Ќе ги вратиме парите од солидарниот данок ако таква одлука донесе Уставниот суд, наместо да првиме училишта, булевари, експресни патишта. Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Ако донесат таква одлука, мора да ги вратиме тие пари. Нема што да правиме, ќе скратиме од нешто друго и ќе направиме ребаланс“, посочува Мицкоски.
Доколку има можност, ќе се бара кривична одговорност за тие што на овој начин ја оштетиле државната каса, зашто парите се на граѓаните, а Владата само менаџира со нив.
„Ќе ја разгледаме и можноста за кривична одговорност на тие кои донесоа одлука на ваков начин да се води економијата, зашто дефакто, Буџетот е оштетен. А, може утре и камати да ни побараат ако донесе таква одлука Уставниот суд“, смета премиерот и додава: „Наместо да правиме вакви улици, училишта, булевари, експресни патишта, ние ќе ги вратиме парите затоа што некој се однесувал како што се однесувал – насилно дивеел и мислел дека е семоќен, но очигледно е дека ние ќе мора да плаќаме за тоа“.
Одлуката на Уставниот суд се очекува на почетокот од идниот месец. Против Законот за солидарен данок беа поднесени неколку иницијативи, пред се од бизнис заедницата. По таа основа, од 150 компании бо Буџетот се слеаја дополнителни 50 милиони евра. Законот, како еднократно решение во кризна сотојба, беше донесен во 2023 година. Ги опфати успешните компании со приход поголем од десет милиони евра и со добивка зголемена за 20 проценти во однос на просекот од последните три години.
Токму тој селективен пристап, заедно со ретроактивноста, го посочија и од деловната заедница. Притоа, реагираа дека на тој начин се дестимулираат успешните компании, кои се инвестициски и извозно ориентирани. Воедно, алармираа дека законот е донесен одненадеж, со што го нарушува начелото на почитување на правото и создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, па постои и опасност за заминување на странските компании од земјава.
Инаку, во очекување на судската одлука, како можности се споменуваат укинување на законското решение, поништување или запирање на постапката. Укинувањето претпоставува дека во иднина ниту ќе може да се донесе ниту да се применува ваков закон, а поништувањето – на компаниите да им бидат вратени наплатените пари.