ПОВЕЌЕ

    Атанас Кочов, кандидат за ректор на УКИМ: Со зајакнати критериуми ќе нема многу магистранти и докторанти, но ќе има квалитет

    Време зa читање: 4 минути

    Со либерализацијата на Законот за високо образование од 2002 година се намножија универзитетите и факултетите во Македонија, јавни и многу приватни. Тоа овозможи упис на илјадници студенти, наплив од дипломи, титули магистри и доктори на науки. За перод од една деценија, од 2012 до 2022 година државата добила 1.999 доктори на науки и 17.374 магистри. Од нив, 583 магистри и 18 доктори на науки имаат свое место во прегледот на невработени што го прави Агенцијата за вработување. Состојбата е од 30 април.

    Ова се лоши времиња и за високото образование и за најстариот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Промени се потребни веднаш.

    Во последно време Универзитетот тоне. Не постои стратегија која што ќе го води напред. Единствената Стратегија е од 2019 до 2023 година. Што и како понатаму?“, посочува д-р Атанас Кочов, професор на Машинскиот факултет, кој се кандидира за ректор на УКИМ затоа што, вели, има програма, енергија, мотивација да ги обедини вработените и заедно, тимски да покажат дека „Св. Кирил и Методиј“ нема конкуренција.

    Јас сум за тоа да се полагаат приемни испити при уписот на факултетите. Филтер мора да постои. Оние деца кои се добри и се решени да студираат, тие ќе излезат на површина. Всушност, приемни треба да има и на приватните универзитети. Да важат истите критериуми. Во Македонија има повеќе од 33 високообразовни институции и седум јавни универзитети. Премногу е. Тоа е нелојална конкуренција. Затоа и е потребен контролен систем. Но, кај нас се уште не функционира“, говори професорот за актуелните состојби.

    Во тој контекст и за големиот број магистри и докторанти.

    Противник сум на таа продукција. Со ЕКТС како се да се сведе на образованието, односно на наставата. Се чини, само во школата за докторски студии е задржан оној дел на истражување. За се изработи докторат, потребно е да сте дел од некој проект, да направите истражување. Националните проекти за наука и истражување неколку години веќе ги нема. Прашање е кој ги финансира науките кога се работи за докторските дисертации. Значи, во рамки на Универзитетот треба да видиме што правиме и каков е квалитетот на сите оние магистерски и докторски студии. Обврската за секој докторант, согласно Правилникот, е да има најмалку два труда објавени во релевантно списание. Или, ако има 200 докторанти, тоа претпоставува дека се публикувани 400 трудови во релевантни списанија. Сосема е друга работата што се смета за релевантно списание“, образложува Кочов.

    Воедно со сигурност тврди: „Ако ги зајакнеме критериумите, и бројот на магистри и на докторанти ќе биде намален. Задолжен тоа да го направи е Одборот за евалуација. Во негова надлежност е да го промени начинот на вториот и третиот циклус студии во рамките на универзитетите“.

    Исто така, уверен е дека УКИМ кој секогаш бил извор и креатор на научната и академската елита, креатор на сите политики на државата на домашен и на меѓународен план, повторно ќе биде стожерот на науката и високото образование. За тоа вреди да се впрегнат силите и многу да се работи.

    Решив да дадам се од себе, до последниот атом енергија, за работите да ги промениме. Но, еден човек тоа не може да го направи. Сите заедно, можеме. Само треба да се сфати дека е тоа тимска работа. Треба да се надминете себеси и да кажете – ова не го правам за функција. Треба да се биде лидер. Само на тој начин може да се сфати дека е потребно да се дадете себеси, да се вложите и многу да постигнете. Ова не се само декларативни заложби. Ќе работам со сите мои сили заедно со сите вработени на УКИМ“, категоричен е Атанас Кочов, професор со искуство и со визија за возобновување на државотворниот македонски Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично