ПОВЕЌЕ

    Атанас Кочов, кандидат за ректор на УКИМ: Заедно со вработените и со илјадниците студенти можеме да направиме големи промени

    Време зa читање: 4 минути

    Ако сакате да уништите нација, почнете од образованието, не ви се потребни нуклеарно оружје или ракети со долг дострел – оваа дамнешна изјава на универзитетски професор од Јужна Африка последниве години е мошне актуелна. Често се повторува кога се зборува за актуелните состојби во тој значаен и чувствителен општествен сегмент во Македонија, но и во другите балкански држави. Вредностите се девалвирани, а со тоа сосема е потисната вистината дека почетокот, основата или темелот е во образовниот систем, а се понатаму е надградба.

    Многу често повторувам дека високото образование е најважниот столб во државата. Секако, заедно со здравството и со политиката. Здравството е во колапс. Ако го доведеме и високото образование до тој стадиум, тогаш не ќе може да сметаме дека имаме држава“. Ова е размислувањето на професорот од Машинскиот факултет, д-р Атанас Кочов, кој со идеја и убедување дека може многу да направи во консолидацијата на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, влезе во изборната битка за нов ректор.

    Од осамостојувањето до денес, низ овој ресор минале 24-25 министри за образование и наука. Тоа е неспоиво со начинот на развој на високото образование. Кој и да дојде не може целосно да се посвети на работата, ни на основното, ни на високото образование. Нема ни време за имплементација на некоја од идеите“, вели Кочов.

    За високи достигнувања потребни се инвестиции.

    Вложувањата во високото образование од година во година се се помали. Не се чекори кон Еропа со 0,1 процент вложување во науката. Во кој се пресметани и платите на вработените во високото образование. Која и да е на власт, која и да е партија, мора да обрне внимание на високото образование како столб на натамошниот развој. Затоа УКИМ мора да е тој столб. На ‘Св. Кирил и Методиј‘ му е предодредено да ја има улогата на врзивно ткиво на сите државни сегменти. Крајно време е да се посвети внимание на тоа“, препорачува професорот кој зад себе има солиден стаж и два мандата на позицијата декан на Машинскиот факултет.

    За осовременување на наставата, за целосна имплементација на Европскиот кредит трансфер систем, исто така е неопходно вложување.

    Треба да се грижиме европскиот систем да го донесеме кај нас, а не да трчаме по Европа. Имавме многу темпус проекти со кои правевме адаптација на нашите студиски програми во однос на европските. ЕКТС го прифаќам, но тој треба целосно да се имплементира. Тоа, пак, подразбира вложување во образовниот систем. Вложување во нови лаборатории, во материјали… Ако сакате да му дадете на студентот квалитетна настава, да му дадете и да се стекне со квалитетно знаење, тогаш мора да се инвестира. Бадијала е да се има ЕКТС, а освен предавања да нема средена лабораторија каде што студентот реално ќе ги осознава работите. Навистина е крајно време државата да се замисли околу сето тоа“, дециден е Кочов.

    За реализација на големите потфати и за враќање на славата на УКИМ, многу е важно кој стои на чело на најстарата македонска високообразовна институција.

    Просторот за делување на ректорот е голем. УКИМ треба да е респектиран од Владата и со сите кадри кои ги има може да направи големи промени во државата. Никој не треба да се плаши од тоа. Тие 1.500 вработени и 25 илјади студенти, се огромна бројка луѓе кои треба да бидат и слушнати и послушани. Тоа покажува дека има критична маса. Значи, плановите за подобрување на состојбите, за унапредување на Универзитетот можат да се реализираат ако се настапи со факти. Фактите да се претстават пред било кој политичар. Воедно, за да се постигне напредок, потребна е уште една работа – да се отворат вратите и да се внесе во високото образование оној капитал кој постои во европските фондови и е наменет за поддршка на науката“, категоричен е кандидатот за ректор на УКИМ, Атанас Кочов.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично