ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | Дисоска: Компаниите раководени од жени долгорочно имаат подобри резултати, но женскиот труд се дискриминира

    Време зa читање: 9 минути

    Валентина Дисоска врши две значајни функции – претседателка е на Здружението на бизнис-жени и на Националната платформа за женско претприемништво. Во разговорот за Пари, таа вели дека компаниите прават дистинкција помеѓу мажите и жените за својот напредок, сметајќи дека жената поради неплатените и непризнаените работни обврски во фамилијата нема да може да ги извршува доволно добро работните обврски во компанијата. Родовиот јаз во платите постои и според последните истражувања изнесува околу 12 %, што значи дека за исто работно место и за извршување на иста работа жените се помалку платени.

    Пари: Кои се заложбите на Здружението на бизнис-жени, а кои на Националната платформа за женско претприемништво, и како тие се надополнуваат меѓусебно?

    Дисоска: Здружението на бизнис-жени е основано во 2010 година, во време кога не се препознаваше или многу малку беше препознаена темата за жените во претприемништвото, кога првото прашање беше: А зошто се двоите, нели бизнис е бизнис, и нема разлика во водењето на бизнис? Не се препознаваа, па можам да кажам дека и сега донекаде не се препознаваат разликите и зошто треба да го третираме женското претприемништво со посебна нега, со посебни мерки и зошто треба да му се посветиме за да препознаеме успех. По долгогодишна работа на Здружението на бизнис-жени, спроведување на различни проекти и многу работа на терен, заедно со нашите партнери, Фондација за менаџмент и индустриско истражување и Сојузот на стопански комори, работиме на проект којшто е кофинансиран од Европската Унија, во кој ги споивме сите претходни иницијативи кои сме ги сработиле во минатото, а кои беа основа за да се развие денешната Платформа за женско претприемништво.

    Визијата од Здружението на бизнис-жени е следнава: Здружението на бизнис-жени претставува специфичен и компетентен партнер во дијалогот на државниот, невладиниот и приватниот сектор, што придонесува за социјален и економски развој, со посебен акцент на женското претприемништво како фактор на економскиот раст. Мисијата, пак, е следнава: Здружението на бизнис-жени има водечка улога во организирање на дијалог и соработка на деловните жени, со цел да се обезбеди поддршка и промоција на жените претприемачи во Македонија. Здружението е активно ангажирано во застапувањето за подобрување на бизнис-климата и поттикнување вмрежување на локално, регионално и меѓународно ниво.

    Kреирањето на Национална платформа за женско претприемништво произлезе од потребата за дијалог, структурна соработка и доверба за женското претприемништво со националната и локалната власт, граѓанските организации и деловната заедница, со цел економско зајакнување на жените, вклучувајќи ги младите и жените од руралните подрачја. Фокусот е насочен кон зголемување на еднаквоста и промовирање на инклузивен и одржлив економски раст.

    Платформата има за цел да обезбеди неопходна основа за влијание врз севкупниот развој на женското претприемништво во земјава, вклучувајќи ги и процесите на ЕУ-интеграција преку воведување на ефикасен механизам за консултации, застапување и влијание.

    Со креирање на платформата и со потпишувањето на декларации (досега имаме потпишано над 150 декларации од општини, институции, организации, креирани совети за женско претприемништво или во фаза на креирање во повеќето општини на ниво на цела држава) можеме да кажеме дека телото на платформата веќе станува доволно големо за да бара конкретни промени за поставување поволни услови за женското претприемништво, што, впрочем, е и цел на нашето работење.

    Пари: Глобално, во целиот свет женскиот труд е помалку платен. Дали имате некои статистики за Македонија и што покажуваат тие?

    Дисоска: Родовиот јаз во платите постои и според последните истражувања изнесува околу 12 %, што значи дека за исто работно место и за извршување на иста работа жените се помалку платени. Тука не спаѓаат државните институции бидејќи кај нив висината на платата е определена со правилници и тука нема дискриминација, таа се јавува во приватниот сектор.

    Пари: Каква е состојбата со менаџерските функции, имате ли податоци или проценка каков е односот на жени наспрема мажи на менаџерски функции?

    Дисоска: За жал, немаме такви податоци со понова дата, последното истражување кое ние го правевме беше во 2016 година, кога правевме истражување на управувачките позиции во компаниите кои котираат на берза и тогаш процентот беше помал од 4 %. Додека пак, на менаџерски позиции во целост, вклучувајќи ги тука и институциите во тоа време, жените беа застапени со 12 %, но мислам дека денес бројот не изнесува повеќе од 20 %, иако нема спроведено истражување ниту статистички податоци на оваа тема.

    Пари: Дали сметате дека податоците за платите и за управувачките функции се одраз на сѐ уште присутниот тренд на родова нееднаквост, можеби и со доза на шовинизам, или, сепак, мажите успеваат да имаат поголема продуктивност, или поголеми лидерски способности?

