Преку разните видови кредити домаќинствата се задолжени со 3,6 милијарди евра, а корпоративниот сектор со 3,4 милијарди евра. Вкупните со раст од 11,1 а кредитите за 5,8 проценти, покажува извештајот на Народната банка за монетарните движења во јули.
Вкупните депозити за една година се зголемени за 11,1 а кредитите за 5,8 проценти. Придвижувањето е засновано на потребите и навиките на корпоративниот сектор и на домаќинствата. Но, и во двата сегменти доминантен е придонесот на граѓаните. Тоа се гледа од последните податоци на Народната банка за монетарни движења евидентирани во текот на јули.
Растот, пак, на месечно ниво е 0,5 насто кај депозитите. Наспроти тоа, вкупните кредити минатиот месец забележале пад од 0,2 отсто. Според образложението од НБРСМ, тоа целосно се должи на намаленото кредитирање на корпоративниот сектор.
Домаќинства – Депозитите во јули се со низок месечен раст од 0,1 процент. Минималната позитивна промена се должи на зголемените долгорочни влогови и во девизи и во денари. Анализирано на годишно ниво, овие депозити се повисоки за 8,4 насто. Тоа се толкува со растот на депозитните пари и вкупните долгорочни депозити, додека намалување има кај оние со куса рочност.
Потребата на граѓаните за пари се забележува кај кредитите, кои во однос на јуни се повисоки за 0,4 проценти. Податоците велат дека е поголем интересот за задолжување во денари, иако не е мал придонесот ниту на девизните кредити. Споредено со состојбата од јули 2022, кредитите на домаќинствата оствариле раст за 6,4 насто. Тука превагнуваат кредитите во странска валута.
Според намената, и натаму најбарани се потрошувачките и станбените кредити, со идентичен месечен пораст од 0,5 насто. Оттаму, годишното придвижување е 6,2, односно 11 проценти.
Граѓаните покажале интерес и за автомобилските кредити. Минатиот месец бележат зголемување од 3,9 насто. На годишно ниво поместувањето изнесува 14,8 проценти.
Континуиран пад е присутен кај задолжувањето преку кредитни картички. Во јули се работи за намалување од 0,2, а годишно за 1,6 отсто. Исто така, намалување се евидентира и кај негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи – за 1,5 и 0,6 проценти месечно, односно за 2,8 и 17,5 отсто годишно.
Се на се, преку разните видови кредити домаќинствата должат вкупен износ од 223.198.000.000 или 3,6 милијарди евра.
Корпоративен сектор – Вкупните депозити во јули се зголемиле за еден процент, што во најголем дел е резултат на растот на краткорочните депозити во денари и во девизи. Во однос на истиот месец лани зголемувањето е за 18,9 насто.
Овој сектор, според јулската состојба, е задолжен со 207.830.000.000 денари, односно 3,4 милијарди евра. Кај кредитите е забележано месечно намалување од 0,9 отсто, а во појаснувањето од Народната банка се посочува дека тоа се случило под влијание на падот на кредитите во денари и во странска валута, со поизразен придонес на девизните кредити. Годишниот раст, пак, изнесува пет проценти.
Од НБРСМ наведуваат дека во јули има раст и на паричната маса – за 0,2 проценти. Тоа произлегува од зголемувањето на краткорочните депозити и на готовината во оптек. На годишна основа се работи за зголемување од 8,6 насто.