Европската централна банка донесе одлука за зголемување и продолжување на планот за итна помош наменет за поддршка на економиите во еврозоната во соочувањето со кризата, изјави портпаролот на таа институција.
Програмата за купување јавен и приватен долг наречена ПЕПП, воведена во средината на март, ќе се зголеми за дополнителни 500 милијарди евра за да достигне вкупно 1,850 милијарди евра и ќе се продолжи минимално до март 2022 година, наместо до јуни 2021 година.
Втората, постара програма, позната како квантитативна ублажување, останува на сегашното ниво од 20 милијарди евра месечно, без утврдување на краен рок.
Централната банка исто така објави дека ќе им додели големи и ефтини заеми на банките до крајот на следната година, наспроти слабиот раст и ниската инфлација во еврозоната. Целта е да се обезбеди нова ликвидност на банките на кои им е потребна од јуни до декември 2021 година. Поволните услови што банките ги имаат за заеми во текот на летото се продолжени до јуни 2022 година, се наведува во соопштението на институцијата.
Референтната каматна стапка што се користи за краткорочно рефинансирање на банките остана на нула, на нивото од 2016 година.
Се очекуваа мерки откако ЕЦБ објави во октомври дека ќе ги „рекалибрира“ своите инструменти за да се соочи со развојот на здравјето и заканата од нов пад на економијата во еврозоната.
„Одборот на гувернери е сè уште подготвен да ги прилагоди своите инструменти, во зависност од потребата“ наспроти неизвесноста што е сеуште голема за динамиката на пандемијата и дистрибуцијата на вакцините, наведе институцијата.
Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард ќе ги коментира одлуките пред новинарите подоцна денес и ќе даде нови економски проекции до 2023 година, врз основа на кои институцијата ги заснова своите одлуки.