    Дисоска: Дефинитивно не се согласувам дека мажите имаат поголема продуктивност и лидерска способност, и тука не станува збор за квалитетот на жените, бидејќи ако погледнеме статистички, жените се подобро едуцирани од мажите и компаниите раководени од жени долгорочно имаат подобри резултати. Ситуацијата се должи на креирањето на светот на жената во нашето општество со сите стереотипи и со сите стигми кои ги носи нашето општество, за кои треба длабоко да размислиме и силно да работиме за да ги искорениме. Различното перцепирање на улогата на жената потекнува од пред илјадници години, тука се религијата, традицијата, семејството и улогата на жената во семејството, литературата, народното творештво, секојдневните навики, но, сето тоа гледано од денешен агол е една искривена слика за улогата и за можностите на жените во современото живеење. Сметам дека жената не е веќе на истата позиција како во минатото, таа ги поседува вештините и квалитетите, праксата тоа и го покажува, она што ни недостасува е градење на поголема самодоверба кај жените за да се осмелат да одат кон лидерските позиции, од една страна, и од друга страна, што е уште поважно, да се кршат стереотипите во т.н. машки свет на високи позиции, да се даде можност да се искрши „стаклениот таван“ кој е поставен над жените, за да се види квалитетот и да се ползуваат успесите.

    Пари: Дали сте се сретнале со жени кои на својот професионален пат биле попречувани – било да е од семејството кое им сугерирало дека тие треба да бидат мајки, домаќинки…, или, пак, од самата компанија во која работеле, ставајќи ги во втор план?

    Дисоска: Дефинитивно да, многу често се случува жена да не може да напредува заради улогата на жената во нашето опкружување, каде што на жената ѝ се припишуваат сите неплатени активности во домот и опкружувањето. Иако се во заедница преземањето на улогите не е еднакво поделено и товарот оди на жената. Оттука, компаниите прават дистинкција помеѓу мажите и жените за својот напредок, сметајќи дека жената поради неплатените и непризнаените работни обврски во фамилијата нема да може да ги извршува доволно добро работните обврски во компанијата. Исто така, се случуваат и дискриминации на управувачки позиции и со различно платени позиции, мажите добиваат поголеми плати од жените за истите управувачки позиции.

    Пари: Ајде малку да зборуваме за успешните жени. Националната платформа за женско претприемништво неодамна додели награди за жени претприемачки на годината. Кои се на самиот врв во изборот и кои беа критериумите по кои беа избрани?

    Дисоска: Еден од стратешките приоритети на Стратегија за развој на женското претприемништво 2019‒2023 е промоција на женското претприемништво преку реализација на повеќе мерки и активности, меѓу кои и воведување на годишни награди за жени претприемачи.

    За реализација на активноста воведување на годишни награди за жени претприемачи, Министерството за економија, како институционален покровител, и Националната платформа за женско претприемништво, со која во 2021 година се потпиша меморандум за соработка, по втор пат организираат „Избор на Жена ‒ Претприемач на годината“. Изборот се спроведува преку селекција на најдобрите компании во сопственост и управувани од жени врз основа на официјални податоци од завршните сметки на претпријатијата за последните три години, кои Министерството за економија ги обезбеди од Централниот регистар.

    Со цел наградување на најуспешните, кои и во време на економска криза успеале да остварат позитивни резултати, а со тоа и да придонесат во јакнење на целокупната економија, побаравме од Централниот регистар да ги селектира компаниите кои ги исполнуваат следниве критериуми: Основната дејност да не е трговија; Да се активни во последните 3 години; Претпријатието да биде во сопственост на жена над 50 % и управител да биде жена; Да бидат минимум 51 % во домашна сопственост; Секоја наредна година да остваруваат поголем приход; Секоја година да остваруваат добивка; Секоја наредна година да го зголемуваат бројот на вработените; Во Регистарот на вистински сопственици да биде евидентирана жена сопственик.

    Доделивме награди во 3 категории, и тоа: микрокомпании, мали компании и средни компании.

    Најдобрa жена претприемач во категоријата микрокомпании е Даниела Јосевски, Јосевски Консалтинг од Кочани. Најдобра жена претприемач во категоријата мали компании е Ивана Спасев, Сакам Книги ‒ Скопје, а во категоријата средни компании, тоа е Славица Алексоска, СА ТЕКСТИЛ ‒ Прилеп.

    Пари: Кои се следните активности што ги планира Здружението, а кои Платформата, и како во нив да се вклучат што повеќе жени?

    Дисоска: Плановите за идни активности се многубројни. Здружението на бизнис-жени работи на повеќе теми, како што се обука, мотивирање и вклучување на жените кои се долгорочно невработени на пазарот на трудот со што работи на подобрување на социоекономската ситуација на жените од една страна, додека пак, од друга страна, им помага на компаниите да стигнат до квалитетен кадар за вработување, работи на дигитално описменување, социјално претприемништво, обуки, тренинзи за вештини за водење на бизнис-програми и менторски програми. Додека пак, со Националната платформа за женско претприемништво ќе продолжиме да работиме на креирање подобра средина за водење бизнис, креирање можности за бизнисите, како и работа со младите девојки за препознавање на претприемништвото како избор на професија по завршувањето на образовниот процес.

    ЧИТАЈТЕ И: 10 ДАМИ УСПЕШНО ПРАВАТ ДОБИВКИ – Ланскиот заеднички профит им бил 24 милиони евра

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично