ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | Ковачевски: Енергетската криза ја надминуваме со вклучување на сите производствени енергетски капацитети во државата

    Време зa читање: 11 минути

    Интервју со м-р Васко Ковачевски, претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ

    Пари: Во време на најголема енергетска криза, најголемиот товар за обезбедување електрична енергија – како за домаќинствата, така и за малите потрошувачи, а со последната одлука и за компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и водоводните претпријатија, го има ЕСМ. Првиот човек на државната компанија успешно менаџира со кризата изминативе две години. Што може да нѐ очекува од следната година? Ќе работат ли сите домашни капацитети за да има непречено снабдување?

    Ковачевски: Годинава беше тешка, ќе биде тешка и следната, но веднаш да Ви кажам дека АД ЕСМ ги впрегна сите свои сили и моќта на сите свои капацитети за да ја истераме грејната сезона најуспешно што може, најекономично и со доволно домашна електрична енергија. На крајот на декември работат сите електрани, двата блока во РЕК Битола, едниот блок во РЕК Осломеј, двата котли во ТЕЦ Неготино, гасната електрана Енергетика, хидроелектраните се на располагање, и ветерниот парк Богданци. Останува уште третиот блок во РЕК Битола, каде по инсталирање на носечката единица на трансформаторот и тој блок ќе биде во погон. Бидејќи прашувате дали ќе има непречено снабдување со електрична енергија, сакам да нагласам дека и сега имаме непречено снабдување, а во следниот период тоа ќе биде и поистакнато. Имено, АД ЕСМ со својата сопствена произведена домашна електрична енергија ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи, и тоа треба повеќе пати да се каже и се кажува дека набавка или увоз на струја за домаќинствата нема. Нашето производство од ден во ден се зголемува и тоа може да се види од секојдневните извештаи кои ги објавуваат и Владата и АД ЕСМ.

    Деновиве производството стигнува и до 17.000 MWh, што далеку ја надминува потребата на регулираниот пазар.

    Со таа произведена количина целосно се задоволуваат потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, но и значаен дел од количината за дополнителните снабдувања кои АД ЕСМ ги врши по задолжение од Владата, односно за училишта, прехранбена индустрија, болници, технички загуби во мрежа на Електродистрибуција и МЕПСО итн.

    Набавувањето на една помала количина која ја врши ЕСМ Продажба е токму за овие намени, како и за снабдувањата кои делот Продажба ги врши по берзански цени на слободниот пазар, како и секоја друга фирма за тргување со електрична енергија, само што ЕСМ Продажба снабдува стратешки објекти од значење за државата, на кои им обезбедува најниска маржа.

    Пари: Во моментов ги правите последните анализи околу цената на електричната енергија за следната година. Колкаво зголемување ќе побара ЕСМ, дали граѓаните ги очекува енергетски ценовен шок?

    Ковачевски: АД ЕСМ, по препорака од Владата, даде цени за енергијата кон ЕВН Хоум и Електродистрибуција, кои се поразлични од моменталните, односно во еден дел има зголемување, а во еден дел има намалување. Се обидуваме со нашиот пристап да направиме простор да нема ценовен шок. Крајната цена за граѓаните и малите потрошувачи ја одредува Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на сите ставки кои ќе ги достават сите енергетски субјекти кои се вклучени во овој процес. За цената на електричната енергија на ЕВН Хоум во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, како што се: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоум, цената на Преносниот систем-оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем-оператор Електродистрибуција.

    Инаку, по задолжение од Владата, на повикот за набавка на електрична енергија за потребите за техничките загуби во системот на Електродистрибуција, за количини од 437.566 MWh за периодот јануари ‒ јуни 2023 година, АД ЕСМ поднесе понуда за цена од 110 e/MWh, наместо досегашните 143 e/MWh.

    На повикот на ЕВН Хоум за набавка на електрична енергија за регулираниот пазар за количини од 2.043.095 MWh за периодот јануари ‒ јуни 2023 година, АД ЕСМ се пријави со понуда од 56 e/MWh, наместо досегашните 48 e/MWh.

    Пари: Сите енергетски капацитети во државава се стари и дотраени. Со години не се инвестирало во нив. Сега се најавува целосно ставање во функција и на трите блока на РЕК Битола и на ТЕЦ Осломеј и Неготино. Што ако, сепак, потфрлат капацитетите? Дали имате план Б од каде ќе се набави потребната количина електрична енергија?

    Ковачевски: Констатацијата Ви е точна, капацитетите одамна го надминале својот производен век препорачан од нивниот производител. Ние вложуваме многу средства и напор тие капацитети да се одржуваат, модернизираат, оптимизираат и да се прави сѐ што е можно да бидат што постабилни и посигурни. За жал, во изминатите 30 години како држава не сме вложиле во изградба на нови електрани, откако овие што ги набројавте веќе биле изградени. Ние сега имавме прво отворање на генераторот во ТЕЦ Неготино со негово ремонтирање и сервисни активности, првпат откако термоелектраната е пуштена со работа во 1978 година.

    Така што, енергетиката си бара инвестиции за да може да врати со производство на електрична енергија.

    Нашиот план за производство, сега откако саниравме и ремонтиравме одредени делови од капацитетите, предвидува до крајот на грејната сезона, Неготино да работи непрекинато со два котли, РЕК Осломеј да работи со одредени паузирања согласно со потребите на конзумот, РЕК Битола да работи со три блока, исто така согласно со потребите на конзумот. Секако, одредени набавки преку ЕСМ Продажба веројатно ќе се прават како дополнувања за оние зголемени снабдувања што не спаѓаат во наша законска обврска, туку се доделени од страна на Владата кон АД ЕСМ како дополнителна обврска. Тука спаѓа и задолжението АД ЕСМ да го снабдува ЕВН Хоум со 100 % енергија по пониска цена, наместо само со 50 %, како што предвидува Законот за 2023 година. Така што, ЕСМ има многу обврски и над своите законски обврски, состојбата со енергетската криза е тешка, но јас сум убеден дека ќе ги изменаџираме успешно и кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија.

    Оваа година имаме 25 % повисоко производство од минатата година и тоа е огромен успех, кој е за почит од сите.

    Пари: Најавувате дека деловите за поправка на третиот блок од РЕК Битола ќе пристигнат во средината на ноември. Се ближи крајот на декември, а испораката не е во целост завршена. Кога ќе биде комплетирана набавката?

    Ковачевски: Во врска со трансформаторот за третиот блок во РЕК Битола во изминатиов период се појавија одредени проблеми во делот на транспортот меѓу Грција и Турција, но се очекува во секој момент да пристигне во комбинатот. Наместо со патен транспорт од Турција, рутата се смени со бродски транспорт од Истанбул до Солун, и потоа камионски до Битола. Претходно пристигна дел од опремата и инсталациите. Очекуваме кон крајот на месецот или во почетокот на јануари третиот блок да биде во функција и во јануари ќе има можност сите три блока да работат одеднаш. Ова беше голем зафат, нарачка да се произведе целосно нов трансформатор, големи процедури беа да се донесе до Битола, таквиот габаритен транспорт подлежи на строги безбедносни и други протоколи, така што задоволни сме што овој технички потфат заврши успешно.

    Пари: Склучивте договор за набавка на струја од Бугарија, но проблем е трансферот, односно испораката да стигне до земјава. Како би се увезле евентуалните вишоци од Бугарија и по која цена?

    Ковачевски: Во Бугарија е потребно да се донесе одлука во парламентот со која на државата ќе ѝ се дозволи струјата која во моментот не ѝ е потребна да ја продаде во директен договор со Република Северна Македонија. Целиот план беше добар, корисен и практичен, но тука се испречија европските регулативи и бугарските национални закони во однос на почитувањето на пазарните услови, односно како да се продаде по пониска цена на одредена страна, додека има можност да се продаде поскапо на друго место. Ние, секако, сме заинтересирани да набавиме електрична енергија од Бугарија, особено целото наше стопанство е заинтересирано, доколку тоа е по цена пониска од берзанските цени.

    Пари: Се воведоа блок-тарифи за домаќинствата и малите потрошувачи. Сега се прават анализи дали да се применуваат блок-тарифи и за големите компании. Кој е Вашиот став, ќе се заштеди ли на овој начин?

    Ковачевски: Блок-тарифите кај домаќинствата дадоа резултат. Прво, се стимулира штедење, а второ, од економски аспект е оправдано тој што троши повеќе и да плаќа повеќе. Затоа сметам дека ако се примени истиот принцип и кај малите потрошувачи, односно фирми, ќе даде посакуван резултат. Знаете, ние ги викаме мали, но внатре има и микро, но и поголеми претпријатија, до 50 вработени. И ако споредувате берберница со еден вработен и фирма со 50 вработени, тие два субјекта не трошат исто. Затоа, начинот на плаќање треба да биде соодветен на тоа.

    Пари: ЕСМ го презеде управувањето и со топлинска енергија. Ако БЕГ се откажаа поради неисплатливост, дали има економска логика ЕСМ да стопанисува со парното греење?

    Ковачевски: Видете, јасно е дека со сегашните цени на гасот, кои во еден момент достигнаа 1000 % покачување, а и сега не се значајно намалени, нема можност за економско исплатливо работење, ако цената на сметките за парно греење останува иста. Но, нема друго решение. И БЕГ и Скопје Север, како приватни субјекти, се откажаа од производството и испораката на топлинска енергија во Скопје. Едноставно, не можат да купуваат прескап гас, а да испорачуваат греење по цена која не ги покрива влезните трошоци. Затоа Владата донесе одлука греењето да биде преземено од АД ЕСМ, како државна компанија, и средствата за гасот да бидат обезбедени од државниот буџет, а граѓаните да не плаќаат повисоки сметки. Тука се појави државата во критичен момент, кога цените на енергенсите вртоглаво скокнаа, и преку АД ЕСМ ги стави во стабилно менаџирање и кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија.

    АД ЕСМ работи на повеќе прашања поврзани со оптимизација на системот и негово ширење, со цел што повеќе жители на Скопје да се приклучат кон централно греење, но истовремено да има пропорционална распределба на топлината во системот.

    Пари: Домаќинствата се жалат дека радијаторите им се млаки, односно температурата е на законскиот минимум – 21,5 степени. Така ќе биде цела грејна сезона?

    Ковачевски: Како што рековте, температурата е во рамките на пропишаното со Правилата за снабдување, одобрени од Регулаторната комисија за енергетика. Уште минатата година и Регулаторната комисија за енергетика и други надлежни субјекти предупредија дека самите покачени цени на енергенсите нема да ни го дадат комодитетот од 24 или 25 степени, а тоа е нешто што се случува во сите земји. Во Западна Европа има примери каде парното греење е симнато на 18 степени. Така што, мораме да бидеме свесни за ресурсите, да се обидеме да разбереме дека зимата значи и подебела облека и дома, и дека и за парното и за струјата, за да ги добиеме, некаде се потрошил гас, јаглен, мазут. Сето тоа се наши пари, на граѓаните, пари од буџетот, кои ако не ги дадеме за енергенси, ќе останат за некои други наши потреби во јавниот простор.

    Пари: Се надминаа недоразбирањата и со Скопје Север и конечно се согласија на условите кои ги побаравте, за да има парно греење во Чаир и во Бутел. Дали со овој договор се гарантира дека ќе биде непречено снабдувањето и за жителите на овие општини, меѓу кои и 12 училишта, до крајот на април?

    Ковачевски: Апсолутно. И овие потрошувачи од наведените општини ќе си имаат редовно и стабилно парно греење како и целиот град. Гасот е обезбеден од страна на АД ЕСМ, откако АД Скопје Север се изјасни дека веќе нема средства за набавка на гас. Потпишан е договорот за деловно-техничка соработка, под услови определени од Владата, не од АД ЕСМ, и состојбата се стабилизира. Ние како компанија континуирано преземаме нови и нови обврски произлезени од енергетската и топлинската криза, но мора да се сфати дека компанијата има голема одговорност, преку АД ЕСМ се финансира и субвенционира од страна на буџетот за основни потреби на граѓаните, а тоа се електричната енергија и топлинската енергија, и за сите тие чекори, трансакции и испорачана помош, АД ЕСМ поднесува извештај до Владата и тој отчет мора да биде целосно чист. Токму затоа инсистираме на строго почитување на условите од страна на сите наши соработници и клиенти.

    На крај, дозволете ми да им ја честитам Новата година на сите ваши читатели, да им посакам здравје, среќа и успех во 2023 година, а од страна на АД ЕСМ можеме да ветиме дека ќе направиме сѐ за да има светлина и топлина во нивните домови и заеднички да ја поминеме оваа грејна сезона исполнета со предизвици, како во светот, така и кај нас.

    новинар: Наташа Мерсовска

    Лектор: Христина Ангелеска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    ЧИТАЈТЕ И: КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ: БУЏЕТОТ ЗА 2023 ГОДИНА-УТОПИЈА И ВЛЕЗ КОН БАНКРОТ!

    ОТКРИЕНИ ОМИЛЕНИТЕ АДМИНИСТРАТИВЦИ: Во кое министерство платите ќе пораснат 30%?

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично