Како и голем број земји во светот, Северна Македонија дизајнираше и имплементираше четири пакети економски мерки со цел ублажување на економските загуби предизвикани од Ковид-19 кризата. Иако се`уште е рано да се оцени соодветноста и успешноста на преземените мерки, анализата на сентиментот на пазарот на капитал ја открива перцепцијата и реакцијата на инвеститорите на економските мерки во поглед на перспективите на македонските компании во текот и по Ковид-19. Ги анализираме движењата на приносите на компаниите кои котираат на Македонската Берза околу објавите на четирите пакета економски мерки, со цел да утврдиме како пазарот ги оцени мерките на Владата. Анализата покажува дека пазарот негативно го оцени првиот пакет мерки, но оптимистички реагираше на вториот, докажувајќи дека формата и големината на мерките беше соодветна за поттикнување на економијата. Инвеститорите беа резервирани по објавите на третиот и четвртиот пакет мерки, веројатно затоа што веќе ја имаа вградено информацијата за ниската реализација на мерките од претходните два пакета.
ПРОБЛЕМ
Ниту една економија не остана имуна на ударот од пандемијата Ковид-19, вклучувајќи ја и Македонската. Бруто домашниот производ во вториот квартал од 2020 падна за 12.7% остварувајќи ја проекцијата на Finance Think од април 2020. И покрај тоа што падот е систематски и ги зафати сите сектори, големината е различна пришто индустријата и трговијата, транспортот и угостителството искусија најголем пад од 25.3% и 23.4%, соодветно (Макроекономски монитор 9(2), 2020).
Владите околу светот се обидуваат да ги ублажат негативните ефекти од пандемијата со дизајнирање итни и генерални (one-size-fits-all) мерки кои треба да ја подигнат агрегатната побарувачката и да ги спасат најзагрозените сектори.
Македонската влада се соочи со истиот притисок да одговори навремено и соодветно таргетирано. Поради итноста на ситуацијата, Владата дизајнираше и имплементираше четири пакети мерки кои целеа да ги ублажат загубите на доход и зголемувањето на невработеноста. На 18 Март 2020, тогашната вицепремиерка за економски прашања Мила Царовска го објави првиот пакет економски мерки за поддршка на бизнисот. Пакетот вклучуваше привремено и условено субвенционирање придонеси, одложување на обврските за аконтативна уплата на даноци, бескаматни кредити за микро, мали и средни претпријатија од Развојната банка на Северна Македонија во износ од 5.7 милиони евра и препораки за реорганизација на производството и транспортот.
На 31 Март 2020, тогашниот технички премиер Оливер Спасовски ја обелодени листата на вториот пакет мерки. Овој пакет беше пообемен. опфаќајќи финансиска поддршка на претпријатија за исплата на (минимална) плата од 14500 денари, дополнителни бескаматни кредити, репрограмирање на кредити и слична помош, како и ограничувања на исплати на плати и надоместоци за одредени категории граѓани (пратеници, членови на управни и надзорни одбори итн).
Вкупната проценета вредност на првиот и вториот пакет економски мерки изнесуваше 200-250 милиони евра или 2% од БДП. На 17 Мај 2020, техничкиот премиер го презентираше и третиот пакет мерки, генерално насочен кон стимулирање на побарувачката. Третиот пакет мерки е проценет на 355 милиони евра и вклучуваше платежни картички за нискодоходни граѓани и студенти за купување македонски производи, ваучери за домашен туризам и кофинансирање обуки, бескаматни кредити и грантови за стимулирање дигитализација и иновација, како и помош за земјоделците и здравствените работници. Конечно, на 27 Септември 2020, премиерот Зоран Заев го објави четвртиот пакет економски мерки.
Тој содржи 31 мерка кои се продолжение на претходните како што се субвенционирање на платите на вработените, платежни картички, поволни кредити од Развојната банка, дополнително одложување на отплата на кредити, како и останати нови мерки како намалување на увозни давачки, државни кредитни и царински гаранции и дополнителна поддршка на туризмот и угостителството. Проценетата вредност на четвртиот пакет на мерки е 470 милиони евра.
Агрегатната проценета вредност на сите четири пакети изнесува приближно 1 милијарда евра, од кои приближно 200 милиони евра се реализирани во досегашниот период. Во рамките на неизвесноста создадена од пандемијата, објавата на секој пакет мерки претставува потенцијално нова информација за инвеститорите на пазарот на капитал која може да предизвика обновување на нивните а-приори предвидувања за развојот на економската ситуација во земјата и соодветно делување: вложување во акции во просперитетните сектори во земјата кои би имале корист од мерките (позитивна информација) или продавање акции доколку мерките не се доволни да го помогнат работењето на фирмите (негативна информација).
ЦЕЛ
Целта на овој бриф е да ги анализира движењата на пазарот на капитал околу деновите на објавување на четирите пакети мерки презентирани од владините преставници. За таа цел, применуваме студија на случај (event study) и ги пресметуваме абнормалните приноси (ARs) и кумулативните абнормални приноси (CARs) за четири различно дефинирани портфолија. Анализата на одговорот на пазарот на капитал во однос на Ковид-19 мерките може да индицира во која насока да се дефинираат идните мерки за ублажување на ударот од Ковид-19 и за брзо заздравување на економијата.
Целата публикација е достапна тука.