ПОВЕЌЕ

    Костов, Илоски и Штериева се засилија со двајца нови директори во Управниот одбор на Комерцијална банка

    Време зa читање: 2 минути

    Управниот Одбор на Комерцијална Банка АД Скопје го прошири својот состав со два нови члена. Во соопштението кое го објави банката стои дека новите членови се Билјана Максимовска Поповиќ и Никола Џамбазовски, кои се едни од раководните лица на Комерцијална. „Пари“ во март годинава објави дека Комерцијална Банка одлучи да го измени статутот со што ќе го зголеми бројот на членови на Управниот Одбор на банката од три на пет.

    Во своето соопштение, Комерцијална информираше за следново: „Согласно Глава 6 од Правилата за котација, известуваме за следната ценовно чувствителна информација: Комерцијална банка АД Скопје известува дека, согласно последните измени на Статутот на Банката, Управниот одбор на Банката во состав – Хари Костов, Претседател и Главен извршен директор, Илија Илоски, Член и Главен оперативен директор и Маја Стевкова Штериева, Член и Главен финансов директор, е проширен со уште двајца нови членови – Билјана Максимовска Поповиќ, Член и Главен директор за корпоративно банкарство и Никола Џамбазовски, Член и Главен директор за продажба и развој“, стои во соопштението на Комерцијална.

    Двајцата нови членови на Управниот одбор добија согласност од Народната банка на РСМ на 15.06.2022 година со мандат од 2 години. Билјана Максимовска Поповиќ има 25 годишно работно искуство во Банката од кое 19 години на раководни позиции во Секторот за кредитирање на стопанство. Во 2003 година таа станува дел од менаџментот на Банката како директор на Дирекцијата за кредитирање на индустрија, а подоцна во 2007 година е назначена за директор на Секторот за кредитирање на стопанство. Од 2022 година ја извршува функцијата Главен директор за корпоративно банкарство

    Никола Џамбазовски, има 19 години работен стаж во Банката во областа на кредитирање на стопанството и управување со проблематичните побарувања, од кои на раководни позиции последните 12 години.Од 2017 година е назначен за директор на новооснованата Самостојна дирекција за наплата на проблематични кредити, функција која ја извршува и денес. Од 2017 до 2022 година Џамбазовски беше неизвршен член и Претседател на Одборот на директори на Тутунски комбинат Прилеп. Од 2022 година ја извршува функцијата Главен директор за продажба.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично