Во ера на глобализација и процес на хармонизација кон водечките елити голем број на работи од водечките држави се превземаат како цивилизациски белег на останатите.
Во пракса не секогаш она што функционира на едно место може во целост да се имплементира на друго и не секогаш превземените работи се подобри од локалните, но има и такви позитивни примери каде ископираните процеси довеле до дополнителен бенефит за инволвираните страни.
Еден таков елемент е празнувањето и одбележувањето на празникот Halloween на 31 октомври и кој за многумина означува ноќ на вештерки и фенери од тикви, но од инвеститорска гледна точка има поинакво значење кое е поврзано со одреден годишен циклус на пазарот на акции.
Циклусот е составен од два дела: првиот дел започнува кон крајот на месец октомври и почетокот на ноември и затоа се поврзува со Halloween и трае до крај на април и почеток на мај, додека вториот циклус трае во периодот мај-октомври.
Статистичките податоци покажуваат на ефект во кој цените на акциите или попрецизно вредноста на индексите во првиот циклус имаат повисоки вредности, отколку во вториот циклус. Оттаму, насоката која ја дава овој ефект е насочена кон потенцијалните инвеститори кои се заинтересирани да остварат одредена заработка во текот на 2 или 3 квартали, а се однесува на тоа акциите да се купат на почеток на ноември, а да се продадат на крај на април.
Извор: www.bloomberg.com
Од горе прикажаниот график може да се забележи серија на податоци во два различни периоди и нивото на принос во проценти. Првиот анализиран период е од 1970/2017 година и во него се евидентирани статистички податоци кои го потврдуваат постоењето на Halloween ефектот. Во овој период приносот на индексот во првиот циклус изнесува 6.9%, додека во вториот циклус истиот изнесува 1.5%.
Разликата во принос е 5.4%. Во вториот анализиран период, кој е пократок од првиот, и се однесува на период од 1992-2017 година, приносот во првиот циклус е скоро идентичен како во првиот случај и изнесува 6.8%. Во овој период приносот на вториот циклус е повисок од приносот во првиот период за 0.6%, а со тоа и разликата меѓу циклуси изнесува е помала и изнесува 4.7%.
Иако сеуште не постојат научни докази зошто се случува овој ефект, кој со инвестициска терминологија може да се нарече пазарна аномалија, сепак искуството на инвеститорите налага да се инвестира во месец ноември, кога постои т.н. bull market, а да се продава на почеток на мај кога функционира bear market-от.
Приносите во овој период се поголеми од остатокот во годината и се препорачува во летните месеци да се чува заработката надвор од пазарот. Ваквата стратегија на инвестирање е за прв пат забележана на почетокот на 20-тиот век и сеуште создава можности како да се победи пазарот, а притоа “да се оди на летен одмор”.
2020 година се чини дека ќе биде една од оние години кога оваа инвестициска стратегија ги изневерила своите следбеници. Ова особено се одразува на македонската берза, односно кога се анализира МБИ10 индексот.
Извор: www.mse.mk
Од достапните податоци на македонската берза за хартии од вредност може да се заклучи дека доколку се применувала Halloween стратегијата, портфолиото на инвеститорите ќе останело статус кво. Индексот МБИ10 укажува на тоа дека вредноста на почетокот на Ноември 2019 година бил на ниво од околу 4.300 поени и истиот имал тенденција на пораст се до крај на февруари, до ниво од 5.000 поени.
Од почеток на март 2020 година следува нагло паѓање на вредноста на индексот до износ од 3.200 поени на крај на март. Тоа е периодот кога почнува да се чуствува здравствената криза во Македонија и кога сите се спремаат за идна рецесија. Иако индексот бележи пораст во месеците април и мај, сепак нивото на индексот во периодот кога би требало да се продаваат акциите е на ниво, скоро идентично, на тоа во ноември. Ако се земат во предвид влезните и излезните провизии, заклучокот е дека инвеститорите следејќи ја оваа стратегија би евидентирале одредени загуби.
Ноември 2020 е почеток на нов циклус за Halloween стратегијата и се надеваме дека оние кои ќе ја применат ќе може да се пофалат со забележителни приноси на почеток на мај 2021 година. Сепак, не треба “слепо” да се верува на оваа стратегија и пред да се одлучите за било каква инвестициска одлука поврзана со пласирање на своите средства во акции на берза треба добро да ја проучите нејзината оператива и да научите како функционираат пазарите на капитал.
Прочитај и: Анализа: Производство на електрична енергија и актуелни трендови
Р.П