ПОВЕЌЕ

    Контролинг во Банкарство

    Време зa читање: 5 минути

    Финансиските институции се деловни субјекти чија основна дејност е прибирање на парични средства, нивно насочување во финансиски пласмани и вршење на финансиски услуги. Банките како финансиски институции пред се имаат голема и важна улога во целокупната економија и придонесуваат за нејзиниот раст и развој. Тие го подобруваат и подпомагаат протокот на информации помеѓу инвеститорите и оние кои позајмуваат пари. Имајќи го во предвид минатото, тие ја контролираат сегашноста и ја предвидуваат иднината на финансискиот ситем и на тој начин го ублажуваат ризикот кој не може да биде диверзифициран и даваат сигурност на оние кои ги користат услугите на финансискиот систем. Успешноста во банкарството е дефинирана  како процес во кој задачите или активностите се правилно извршени и по правилата на регулативата. Банките треба да се осигураат дека нивните вработени ги извршуваат своите работни задачи и одговорности ефикасно и на време, а тоа во иднина резултира со максимална искористеност на ресурсите односно правилна алокација на ресурсите на единиците на кои им се потребни, а задачите се извршени правилно и навремено. Клучните одлуки во компанијата и одговорноста за деловниот успех ги носат менаџерите. Контролингот им помага на менаџерите да ја зголемат ефикасноста и ефективноста, а со тоа и поголема агилност кон промените. Контролингот обезбедува транспарентност во развојот на  стратегијата, процесите, финансиите, а со тоа и на резултатите на самата институција. Контролингот овозможува децентрализација на обврските и пренос на одговорностите на пониските нивоа на менаџмент во согласно со современите деловни трендови.

    Од тие причини, банките исто така мора да се прилагодат на новите трендови и активно да се вклучат во новите форми на работење, т.е нови производи и услуги. Населението се повеќе и повеќе се насочува кон нови форми на штедење како што се пензиски, инвестициски фондови и осигурителни компании. Зголемувањето на побарувањата од страна на клиентите ги принудија банките да ги диверзифицираат своите понуди. Растечката конкурентност, зголемената динамика и комплексност поставија нови барања до менаџментот на банките. Овие деловни внатрешни и надворешни влијанија станаа главна причина за имплементација на контролингот во банките.

    Менаџментот е одговорен за одлуките, додека контролерот е одговорен за информациите, на средината каде што се преклопуваат одговорностите, во заедничка синергија се развива контролингот.

    Откако ќе се дефинираат стратегиите, во координација со менаџментот и контролингот и ќе се направи план за нивно спроведување, потребно е тие планови да се спроведат. Ова е критична точка внатре во самиот менаџмент која пак контролингот како клучна функција значително ја олеснува. Контролингот поставува стандарди, дава квантитативни мерки, перформанси што ги следат стандардите и ги корегираат отстапувањата од плановите што се јавуваат при нивната имплементација.

    Контролингот во банките има две компоненти – материјална и формална. Ориентираноста спрема профитот и сигурност во управувањето со деловните активности и области ја претставува материјалната компонента, додека пак формалната компонента, контролингот ја спроведува преку континуираниот процес на планирање и контрола.

    Главните инструменти преку кои контролингот може да делува во банкарскиот систем се делат во два смера – стратешки и оперативни инструменти. Различни инструмети се употребуваат за различни цели, а имплементацијата на тие инструменти е задача на менаџментот и контролингот.

    Најчести стратешки инструменти на контролингот се:

    • SWOT анализа
    • PESTLE анализа
    • BALANCED SCORECARD (BSC)
    • GAP анализа
    • BENCHMARKING итн.

    Додека пак, најчести оперативни инструменти на контролингот во банките се:

    • ПАРЕТО дијаграм (ABC анализа)
    • Анализа на показатели
    • Оперативно планирање
    • Scoring модели итн.

    Динамиката на деловното окружување има најголемо влијание во 21 век. Банките мора да ја следат дигитализацијата и технолошката трансформација која ја наметнува самиот пазар. Моменталниот ситуација на некој начин ќе ги поттикне банките да  гравитираат кон дигитализација и на тој начин ќе им овозможи да ги искористат сите можности кои им се нудат. Excel табелите и data warehouse може да се заменат со напредна технологија која автоматски може да ги структуира, неструктуираните податоци во базата и тие информации динамички и интерактивно ќе му се пласираат на контролингот. Со самото автоматизирање на овие процеси, вработените во контролинг секторот во банките, ќе може повеќе да се фокусираат на изработка на анализи који ќе имаат додадена вредност, а помалку ќе работат на консолидација на извештаите и усогласување со сметководствените стандарди.

    Може да се заклучи дека контролингот е важен и неразделе дел од управувањето со банката. Успешно поставен односно имплементиран контролинг помага во остварување на целите на банката, изработка на извештаите во согласност со стандардите, ја зголемува ефикасноста и задоволството на вработените, обезбедува дисциплина, ја намалува потребата за супервизија и на крајот обезбедува добро планирање и намалување на трошоците во периодот кој следи.

    Автор:Митка Мојсовска 

    Авторот на текстот е сертифициран тренер за контролинг – финансов директор во КОЛА дооел Скопје.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично