ПОВЕЌЕ

    Државата Тексас размислува да лансира сопствена дигитална валута поддржана со злато

    Време зa читање: 4 минути

    Двајца пратеници од Тексас предложија закон за создавање државна дигитална валута поддржана со злато, потег што доаѓа и покрај приговорите на неколку американски законодавци против воведувањето дигитална валута на централната банка (CBDC). Доколку биде усвоен, предлог-закон кој се наоѓа на разгледување во Домот и Сенатот на Тексас ќе создаде сопствена државна дигитална валута, поддржана со злато.

    Донесувањето на оваа легислатива ќе создаде опција за луѓето да вршат трансакции со здрави пари, ќе ја постави сцената за уривање на монополот на Федералните резерви на пари и ќе создаде одржлива алтернатива на дигиталната валута на централната банка на САД (CBDC), тврдат предлагачите.

    Републиканските сенатори Брајан Хјуз и Марк Доразио го претставија предлог-законот во Сенатот кој ќе бара од државната институција Texas Comptroller ( главен даночен наплатувач, сметководител, проценувач на приходи, благајник и менаџер за набавки на државата Тексас, агенција одговорна за пишување на чекови и за чување на книгите за бизнисот на државната влада од повеќе милијарди долари. Канцеларијата на Комптролерот ги собира даноците и таксите што ги должи државата, н.з.).да воспостави дигитална валута која е целосно поддржана со злато и целосно откуплива и во готовина или злато. Од комптролерот исто така ќе се бара да создаде механизам за користење на оваа дигитална валута поддржана со злато во секојдневните трансакции.

    Нацрт-законот објаснува дека штом некое лице ќе купи одреден количeство на дигитална валута, Комптролорот ќе ги искористи тие добиени пари за да купи еквивалентна количина злато. Тогаш купувачот ќе добие дигитална валута еднаква на количината на злато што Комптролерот го купува со парите добиени од купувачот.

    Вредноста на единицата дигитална валута мора да биде еднаква на вредноста на соодветната фракција од троја унца злато во моментот на трансакцијата.
    „Повереникот (комптролерот) ќе одржува доволно злато за да обезбеди откуп во злато на сите единици на дигиталната валута што се издадени и сè уште не се откупени за пари или злато“, се наведува во законот. Беше додадено и дека може да се воспостави такса „доколку има потреба“ за покривање на трошоците за администрирање на ова поглавје.

    Иако ниту еден од нацрт-законите уште не е усвоен или презентиран на гласање, и двајцата наведуваат дека овој акт ќе стапи во сила на 1 септември 2023 година.

    ЗА ИЛИ ПРОТИВ ДИГИТАЛНА ВАЛУТА ВО САД

    Неколку американски конгресмени неодамна се произнесоа против идејата САД да воведат дигитален долар (CBDC). Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, на прес-конференција на 20 март изјави дека CBDC ќе ѝ дадат „повеќе моќ“ на владата, додавајќи дека тоа и дава на владата „директен поглед на сите активности на потрошувачите“.

    Во меѓувреме, на 21 март, републиканскиот сенатор Тед Круз претстави нацрт-закон за блокирање на ФЕД од лансирање на CBDC „директно до потрошувачите“, наведувајќи дека е „поважно од кога било“ да се осигура дека американската политика за дигитални валути ја штити „финансиската приватност, ја одржува доминацијата на доларот и негува иновација“.

    Идејата за дигиталната валута поддржана со злато е да се создаде алтернатива и да им овозможи на поединците и бизнисите да избегнат CBDC.

    Дигиталните валути постојат како виртуелни банкноти или монети кои се чуваат во дигитален паричник на вашиот компјутер или паметен телефон. Разликата помеѓу дигиталната валута на централната банка (владина) и електронската готовина peer-to-peer, како што е биткоинот, е во тоа што вредноста на CBDC е поддржана и контролирана од владата, исто како и традиционалната фиат валута.

    Во основата на движењето кон CBDC е „војната против готовината“. Елиминацијата на готовината создава потенцијал за владата да ги следи, па дури и да ги контролира потрошувачките трошоци. Нигерија веќе се обидува да ги натера луѓето да го прифатат нејзиниот CBDC (со голем отпор), а Кина, Индија и САД започнаа пилот програми за тестирање на CBDC.

    Според  Блумберг, во написот објавен кога Кина започна пилот програма за дигитални јуани во 2020 година, дигиталната валута „им нуди на кинеските власти степен на контрола што никогаш не е возможен со физички пари“.

    Владата може дури и да ја „исклучи“ способноста на поединецот да купува. Економистот Торстен Полеит го истакна потенцијалот за владина контрола слична на Големиот брат со доаѓањето на дигиталното евро во напис објавен од Mises Wire. Како што рече тој, „патот да стане државен режим за надзор значително ќе се забрза“ ако и кога се издаде дигитална валута.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично