Демографијата се чини е еден од најголемите предизвици во развиените земји во последниве декади. Континуираното забавување на глобалната стапка на раст на населението и трендот на стареење на населението продолжуваат со забрзано темпо, а проекциите за идното движење на демографските показатели, особено во развиените земји се генерално неповолни.
Според обемниот збир на податоци на ОН, Перспективи на светската популација, 2024[1], во кој се опфатени над 200 земји и кој ги проектира очекуваните демографски трендовите до 2100 година, пикот на глобалната популација се очекува во 2084 година, малку порано од претходните проценки, на нешто помалку од 10,3 милијарди луѓе. Притоа, вкупните стапки на фертилитет, кои го покажуваат веројатниот просечен број на живородени деца што би ги родила една жена во фертилниот период (15-49 години), на глобално ниво драматично се намалени – од над 5 деца по жена во 1960-тите на 2,3 денес.
Ако ги погледнеме податоците за развиените земји, според извештајот на ОЕЦД Society at a Glance 2024[2], земјите на ОЕЦД доживуваат долгорочен пад на вкупната стапка на фертилитет. Истата падна на само 1,5 деца по жена во 2022 година, во просек во земјите-членки на ОЕЦД, што е далеку под заменската стапка од 2,1 дете по жена (заменска стапка од 2,1 се однесува на просечниот број деца што жената треба да ги има во текот на својот живот за населението да остане стабилно – ниту да расте ниту се да намалува – во отсуство на миграција). Намалувањето на вкупната стапка на фертилитет се случува паралелно со зголемувањето на возраста на која мајките го раѓаат своето прво дете, која се зголеми од 26,5 години во 2000 година, во просек низ земјите-членки на ОЕЦД, на 29,5 во 2022 година.
Економските фактори имаат влијание врз формирањето на семејството. Клучните економски варијабли, како што се вкупните приходи во едно домаќинство и како истите се распределуваат меѓу родителите, како трошоците за грижа за децата и домувањето, можат да влијаат на тоа дали да се имаат деца, кога да се имаат и колку деца би имало едно семејство. Зголемените директни и индиректни трошоци за деца може да бидат фактор кој придонесува за намалување на стапките на фертилитет, но исто така значаен фактор претставува промената на преференциите кај помладите луѓе за имање деца. Во последните години особено се забележува оваа промена во ставовите кон родителството, а исто така развиените општества има зголемено прифаќање на немањето деца. Според истата студија на ОЕЦД, нормативните барања за тоа што значи да се биде „добар“ родител се зголемени, додека субјективната проценка за рамнотежата помеѓу трошоците и придобивките од раѓањето дете – и финансиски и нефинансиски – може да води кон донесување одлуки за помалку деца денес отколку во минатото.
Ваквите демографски трендови не ја заобиколуваат и нашата земја, а доколку се имаат предвид и миграционите процеси, може да се каже дека нашата земја е во понеповолна или поранлива позиција, споредено со развиените европски земји, кои имаат нето позитивен прилив на мигранти од помалку развиени земји.
Според Државниот завод за статистика[3], само во периодот од 2013 до 2023 година, учеството на старото население (возрасна група 65+ години) во вкупното население порасна од 13% на приближно 18%. Исто така, просечната возраст на населението[4] во последната декада се зголемува. Во 2007 година просечната возраст на населението изнесувала 36 години додека во 2022 година просечната возраст на населението изнесувала 41 годинa. Коефициентот на старосната зависност, кој претставува сооднос меѓу вкупниот број на лица кои се на возраст кога главно се економски неактивни (0-14 години и 65+ години) и бројот на лица на работоспособна возраст (15 – 64), во 2022 година е на ниво од 52,2, додека во 2021 година за прв пат, бројот на население на возраст над 65 години го надминува населението на возраст до 14 години што го носи индексот на стареење на ниво повисоко од 100. Истиот во 2022 година изнесува103,2. Вкупната стапка на фертилитет во 2023 година е на ниво од 1,5.
[1] UN, World Population Prospects (2024)
[2] OECD, Society at a Glance 2024
[3] ДЗС, North Macedonia in Figures, 2024
[4]https://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Naselenie__ProcenkiNaselenie__ProcenkiPopis2021__Proceni2003_2020Revidirani/110_stapki_po_regioni_ml.px/table/tableViewLayout2/
Покрај пазарот на труд кој може да биде значајно погоден од неповолните демографски трендови, од особено значење е поставеноста на пензискиот систем во една држава да ја интегрира во себе демографската слика на таа држава, заедно со идните очекувања за промените во клучните обележја на населението во неа.
Стареењето на населението е главната движечка сила зад промените во пензиските политики. Адресирањето на влијанието од демографските промени врз поставеноста и адекватноста на пензиските системи зазема клучна позиција во креирањето на пензиските и социјалните политики, особено во земјите кои се сооочуваат со демографски предизвици. Многу земји ги реформираат пензиските системи за да ја подобрат долгорочната финансиска одржливост – најчесто преку прилагодување на возраста за пензионирање, како и со модифицирање на бенефициите и придонесите.
(продолжува)
Извор: Блог портал: НикогашСами