ПОВЕЌЕ

    ЕКОЛОШКИТЕ ПЕЛЕТИ СТАНУВААТ ЛУКСУЗ, месечната сметка стигна до 21.000 денари за греење на 100м2

    Време зa читање: 4 минути

    Ги заборави ли власта еколошките пелети, со кои требаше да се намалува загадувањето на воздухот во земјава? Во фокусот се електричната енергија, гасот, парното греење, но каде останаа пелетите. А тие од летото досега поскапеа за повеќе од 50 проценти. Зависи од квалитетот, но сепак една вреќа моментално се продава и по 320 денари, додека летото чинеше 190 денари. Ако се направи споредба, пак, со цената кога прв пат се појавија на пазарот и чинеа околу 165 денари за вреќа, поскапувањето сега е цели 100 проценти.

    Пресметките велат дека за површина од 100м2, квадратура која ја земаме за пример со оглед на тоа што со пелетите најмногу се загреваат куќите, за една грејна сезона се потребни 3 тони пелети. Кога времето е потопло се троши една вреќа на ден, додека како сега кога е поладно се ставаат две. Еден тон или една палета на која се редат пелетите има 70 вреќи. Граѓаните што ги набавиле пелетите по цена од 190 денари вкупно 3 тона ги чини 39,900 денари или месечно (за 6 месеци греење) 6,650 денари.

    Со новата цена 300 денари вреќа, ако сега купите еден тон пелети неопходен за еден месец греење (бидејќи е поладно и се трошат по две вреќи), месечната сметка излегува 21,000 денари за загревање на 100м2 простор.

    Освен што цената на еколошките пелети станува недостижна за македонските граѓани, домашните производители на пелети и увозниците се жалат дека со оваа цена овој бизнис станува економски неисплатлив. За порталот ,,Пари”, велат дека освен што се се поскапи поради поскапеното производство предизвикано пред се од растот на електричната енергија, тешко и се наоѓаат да се увезат бидејќи дел од фабриките се затвориле.

    -Уште летово склучивме договор со српски производители за увоз на три камиони со пелети, но одвај еден ни праќаат. А многу граѓани се префрлија на овој систем на греење, особено пензионерите во помалите градови каде што нема парно, а тие не се способни за да набавуваат дрва, а пак на струја им е скапо. Сега фати студ и сите бараат пелети плус, поради цената земаат по вреќа- две. Нас власта не заборави, се даваат субвенции за парно греење, а кај се останатите граѓани што плаќаме даноци во помалите места зошто нема мерка за пелетите кои освен што се еколошки им го олеснија начинот на греење особено на изнемоштените граѓани, се жалат бизнисмените со пелети кои сакаат да останат анонимни.

    Домашните производителите на пелети, пак велат сега откако е поскапена индустриската струја нив една вреќа ги чини 270 денари и немаат ќар да продаваат. Производителите не очекуваат ниту намалување на цената на пелетите оваа година. Поради тоа, велат во услови кога цената на пелетите е толку зголемена на граѓаните не им останува ништо друго туку повторно да се вратат на греење на дрва и струја и да го загадуваат воздухот.

    Освен што пелетите стануваат луксуз, бизнисмените велат дека порано на ден продавале до две печки за пелети, додека сега за три месеци продале две печки.

    Греењето на пелети беше најавувано како еколошка алтернатива за греење кај домаќинства кои немаат пристап до парно греење или греење на гас. Една печка од 25 киловати чини околу 1.500 евра, а заедно со радијаторите за 100м2 простор целата инвестиција изнесува околу 3.000 евра. Ако немате потреба од радијатори на продажба има и само печки без приклучок за радијатори.

    Пелетите наидоа на позитивни искуства кај граѓаните со оглед на едноставноста на целиот систем на одржување, можноста за подесување на топлината, на палењето и гасењето, како и едноставноста кај набавката на пелетите.

    ДДВ-то за пелетите беше намалено од 18 на 5 проценти, а за купување на печка на пелети власта дава и субвенции. Овие мерки на почетокот го привлекоа вниманието на граѓаните да се префрлат на овој тип на греење.

    Сепак, со моменталните цени на пелетите и без владина поддршка, граѓаните тешко дека ќе останат да се греат на овој еколошки начин. Тоа пак ќе значи нови главоболки со зголемено загадување и оптоварување на електричната мрежа.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично