ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ СО МАРИНА АНЧЕВСКА – основач на првиот акредитиран НЛП центар во Македонија

    Време зa читање: 8 минути

    Марина Анчевска е првиот меѓународно сертифициран и акредитиран НЛП Мастер тренер и основач на првиот акредитиран НЛП центар во Македонија.

    Бизнисот е луѓе, Луѓето се Бизнис!

    Центарот за Бизнис Психолгија – Системски НЛП, ЈИЕ обезбедува поддршка за компаниите во процесите на нивните организациски промени преку организирање на тренинзи за извршните директори,  секторските раководители и сите вработени кои се дел од организацијата. Исто така, обезбедуваме специјално дизајнирани обуки за различни типови на организации, компании и здруженија на граѓани. Нашите програми за личен и професионален развој се погодни за сите индивидуи и организации кои се стремат кон постојан раст и унапредување на нивното дејствување – индивидуално и колективно.

    Дали инвестирањето во вработените е трошок или инвестиција?

    Доколку зборуваме за современо менаџирање и лидерство тогаш дефинитивно инвестирањето во луѓето е најпаметното нешто што организациите континуирано треба да го прават. 

    Праксата покажува дека современите бизниси кои што се стремат кон одржлив и постојан развој, најмногу инвестираат во личниот развој на вработените. Само оваа инвестиција на долг рок се покажала дека е повратна, бидејќи го мотивира развивањето на лична и системска свесност кај секој вработен. Самосвесни вработени се најдрагоцениот капитал на секоја организација. Капитал на кој му е потребна грижа, капитал кој треба да биде и соодветно вреднуван.

    Дали платата е доволна за мотивација?

    Вреднувањето на човекот како личност е најсуштинско. Недостатокот на вреднување и почит во последните години, порај недостатокот од можности за личен развој во рамки на организацијата, е еден од факторите кој придонесува за заминување на вработените од една организција. Се случува вработениот да си замине во друга организација дури и за помала плата, онаму каде што се чувствува вреднуван како човек.

    Многу се говори за свесното лидерство и во корпоративниот свет. Дали е истото поврзано со личниот развој и зошто е важно? 

    Светските истражувања покажуваат дека повеќе не се доволни инвестирања во тренинзи за усовршување на способностите, зголемувањето на перформансите, продажни и комуникациски вештини и слично. Со инвестирање во растеж, односно во личен развој на секој поединец кој што е дел од организацискиот систем, вработените се поттикнуваат да го развиваат свесното лидерство, т.е. личната одговорност за зголемување на колективната интелигенција на организацијата во целост. Секој може да напредува и да биде лидер, меѓутоа не секој е свесен лидер и е инспирација и мотивација за другите.

    Свесното лидерство подразбира:

    Континуирано зајакнување на личните капацитети и капацитетите на другите;
    Себе коучирање и коучирање на другите;
    Споделување со другите; и
    Ко-креирање и поттикнување на иновативноста во секој поглед.

    Свесното лидерство значи посветеност, грижа и почит кон колективното. Свесното лидерство не задоволува индивидуални цели туку системски, колективни. Свесниот лидер  е буден лидер.

    Често пати говорите за системски пристап во тренинзите. Што тоа значи?

    Трендовите укажуваат на тоа дека кога се инвестира во вработените значајно е да се земе во предвид дека вработениот е дел од поголемиот систем, така наречен организациски систем кој што има своја динамика на дејствување и истата влијае на индивидуата, и обратно, индивидуата влијае на системот. Индивидуата е дел од еден поголем систем во секаков вид на партнерство, семејство, тим, организација, во општеството. Овој системски пристап ги идентификува процесите на комуникација и однесување во системот, базирани на вредностите и уверувањата на групата, т.е. системот.

    Во позадина на однесувањето, дејствувањето, мотивацијата, одлучувањето, како и сите други секојдневни лични и професионални процеси, се испреплетени сите динамики на семејните системи од каде што доаѓаме. Откривањето, разбирањето и разрешувањето на несвесните обрасци, т.е. динамики во било кој тип на системска релација, може да креира значајна промена во перцепцијата, однесувањето и дејствувањето. Овие динамики не можат да се разрешат без да се разбере динамиката на групата, на системот.

    Системските динамики не одговараат на проценки на личност, тимски профили и други модели. Тие се позади сите рационални интервенции и бараат да бидат откриени само преку практична системска интервенција. Работејќи само на личноста може да се отстрани симптомот, но динамиката која што припаѓа на ниво на систем едноставно повторно ќе се појави и ќе биде изразена во друг контекст.

    Како се одвива целиот процес на личен развој? 

    Инвестирањето во личниот развој на вработените може да се одвива на неколку нивоа:

    Околина – Креирање на свесност за одржување на опкружувањето во кое што се работи и свесност за системската поврзаност на сите вработени и тимови. На ова ниво инвестирањето се однесува и на креирање на чиста и хармонична работна средина.

    Однесување – Однесувањето е тоа што го гледаме. Затоа е важно секој вработен да биде свесен за тоа што предизвикува со своето однесување. Каква култура на однесување сакате да креирате во вашата организација?

    Способности – Секогаш може подобро и секогаш може да се научи нешто ново. Поттикнувањето на љубопитноста, желбата за растеж, како и способноста за иновативно и креативно размислување е од непроценливо значење.

    Верувања и вредности – Вредностите се тие кои што може да ве мотивираат или ограничуваат. Истите влијаат врз способностите и однесувањето. Организациските и личните верувања и вредности можат да бидат сосема различни, но нивното спознавањето може да предизвика многу позитивни промени.

    Идентитет ­– Инвестирањето во личниот развој на вработените поттикнува свесност за нивната улога во организацијата и желба да придонесат во нејзиниот развој и успех.

    Колективност – Зголемување на колективната, системска интелигенција води кон промена на организациската култура и влијае на околината, однесувањето, способностите, верувањата и вредности, како и на идентитетот на организацијата во целост.

    Дали во Македонија се инвестира во вработените? 

    Да, во последните години можам да кажам дека се повеќе имам побарување од тренинзи за личен развој. Меѓутоа, сеуште поголемиот број на организации бараат тренинзи само за зголемување на перформансите и промена во однесувањето, воопшто не придавајќи им значење на верувањата, вредностите, идентитетот, а најмалку на системската поврзаност и колективната интелигенција.

    По одржување на тренингот вработените се мотивирани, но за жал само по неколку недели се се враќа како што било и кај раководството се јавуваат разочарувања. Исто така, кога се избира тренинг многу повеќе значење се дава на цената и на квантитетот на часови, отколку на квалитетот на тренингот. Кога фокусот е само на тие 2 сегменти, тогаш на подолг рок инвестицијата е многу поскапа. Доколку во една организација вистински се сака да се направат долгорочни промени, важно е да се обучат луѓето на клучни позиции, кои што понатака ќе ги едуцираат своите вработени, најпрво преку личен пример, а потоа преку разни техники и алатки.

    Современиот менаџер е People Developer!

    Организацијата ќе напредува само доколку луѓето напредуваат лично. За да се случи тоа потребна е инвестиција на време, пари и енергија во развивање на свесни лидери.
    Се додека организацијата овие 3 сегменти ги гледа како трошок, тогаш истата не е насочена кон растеж и развој на луѓе кои што заедно ќе се насочат кон успех, туку кон материјален успех кој што не е доволен за стабилност на човечкиот фактор во организацијата.

    Кон што е потребно да се стреми една организација?

    Балансот помеѓу хиерархиското лидерство и свесното лидерство е клучен за здравјето на една организација. Секако дека се важни целите, завршување на зададените задачи, делегирањето, размента на информации, донесувањето на одлуките и профитот. Сепак, без свесност за поврзаноста, транспарентноста, вклучувањето на луѓето во процесот на креативност и иновативност, системската перцепција и развојот на луѓето, организацијата не може да очекува мотивирани луѓе кои што ќе се чувствуваат како дел од организацискиот систем.

    Вработените и тимовите не се острови сами по себе, туку целта е да растат заедно. Инвестирањето во креирање на свесни лидери кои што ги вреднуваат почитта, довербата и придонесот, а воедно ја развиваат и колективната интелигенција, е повратна инвестиција која што води кон долгорочен успех.

    Лидер со страст и јасна визија е свесен лидер!

    Линкови од двете платформи:
    Платформа за тренери и тренинзи  www.trainings4all.com и  YouTube каналот: Mindful Movement SEE

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично