ФИФА продолжува со забрзаното туркање на проектот FIFA Forward Enterprise (FFE) – новата компанија во која треба да бидат сместени највредните комерцијални права од Светското првенство. И покрај сè погласниот отпор од националните федерации и континенталните конфедерации, организацијата предводена од Џани Инфантино нема намера да се повлече. Според Sky News, целта е до октомври да се обезбедат 4,2 милијарди долари преку продажба на 20 проценти од компанија проценета на околу 20 милијарди долари, додека рокот за доставување необврзувачки понуди е поставен за 19 септември.
Најновата ескалација доаѓа откако Азиската фудбалска конфедерација (AFC) официјално се спротивстави на планот, предупредувајќи дека комерцијалните права на Светското првенство претставуваат долгорочен извор на приходи за светскиот фудбал и не треба да се продаваат на приватни инвеститори. Истовремено, европските федерации сè поотворено разговараат за координиран отпор кон проектот, а во јавноста се споменуваат и можни бојкоти на идни натпреварувања под капата на ФИФА.
И македонската Фудбалска федерација излезе со категоричен став – „Светското првенство не е на продажба“ и не смее да се третира како инвестициски производ.
„Тоа претставува едно од најголемите наследства на светскиот фудбал, создавано низ генерации од играчи, национални репрезентации и навивачи од сите континенти. Ниту еден дел од него не смее да биде отстапен на приватни инвеститори“, се изјасни ФФМ.
Во меѓувреме, ФИФА јавно ја брани иницијативата, тврдејќи дека „никој не го продава фудбалот“, туку дека целта е да се обезбедат значително повеќе средства за развој на спортот кај сите 211 земји – членки.
ФИФА Форвард Ентерпрајз е нова компанија што ФИФА планира да ја формира за да ги обедини сите комерцијални и оперативни активности поврзани со нејзините најголеми натпреварувања – Светското првенство, Светското клупско првенство, женските мундијали, медиумските права, спонзорствата, билетите и лиценцирањето.
СО ОТПОРОТ СЕ ЗГОЛЕМИ И ПОНУДАТА
За да ја обезбеди поддршката на своите членки пред септемврискиот рок, ФИФА ја подобри финансиската понуда.
Според најновите информации на Скајњус, секоја од 211-те национални федерации треба да добие околу 86 милиони долари во период од 12 години, што е значително повеќе од првично споменуваните износи.
ФИФА тврди дека приватниот капитал нема да го загрози спортскиот интегритет на Светското првенство, туку ќе обезбеди дополнителни приходи за развој на фудбалот низ светот.
Наспроти тоа, критичарите на овој проект, кои стануваат сѐ побројни и сѐ погласни, сметаат дека со продажбата на дел од комерцијалните права ФИФА практично ги монетизира своите највредни средства во корист на приватни фондови.
Дел од европските федерации, наведува Скајњус, предупредуваат дека ваквиот модел може трајно да ја намали независноста на организацијата и да им даде значително влијание на приватните инвеститори врз најпрофитабилното спортско натпреварување во светот. А, како што пишува Гардијан, европската организација смета дека проектот е претставен без доволно консултации и предупредува дека фудбалот не смее да стане средство за финансиско инженерство.
Слични резерви изразија и други конфедерации, како и синдикатот на професионални фудбалери FIFPRO, кој побара целосна транспарентност околу моделот и неговото влијание врз иднината на натпреварувањата.
ИНФАНТИНО НЕ ОТСТАПУВА
И покрај реакциите, ФИФА официјално соопшти дека нема намера да се откаже од проектот, потврдувајќи дека процесот продолжува според предвидениот распоред.
Притоа, упорно инсистира дека не продава ниту Светско првенство, ниту управувачки права, туку создава нов механизам преку кој ќе генерира повеќе приходи за глобалниот развој на фудбалот. Организацијата нагласува дека профитот од ФФЕ ќе биде реинвестиран во спортот, а не исплатен како дивиденда.
Следниот важен датум е 19 септември, кога потенцијалните инвеститори треба да достават необврзувачки понуди, по што ќе започне изборот на стратешки партнер.
ФИФА Форвард Ентерпрајз е една од најконтроверзните иницијативи во светскиот спорт – за едни претставува нов модел за финансирање на фудбалот, а за други опасен преседан што може трајно да го промени начинот на кој се управува со Светското првенство. Со реализацијата на трансакцијата што се заговара ФИФА својата највредна комерцијална актива ќе им ја отстапи на надворешните инвеститори. А, Џани Инфантино, акцентираат критичарите, ќе си обезбеди влијание во ФИФА и по завршувањето на мандатот.
Аналитика








