Во периодот од 01.01.2020 до 30.06.2020 година Стопанска банка АД – Скопје оствари позитивен финансиски резултат во износ од 951.556 илјади денари. Намалувањето на добивката е пред се резултат на глобалната пандемија и последиците како на глобално ниво така и во домашната економија.
Кон крајот на првиот квартал се случи пандемија ковид-19 која започна да се шири на глобално ниво предизвикувајќи сериозни импликации врз здравјето на луѓето со соодветен голем импакт и во економската сфера. Стопанска Банка АД – Скопје веднаш презеде мерки за заштита како на вработените така и на клиентите, со почитување на сите препораки кои започнаа да се објавуваат од страна на сите релевантни авторитети.
Стравувањата дека COVID-19 може да резултира со пролонгирана здравствена криза преку втор, па дури и трет бран, се остварија како на глобално така и на домашно ниво. Во првиот квартал од годината, домашната економија регистрираше скромен раст од 0,2% на годишно ниво. Растот беше исклучиво воден од финалната потрошувачка, додека инвестициите и извозот забележаа пад.
Високофрекфентните податоци за вториот квартал упатуваат на позначителен пад на економската активност. Во однос на ценовните движења, ниската побарувачка допринесува за умерена инфлација, при што позначаен раст е регистриран единствено кај цените на храната. Кај платниот биланс се уште нема поголеми нерамнотежи, односно дефицитот на тековната сметка е во рамки на проекциите.
Поголем дефицит е регистриран во буџетот на државата и со 30.06.2020 тој изнесува 420.6 милиони евра или 3,7% од БДП. Ова е резултат на зголемените издатоци заради справување со корона кризата, но и намалените приходи поради пониската профитабилност на приватниот сектор. Јавниот долг за истиот период достигна 6,527.0 милиони евра или 59,5% од БДП.
Зголемената задолженост е главно резултат на седмата еврообврзница од 700 милиони евра (6 години рок на отплата и каматна стапка од 3,675%), како и кредитот од ММФ во износ од 176.5 милиони евра – двете со цел обезбедување на ликвидност заради полесно справување со последиците од здравствената криза.
Како и до сега, Стопанска банка АД – Скопје ќе продолжи да ги превзема сите потребни мерки и активности потребни за минимизирање на негативното влијание од кризата и прилагодување кон новонастанатите макроекономски услови.