ПОВЕЌЕ

    Анализа: Картелот како производ на експлицитна колузија

    Време зa читање: 4 минути

    Кога правиме анализа на потрошувачките потреби и продуктите кои секојдневно ги користиме, може да се забележи дека колку тие продукти се понеопходни толку е поголема концентрацијата на субјектите кои ги произведуваат/продаваат. Без разлика дали се работи за точење на гориво, купување на основни лекарства, основни потреби од електрична енергија, парно или вода, мобилни или телефонски услуги и ред други, заклучокот е дека пазарот за истите е контролиран од неколку големи играчи. И ова не е изолиран случај само за нашата економија, тоа е глобален феномен. Ваквата пазарна структура во економската терминологија се нарекува олигопол и учесниците во него креираат најголем дел од понудата во индустријата.

    Една од клучните карактеристики на олигополот е тоа што има многу големи бариери за влез во тоа одбрано друштво. Тие бариери може да бидат од типот на неисполнување на потребното ниво на капитал или користење на изградениот бренд како примарна бариера. Исто така, меѓузависноста на компаниите при донесувањето на дел од стратешките одлуки е категорија со приоритетен пристап. Тука се мисли на имплементацијата на одлуки поврзани со цени, маркетинг кампањи, ниво на аутпут/услуга, пазарно учество и слично. Во една таква поставеност на површина испливуваат два типа на олигопол.

    Првиот е класичен олигопол каде помеѓу фирмите постои конкуренција и се натпреваруваат помеѓу себе за што подобар производ и подобра цена и втората варијанта на олигопол – колузија. Колузијата исто така има два подтипа: првиот тип е ценовно лидерство (форма на колузија кога постои таен договор помеѓу учесниците во олигополот) и картелот кој е експлицитна (јавна) форма на договарање.

    Во економската теорија и пракса потврдени се ставовите околу големиот број на негативни импликации кои се генерирани од постоењето на картелите и тие главно се сегментирани кон следните параметри: ограничување на конкуренција, економска неефикасност, повисоки цени за потрошувачите, неискористување на економија од обем и на крај остварување на огромни профити за компаниите, како и помал бруто национален производ. Сето тоа може сублимирано да се пренесе преку следниот графикон кој го прикажува ефектот од делувањето на еден од најпознатите светски картели OPEC(Organization of Petroleum Exporting Countries).

    На графиконот е прикажана состојба кога земјите членки на OPEC преку најразлични договори и спогодби ја ограничуваат понудата на енергенси на пазарот, преку намалено производство (поместување од Q1 кон Q2) и предизвикуваат придвижување на кривата на понудата кон состојба S2. Таквата ситуација, проследена со константна побарувачка, води кон остварување на повисоко ценовно ниво, во точката P2.

    Ова на најпластичен начин го отсликува функционирањето на картелите и иако голем број на државни мерки биле донесени за справување со ваквата состојба, сепак сведоци сме дека реалноста е поинаква од она што треба да биде на хартија. Во една таква ситуација, кога сите сме свесни за големината на таквите компании и кога нивната регулација е речиси невозможна, се поставува прашањето кои бенефити може да ги извлечеме и како нивното работење да го канализираме кон остварување општа корист.

    Како еден од клучните позитивни елементи при анализата на картелите е тоа што преку нивната ограничена понуда спречуваат појава на хиперпроизводствена криза. Исто така преку поставување на цената на производите над т.н. breakeven point го лимитираат бројот на банкротирани компании, кои обидувајќи се да се пробијат на пазарот ја поставуваат цената на своите производи под нивото на производствени трошоци.

    Понатаму, стабилизирајќи ја цената на производите придонесуваат за поголем степен на инвестиции, а со самото тоа долгорочно обезбедуваат зголемен аутпут и поголема продуктивност. На крај, во однос на работните места, работејќи со речиси константно ниво на вработени, придонесуваат за ненарушување на стапката на вработеност.

    Картелите се стари колку што е старо организираното производство и несомнено е дека истите нема да исчезнат или целосно да бидат контролирани. Во таа насока, меѓународната регулатива која ги опфаќа економските позиции треба да биде насочена кон креирање на посебна правна рамка во која ваквиот тип на организации ќе има поинаков третман од останатите. Во таа рамка несомнено даночната регулатива треба да биде водилка околу која ќе се креира остатокот од регулативата.

    Исто така посебен интерес треба да се насочи кон искористување на природните ресурси, заштита на животната средина и секој останат облик на додадена вредност од трансформација на капиталот во севкупна корист за поединците. За ова да има успех заложбите на секоја  држава треба да бидат насочени кон хармонизација на своите закони и обезбедување на фер и еднаков пристап кон сите приклучни чинители.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично