Анализа на пазарот со трговија на електрична енергија
Трговијата со електрична енергија е една од основните дејности во македонската економија која е од круцијално значење за непречено функционирање на голем број на компании, а исто така неизоставен дел за задоволување на потребите на граѓаните. Со оглед на тоа што во последниов период производството на електрична енергија е во видикот на голем број на инвеститори, а понудата на електрична енергија се надополнува на најразлични начини (ветерници, хидроцентрали, фотоволтаици и сл), се создава простор за афирмација на нови компании во секторот трговија, која и натаму останува клучниот елемент во синџирот.
Преку анализа на пазарот и сегментирање на најбитните елементи може да се изнесат голем број на заклучоци околу работењето на компаниите во овој сектор, со кои ќе се даде појасна слика за целата индустрија. Анализата е направена согласно податоците од водечката компанија од областа на управувањето со деловни податоци Таргет Груп и притоа селекцијата е сведена на големите и средните компании, додека малите компании и нивното учество во трговијата со електрична енергија ќе бидат предмет на посебна анализа.
Сегментираниот пазар е составен од 18 компании, кои согласно географската дисперзија мнозинството се основани и раководени од Скопје, додека една компанија е со седиште во Струмица. Иако бројката од 18 изгледа релативно голема, сепак треба да се нагласи дека 4 компании се под палката на групацијата ЕВН. Натаму во анализата се диференцираат 3 типа на сопственост: 3 компании се Акционерски Друштва, 2 ДОО и 13 ДООЕЛ. Ваквите бројки укажуваат на тоа дека не е потребна високо развиена корпоративна структура, голем број на администрација и разложена сопственичка сопственост, а со самото тоа и обезбедување на адекватно ниво на капитал и инвестиции за влез и вршење на оваа дејност.
Од аспект на вкупните приходи, а согласно историските податоци, кои се генерираат во овие 18 компании може да се изведат следните заклучоци:
- 2019 година била со половичен ефект во однос на 2018 година. Со други зборови, 8 компании бележат пад на приходите од дејноста.
- Вкупните приходи за 2019 година изнесуваат 53,8 милијарди денари од кои најголемите 3 компании остваруваат 59% од вкупните приходи. Компанија со најголем удел е ЕВН Македонија АД со вкупни приходи од 8 милијарди денари, позади неа е ЕВН Хоме ДОО со вкупни приходи од 8.4 милијарди денари, додека на третото место е компанијата Ген-И Продажба на енерија ДООЕЛ со 8.3 милијарди денари. Она што треба да се напомене е тоа што ЕВН Хоме ДОО во 2019 година ги остварува своите први приходи како нов правен субјект, а за сметка на тоа ЕВН Македонија АД бележи пад на приходите од 7.8 милијарди денари, во споредба со 2018 година. Со тоа падот кај едната компанија се рефлектира во остварување на приходи кај новата компанија. Сублимирано, ЕВН во 2019 година бележи пораст на вкупните приходи од 559 милиони денари (само преку овие две компании). Таквиот тренд не е случај кај третата компанија, односно Ген-И Продажба на енергија ДООЕЛ бележи пад на приходите од 696 милиони денари, 2019 во однос на 2018 година.
- Сите компании што бележат пад на приходите во 2019 година исто така имаат намалување на вкупните расходи. Ова укажува на фактот дека пропорционалноста во функционирањето зависи во голема мера од обемот на работа и дека само непредвидливи и неочекувани настани може да ја изместат зацртаната цел во тековното работење.
Од аспект на вкупниот капитал и резерви со кои располагаат компаниите во овој сектор, бројките укажуваат на тоа дека во 2019 година, 89% од учесниците на пазарот бележат пораст во оваа категорија, додека вкупниот пораст на 18-те компании изнесува скоро 3 милијарди денари.
Во однос на остварената добивка во 2019 година генералниот заклучок е дека компаниите имале солидна деловна година и притоа 16 од нив бележат позитивен финансиски резултат, додека 2 компании ја завршиле 2019 година со негативно салдо. Вкупната нето добивка кај сите 18 компании изнесува 3.5 милијарди денари, со тоа што 60% учество во тој резултат и припаѓаат на ЕВН Македонија, која е неприкосновен играч на македонскиот пазар.
Иако целта на оваа анализа беше изнесување на заклучоци пред се од билансот на успех, а како најава на останатите анализи кои следат од овој сегмент, тука само на кратко ќе дадеме информација која произлегува од билансот на состојба, а истата се однесува на вкупните обврски и вкупните средства. Имено, работењето во 2019 година за овие 18 компании доведе до тоа 10 компании да ги намалат своите вкупни обврски, или изразено преку бројка, вкупните обврски се намалиле за 8.5 милијарди денари. Од друга страна нема поголеми поместувања во однос на вкупните средства и истите се на скоро исто ниво како во 2018 година.
Интересот за влез во ова одбрано друштво е голем, а истото е согласно глобалните трендови за демонополизација на индустријата, како и зголемените потреби од електрична енергија. На ова се надоврзува и фактот што во 2020 година на македонскиот пазар се издадени лиценци за работа на 8 нови компании. Ваквиот тренд на зголемена конкуренција може позитивно да се одрази на квалитетот на услугата која ја нудат компаниите, да придонесе за подобри ценовни услови, воведување на новитети и зголемување на нивото на пазарна економија.
Назив | Вкупни приходи 2019 | Вкупни расходи 2019 | Добивка за финансиска година 2019 |
ЕВН Македонија | 14.883.631.319 | 12.595.755.927 | 2.093.474.509 |
ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС | 5.794.807.079 | 5.774.202.380 | 16.787.807 |
ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ | 3.482.006.090 | 3.409.189.953 | 64.892.254 |
ЕНЕРЏИ АКТИВЕ увоз-извоз ДООЕЛ | 286.352.209 | 268.170.267 | 16.354.082 |
СОЛАРПРО ХОЛДИНГ АД Софија | 433.468.549 | 430.438.252 | 2.483.195 |
ГЕН-И ПРОДАЖБА НА ЕНЕРГИЈА ДООЕЛ | 8.364.382.408 | 8.337.390.092 | 24.267.395 |
ЕНЕРГИА ГАС ЕНД ПАУЕР ДООЕЛ | 247.475.218 | 244.274.052 | 2.452.975 |
ЕНЕРЏИ УИНД ДОО | 387.809.648 | 387.702.768 | 96.192 |
ЕВН ТРЕЈДИНГ ДООЕЛ | 3.036.784.654 | 3.037.390.005 | (605.351) |
ТЕРНА ЕНЕРЏИ ТРЕЈДИНГ ДООЕЛ | 690.954.255 | 665.348.906 | 23.044.814 |
ГРИН ЕНЕРЏИ ТРЕИДИНГ ДООЕЛ | 1.344.973.053 | 1.328.745.499 | 14.589.013 |
ИНТЕРЕНЕРГО МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ | 1.575.426.066 | 1.567.337.365 | 7.257.378 |
ХСЕ МАК ЕНЕРЏИ ДООЕЛ | 1.820.875.298 | 1.806.861.964 | 12.612.001 |
АЛПИК ЕНЕРГИЈА СКОПЈЕ ДООЕЛ | 1.711.287.470 | 1.710.984.014 | 273.110 |
ПЕТРОЛ-ЕНЕРГЕТИКА ДООЕЛ | 753.409.498 | 753.311.127 | 75.931 |
ЕНЕРЏИ СУПЛАЈ-М ДООЕЛ | 82.047.834 | 86.621.880 | (4.574.046) |
ЕЛЕМ ТРЕЈД ДООЕЛ | 542.058.629 | 519.174.318 | 20.594.267 |
ЕВН ХОМЕ ДОО | 8.427.312.934 | 7.719.572.544 | 608.693.400 |
** Бројките се изразени во денари
Извор на податоци: „БизнисМрежа.Мк“.
Анализа на податоци: Таргет Груп