ПОВЕЌЕ

    Финансиските друштва добија Етички кодекс: Поголема одговорност, јасни информации и заштита на клиентите

    Време зa читање: 2 минути

    На денешната прес-конференција во Стопанската комора на Северна Македонија, Групацијата на небанкарски финансиски друштва го промовираше својот прв Етички кодекс, документ што има за цел да ги постави основите за поодговорно и транспарентно делување на финансиските институции надвор од банкарскиот сектор.

    Кодексот беше презентиран од претседателот на Групацијата, Никола Јошевски, кој истакна дека овој чекор претставува надградба на постојната регулатива и воведување на дополнителни стандарди за заштита на потрошувачите и унапредување на услугите.

    „Етичкиот кодекс е збир на вредности и принципи како што се транспарентност, интегритет, професионализам, доверливост и одговорност. Тој има за цел да го подобри корисничкото искуство и да поттикне поголема социјална одговорност кај друштвата“, изјави Јошевски.

    Примената на Етичкиот кодекс подразбира:

    • Повисоки стандарди во работењето на друштвата,
    • Јасни и достапни информации за клиентите,
    • Прегледни реклами и фер пазарни практики.

    Со официјалното потпишување на Кодексот, финансиските друштва членки на Групацијата се обврзаа на доследно почитување на неговите одредби. Надзорот врз спроведувањето ќе го врши посебна Комисија за следење на примената, која ќе може да предложи исклучување на членки во случај на прекршување.

    Групацијата, која ги обединува 22 од вкупно 27 лиценцирани финансиски друштва одобрени од Министерството за финансии, веќе неколку години активно работи на подобрување на деловната пракса во секторот. Донесувањето на Кодексот следи по Кампањата за финансиска едукација за заштита на личните податоци.

    Со овој чекор, небанкарските финансиски институции прават нов исчекор кон изградба на доверба, стабилност и усогласување со глобалните етички стандарди.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично