ПОВЕЌЕ

    „ЕВТИНО, АМА СКАПО“ – германските туристи ја преиспитуваат вредноста на летувањата на Балканот

    Време зa читање: 4 минути

    За германските туристи, летувањето надвор од татковината често претставува економски поисплатлива опција – особено кога се упатуваат кон југот и истокот од Европа. Според најновите податоци на германскиот Сојузен завод за статистика, во март 2025 година, туристичките услуги – престој во хотели и посети на угостителски објекти – биле и до 52 отсто поевтини во некои балкански и медитерански земји во споредба со Германија.

    Најевтини дестинации за германските туристи биле Македонија и Албанија, каде што ценовното ниво е за 52 проценти пониско. Бугарија ја следи со 51 проценти поевтини цени, а потоа доаѓа Црна Гора со 42 отсто и Португалија со 35 отсто. Турција (–31%), Малта (–30%), Шпанија (–25%), Грција (–22%) и Кипар (–21%) исто така се вбројуваат меѓу најдостапните европски туристички пазари за Германците. Дури и Италија, која важи за поскапа дестинација, е шест отсто поевтина од престој во Германија.

    Од друга страна, цените се значително повисоки во некои северни и западни земји: Данска е за 28% поскапа, а Швајцарија држи рекорд со 52% повисоки цени. Австрија е на исто ценовно ниво со Германија, додека Франција е три отсто поевтина, а Холандија, Луксембург и Белгија се поскапи за 7%, 9% и 11%, соодветно.

    Хрватска, иако официјално е само 14 отсто поевтина од Германија, се наоѓа на последните места од листата на евтини дестинации за германските туристи. Сепак, останува една од најпосетуваните земји – со 1,3% од испитаниците што ја избрале како дестинација, според 41. германска туристичка анализа. Пред неа се Шпанија (8,1%), Италија (5,9%), Турција (4,5%), Скандинавија (4,3%) и Грција (3,6%).

    Но, и покрај достапните цени во некои земји, интересен е податокот дека речиси една третина од Германците (29%) планираат да летуваат во својата татковина. Две третини од германското население сепак планираат барем едно патување годишно, а мнозинството од нив бараат нови дестинации, бидејќи само 13% се одлучуваат повторно да го посетат истото место.

    Во просек, Германците трошат по 1.544 евра по лице за главниот годишен одмор. Најмногу пари се трошат во Шпанија (1.843 евра) и Скандинавија (1.728 евра), а најмалку во земјите од Бенелукс (1.006 евра), Австрија (1.176 евра) и Хрватска (1.314 евра).

    И покрај тоа што Северна Македонија нуди најниски цени за германските туристи, искуствата од теренот не секогаш ја оправдуваат економската привлечност. Охрид, бисерот на Балканот, долги години важеше за омилена дестинација за странските гости, особено Германците. Но, според сведочењата на група туристи од Хановер, сместени во приватен апартман во центарот на градот, нивното искуство било далеку од очекуваното.

    „Очекувавме автентично доживување, тишина и домашна храна. Наместо тоа – гласна музика до доцна, проблеми со паркирање, мени без превод, а цените не се поклопуваа со тоа што го добивме“, вели пензионираната наставничка Бригите Хелман. Нејзиниот сопруг, Вилфрид, додава: „Плативме 35 евра по лице за ноќевање со појадок – кој беше само варено јајце, парче домат и тост. Во Германија за тие пари добиваме хотел со шведска маса.“

    Туристичките аналитичари од регионот се согласни дека не е доволно една дестинација да биде евтина на хартија, бидејќи туристите не доаѓаат само по вода и сонце, туку по приказна, култура, гастрономија и вистинско доживување. Ако не го добијат тоа, нема да се вратат – ни по препорака.

    Македонија и земјите од Балканот и понатаму остануваат атрактивни за германските туристи, но за да го задржат тој статус, мора да понудат повеќе од ниски цени – мора да понудат вредност. Инаку, летувањето ќе продолжи да се опишува со фразата што се почесто ја изговараат разочараните гости: „евтино, ама скапо“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично