ПОВЕЌЕ

    Граѓанската обврзница може да се купи во деловните банки

    Време зa читање: 3 минути

    Граѓанската обврзница заинтересираните можат да ја купат во некоја од деловните банки. Процесот за запишување, кој стартуваше на 30 јуни со објавување на Проспектот за првата емисија, се одвива преку нив. На банкарските шалтери граѓаните можат да поднесат барање за учество на аукцијата и да го уплатат предвидениот износ.

    Барањето за учество на аукцијата, односно за купување граѓанска обврзница треба да се поднесе најдоцна до 12 месецов. Минимално можат да се вложат 10.000 денари, колку што е износот на една обрзница.

    За инвестицијата од овој вид, која се смета за безризична и сигурна, ќе добијат годишен принос од пет проценти, што е речиси двојно повеќе од банкарските камати кои се пресметуваат на депозитите. Така, доколку некој се одлучи за утврдениот минимум, тоа значи дека и првата и втората година на име камата ќе добие по 500 денари. Или, со купени десет обврзници и вложени сто илјади денари, годишниот принос е пет илјади денари. По истекот на двегодишниот период, во првиот случај граѓанинот ќе има вкупно 11 илјади, а во вториот 110 илјади денари.

    Каматата е фиксна и нема да се промени во двегодишниот периодот на кој е издадена граѓанската обврзница. Проспектот предвидува да се запишат граѓански обврзници во износ од 10 милиони евра, но можно е и проширување доколку граѓаните покажат особено интересирање за врзување на своите слободни пари во овој инструмент.

    Сите граѓани кои ќе поднесат барање, ќе имаат можност да купат граѓанска обврзница.

    За улогата, пак, на домашните банки во оваа активност, како и воопшто за состојбата во банкарскиот сектор, разговараа претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева и министерот за финансии Фатмир Бесими. Оттаму и информациите дека веќе се забележува интересот на граѓаните за овој нов производ на финансискиот пазар.

    Поддршката од банките е од големо значење во реализацијата на активностите од овој домен. Тоа го потврди и министерот Бесими:

    „Во овој процес сме заедно со банките и очекуваме успешно да се заокружи. На граѓаните им нудиме иновативен производ, кој истовремено им нуди сигурност за вложените пари, добар принос изразен преку каматата што ќе ја добијат и заштита на вредноста на парите во услови на високи стапки на инфлација”.

    Граѓанската обврзница може да се плати со средства од трансакциските или други сметки кои граѓаните ги имаат во банките, но и со готовина.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично