ПОВЕЌЕ

    Диарден за „Гардијан“: Корпорациите како Фајзер никогаш не требаше да бидат задолжени за глобално вакцинирање

    Време зa читање: 5 минути

    На Фајзер му се погоди пандемијата. Денеска објави дека нејзината вакцина „Ковид-19“ донела заработка од 37 милијарди долари минатата година, што ја прави најпрофитабилниот лек во историјата.

    И,тоа не е се‘. За компанија која до неодамна имаше најмалку доверба во индустрискиот сектор во Соединетите Американски држави, пандемијата беше полн погодок. Фајзер стана познато име, за компанијата се наздравуваше во Тел Авив, а баровите ширум светот си измислија коктели именувани по нејзината вакцина. Американскиот претседател го нарече главниот извршен директор на Фајзер, Алберт Бурла, „добар пријател“, а тој го паркираше својот авион до оној на Борис Џонсон на минатогодишниот самит на Г7 во Корнвол, пишува во својата колумна во британски Гардијан Ник Диарден, директор на меѓународната фондација Global Justice Now.

    Глобалното воведување вакцини создаде нивоа на нееднаквост толку голема што многумина го нарекуваат „вакцински апартхејд“. Фармацевтските корпорации како Фајзер го водеа овој процес, поставувајќи ги условите со кои продаваат вакцини и одлучувајќи на кого да му дадат приоритет.

    Уште од самиот почеток, стои понатаму во колумната на Диарден, беше јасно дека Фазер сака да заработи многу пари од Ковид. Компанијата тврди дека нејзината вакцина чини нешто помалку од 5 фунти по доза за производство. Но, британската Влада платила 18 фунти по вакцина за својата прва нарачка на вакцини од Фајзер, а 22 фунти за последното купување.

    Се тврди дека компанијата првично се обидела да го достави нивниот лек на американската влада за неверојатни 100 долари по доза. Том Фриден, поранешен директор на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, ја обвини фирмата за „воено профитерство“.

    Фајзер го продаде огромното мнозинство од своите дози на најбогатите земји во светот – стратегија што сигурно ќе го одржи високиот профит. Ако ја погледнете неговата глобална дистрибуција, Фајзер продава мал дел од своите вакцини на земјите со низок приход. До минатиот октомври, оваа фармацевтска компанија продаде 1,3% од својата понуда на Ковакс (Covax), меѓународното тело за обезбедување поправеден пристап до вакцините.

    Фајзер ниту продаваше доволно вакцини во посиромашните земји, ниту им дозволи сами да ја произведуваат вакцината преку лиценцирање или споделување патенти. Тоа е бидејќи, во коренот на моделот Фајзер, се наоѓа збир на правила за интелектуална сопственост. Тие им овозможуваат на големите фармацевтски корпорации да работат како монополи, без одговорност да го споделат знаењето,  колку тоа и да му е потребно на општеството.

    Светската здравствена организација ги повикаа компаниите да ги споделат рецептите за вакцини, создавајќи еден вид „патентен базен“ познат како CTAP, кој би овозможил отвореност и соработка. Компаниите сепак би биле платени, но нема да можат да го ограничат производството.

    Овој вид на суспензија на нормалните деловни правила за време на вонредни околности беше претходно вообичаен, како на пример со пеницилин за време на Втората светска војна или споделување на знаењето за вакцината против сипаници во 1960-тите, пишува директорот на Global Justice Now .

    Но, во овој случај, главниот на Фајзер го исмеа CTAP како „глупост“ – и велејќи дека е „опасно“ да се споделува интелектуалната сопственост на компаниите. Се тврди дека 100 фабрики и лаборатории ширум светот можеле да прават вакцини, но не можеле да го направат тоа бидејќи не можат да пристапат до патенти и рецепти како оние што ги поседува Фајзер. И, бидејќи ниту Фајзер ниту Модерна нема да го споделат своето знаење, научниците мораа да почнат од нула.

    Компаниите како Фајзер се однесуваат повеќе како хеџ фондови, пишува Диарден за „Гардијан“, купувајќи и контролирајќи други фирми и интелектуална сопственост, наместо традиционални компании за медицински истражувања.

    Вистината е дека тие не се единствените пронаоѓачи на вакцината. Тоа беше дело на јавни пари, универзитетско истражување и многу помала компанија, германската BioNTech. Како што се пожали еден поранешен функционер на американската влада, фактот што ја нарекуваме вакцина „Фајзер“ е „најголемиот маркетиншки удар во историјата на американските фармацевтски производи“.

    Купувањето помали фирми кои веќе имаат развиено производи од страна на големите, им овозможува да го монополизираат тоа знаење и да ја максимизираат цената на добиените лекови. Pfizer канализираше 70 милијарди долари (52 милијарди фунти) на своите акционери, директно преку исплати на дивиденди и преку откуп на акции. Ова го намалува неговиот буџет за истражување за истиот период.

    Пред Ковид-19, најпрофитабилниот лек во светот во историјата беше Humira, кој лекува автоимуни болести и тој на својот сопственик, AbbVie, му донесе 20 милијарди долари во 2018 година. Humira е класичен случај за тоа како работат големите фармацевтски компании: купете лек кој е веќе измислен, патентирајте го и зголемете ја цената за 470% во текот на неговиот животен век.

    Корпорациите како Фајзер никогаш не требаше да бидат задолжени за глобално вакцинирање, бидејќи беше неизбежно тие да донесат одлуки за живот и смрт врз основа на она што е во краткорочен интерес на нивните акционери. Треба да ги разбиеме монополите кои им дадоа таква моќ на овие финансиски ѕверови и наместо тоа да инвестираме во нова мрежа на истражувачки институти и медицински фабрики ширум светот, кои всушност можат да ѝ служат на јавноста.

    Организацијата за човекови права Амнести Интернешнал отворено ги обвини производителите на вакцини против Ковид-19 дека се алчни за профит и повика на побрза вакцинација на светската популација.

    Во своето соопштение до јавноста, АИ истакна дека фармацевтските компании „трагично потфрлија“ да одговорат на предизвикот за глобалната здравствена криза предизвикана од коронавирусот и покрај итните повици да се обезбеди еднаква дистрибуција на вакцините за Ковид-19.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично