ПОВЕЌЕ

    Го легализираме кршот: Возилата со странски таблици ќе се регистрираат со 50% помали давачки

    Време зa читање: 4 минути

    Половни возила со странски регистарски таблички ќе можат да се регистрираат во земјава со давачки намалени за 50 отсто. Владата го усвои Законот за регистрација на возилата со странски регистарски таблички.

    „Возилата кои ќе се увезат и регистрираат согласно овој закон имаат намален износ на обврските кон државата за 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз.“

    „За регистрација сопственикот или корисникот на возилото или лицето кое ќе го купи возилото ќе има обврска да обезбеди документација за потекло на возилото, сопственост на возилото, регулирани давачки кон државата за царина и данок, техничка исправност, измерени вредности на издувни гасови, извршено осигурување, платени такси.“

    Овој Закон ќе важи една година по неговото  влегување во сила.

    Со овој потег на владата се очекува  еднократно да се наполни буџетот со сума околу 20 милиони евра откако Законот помине во Собрание.

    „Оваа поволност ќе важи за сите возила кои влегле во земјава заклучно со 1 октомври 2020 година. Целта на ова законско решение е можност на граѓаните, сопствениците или корисниците да можат да ги регистрираат возилата со странски регистарски таблици на територија на Македонија.

    “Досега ги регистрирале колите во странство, таму ги купиле и  таму оставиле многу пари. Сега ќе добијат попуст за да ги возат во Македонија. А што платиле тие? Ништо не платиле, а сега ќе треба да платат половина сума, додека ние што редовно си плаќавме се, ќе продолжиме и понатаму  да си плаќаме се поскапо”, вели за Пари еден скопски таксист.

    “Ако Владата решила да го наполни, не мора и улиците да се полнат со старите возила што се возат на странски таблички”, посочува за Пари еден граѓанин.

    “Од воздух не се живее, да го наполниме буџетото”, се пошегува друг граѓанин.

    “Оваа одлука не е добра. Таа ги наградува оние што имаат двојно државјанство и за многу поевтина цена купиле возило во странство. Истото го возат тука, а само го регистрираат во земјата каде е купено. Ако купиш нов автомобил тука, ги плаќаш фул сите давачки и допринесуваш, а уствари со овој закон државата те казнува, не те стимулира”, изјави за Пари еден жител на Скопје.

    Најголем дел од возилата што би требало да се префрлат на македонски таблички во моментов се купени и регистрирани во соседна Бугарија. Исто така според податоците на  Царинската управа во текот на оваа година покрај Бугарија увезени се возила и од Германија, Италија, Швајцарија, Словенија а многу мал дел се и од САД.

    Во нашата земја, само во 10 Автосалони вкупно се вработени 500 граѓани. За тие вработени се плаќаат придонеси, се плаќаат даноци. И на така слабата продажба, дополнителниот фактор пандемијата, автосалоните се соочуваат со конкуренција на половни возила од физички лица, кои продаваат увезени половни возила на плацеви (ниви), и ништо не плаќаат, со ништо не допринесуваат.

    Зошто Владата не размислува за субвенции за нови возила, за еколошки возила. На тој начин ќе имаме нов и квалитетен возен парк. Ќе се направат значајни клучни чекори во подобрување на квалитетот на живот и безбедност во сообраќајот.

    Засега нема ниту реакција од Комората на увозници на автомобили.  Тие претходно пак се жалеа на високите давачки, на лошата клима, на слабата продажба, а какво влијание ќе има последната владина одлука доплнително ќе се види. Сепак, останува фактот дека низ македонските патишта уште долго ќе се  возат стари автомобили  и ќе дишеме загаден воздух со оглед дека сообраќајот постојано се посочува како една од причините за аерозагадувањето.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично