ПОВЕЌЕ

    Иднината на дигиталните пари бара национална едукативна стратегија

    Време зa читање: 4 минути

    Во економијата постои термин ефект на стадо, кој означува носење на одлуки кои се основани врз база на колективно наметнати ставови и истите во целост се проследуваат до наредниот корисник. Кога во држава како Македонија постојат толкав голем број на познавачи на крипто валути и кога секој од нив има свој удел во тоа елитно друштво, нешто почнува да „чкрипи” во целата ситуација. Секојдневно слушаме разни совети од луѓе кои немаат никаква допирна точка со економија, финансии или меѓународни пазари на капитал и платформи за тргување дека некоја крипто валута е иднината и дека сите свои заштедени пари (читај позајмени од банкарски сектор и финансиски институции) ги пласирале преку непознати посредници без притоа да добијат некаков писмен доказ за нивната инвестиција. Нивниот вокабулар и алокацијата на своето слободно време е целосно насочено кон крипто берзата и крипто новчаникот. Има и такви кои сето тоа добро го познаваат и донеле правилни одлуки, при што генерирале адекватни добивки, соодветни на превземениот ризик. Но, мора да напоменеме дека голем број од учесниците воопшто не знаат во каков ризик се впуштаат. Во овој текст ќе се пронајдат многу од нив и ваквиот вовед е само мал глас за надлежните да превземат посоодветни мерки барем во насока на нивна едукација.

    Во однос на иднината на дигиталните пари, треба да се напомене дека крипто валутите не се замена за реалните валути, напротив тие претставуваат сосема различна финансиска вредност во чија основа е блокчејн технологијата. Паричните средства кои до сега ги користиме се регулирана категорија од страна на централните банки и се основа на целокупното банкарско работење и монетарна економија. Но и тука се очекуваат промени, и тоа големи!

    Имено, централната банка на Кина веќе неколку години спрема проект преку кој националната валута јуан ќе биде заменета со дигитална валута. Тоа значи дека технолошкиот развој кој го поседува стопанството, банкарскиот систем, но и самите крајни корисници е на многу високо ниво и финансиските структури се така поставени да неговата реална употреба е многу блиску да стане реалност. Најпластично, новата дигитална валута треба да го замени кешот во сооднос 1:1, со тоа што корисниците наместо да ги чуваат своите пари на банкарските сметки, тие ќе може да управуваат со нив преку дигитални сметки издадени од централните банки. Тоа во голема мера го менува односот, обврските и одговорностите на централните банки, а со исто влијание негативно ќе се одрази врз работењето на комерцијалните банки.

    Иако можеби ние ќе бидеме последниот вагон од локомотивата кој ќе се приклучи кон дитигалната ера, сепак треба да укажеме на неколку елементи кои би можеле да станат наша реалност:

    1. Доколку би профункционирал ваквиот начин на оперирање со средствата, тоа во голема мера ќе го олесни нивниот проток, ќе ги намали трансакциските трошоци и ќе придонесе за намалување негативните појави од постоењето на кеш (перење пари, даночно затајување и сл.).
    2. Централните банки би имале многу поголема контрола на вкупните трансакции и со тоа поадекватно би ги поставувале монетарните политики, а тоа ќе води кон поефикасно управување со ресурсите.
    3. Од друга страна во опасност се доведува процесот на кредитирање(барем онаков каков што го познаваме). Доколку сите поединци и бизниси ги повлечат своите пари од банкарскиот сектор, во опасност се става ликвидноста и солвентноста на банките, а со тоа процесот на кредитирање може да биде многу скап и целосно неефикасен. Одржливоста на економијата во голема мера е пропорционална со достапноста на кредитирањето и високо ниво на доверба во банкарскиот сектор. Со дигиталните валути овој сегмент ќе биде на „стаклени нозе”.

    Она што не очекува во иднина не треба да не плаши. Напротив, сите заедно треба да работиме на подигнување на свеста за користење на алтернативните канали за безготовинско функционирање и паралелно да пристапиме кон сериозен процес на едукација. Тоа што досега го знаеме и е целосно во склад со регулативите, а поврзано со дигиталните пари е благодарение на банките. Но, во една ера на огромен број на достапни информации, потребна е национална стратегија за рационално филтрирање на истите и  високо ниво на конвергенција кон развиените технолошки размислувања и процеси, пред се поврзани со личните финансии.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично