ПОВЕЌЕ

    Гранит со 39,5 милиони евра приходи и повеќе од двојно поголема добивка  

    Време зa читање: 2 минути

    Консолидирана нето-добивка од 317,97 милиони денари, односно 5,2 милиони евра остварил ГД Гранит АД Скопје во првата половина од годинава. Добивката е зголемена за високи 109 насто во споредба со истиот период лани.

    Растот на профитабилноста доаѓа со значителното зголемување на обемот на работата. Во првото шестмесечје Гранит обезбедил вкупни приходи од 39,5 милиони евра, за 60 насто повеќе на годишно ниво.

    Уште подобар е резултатот од продажбата. Во овој сегмент е постигнат раст од 69 насто и износ од 35,3 милиони евра.

    Од компанијата посочуваат дека главната причина за зголемените приходи е поголемиот обем на работа на проектот за автопатот Кичево–Охрид, како и на неколку други проекти.

    Притоа, движењата кај трошоците заостануваат зад приходните. Вкупните консолидирани расходи изнесуваат 34,4 милиони евра и се зголемени за 55 насто. Најголем исчекор има кај трошоците за услуги, од 83 насто. Причината е поголемиот број ангажирани подизведувачи на проектите. Трошоците за вработените, пак, се зголемиле за 4 насто, а останатите трошоци од работењето се повисоки за 5 насто.

    Од Гранит наведуваат дека приходите од продажбата во првата половина од годината се реализирани во рамките на зацртаните планови, додека остварената добивка е над планираниот износ.

    И финансиските приходи се над очекувањата. Тие во првите шест месеци достигнале 2,5 милиони евра, а ги следи годишен раст од 6 насто. Компанијата го поврзува зголемувањето, пред сè, со повисоката дивиденда добиена од акциите во Комерцијална банка.

    Сепак, консолидираната сеопфатна добивка е пониска од нето-добивката и изнесува 2,2 милиони евра. Разликата се должи, меѓу другото, на падот на пазарната вредност на акцискиот портфолио што го поседува Гранит.

    На крајот на јуни, вкупната консолидирана актива на Гранит достигнала 9,99 милијарди денари или 162,4 милиони евра. Во споредба со декември 2025 година, активата е зголемена за 6 насто.

    Во првата половина од годината компанијата инвестирала 748 илјади евра во опрема и механизација.

    Финансиските резултати ги опфаќаат Гранит како матично друштво и неговите 100-процентно поседувани компании Хотел Гранит, Карваш, Гранмак Виена, Гранмак Експорт-Импорт Германија, подружницата ГД Гранит Бања Лука и Леп Коп.

    Во вториот дел од годината компанијата очекува побрзо завршување на постојните инфраструктурни проекти, но и добивање нови работи преку тендери, пред сè во областа на градежната инфраструктура.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично