерството за транспорт и врски и од ЈПДП. Сепак, додава, дали ќе бидат потребни дополнителни средства ќе покажат анализите на експертите во државните институции и на пратениците во Собранието.

    Претходно опозицијата обвини дека во март ќе се навршуваат 10 години од почетокот на изградбата на овој автопатот, а Владата е одговорна затоа што придонесува за стагнација на туризмот и на економијата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично