ПОВЕЌЕ

    ДАЛИ ГЕОПОЛИТИЧКИОТ РИЗИК ќе донесе и кредитен ризик?

    Време зa читање: 4 минути

    Неколку години по енергетската и инфлаторната бура што ја тестираа отпорноста на македонската економија, во македонскиот банкарски сектор се гледа сигнал што обично асоцира на стабилност. Проблематичните кредитни пласмани, во статистиката водени како сомнителни и спорни побарувања, се движат надолу и повторно го доближуваат системот до „помирни“ времиња. Овој тренд не е само технички податок од табела. Тој е, всушност, огледало на тоа како фирмите и граѓаните ја поднесуваат цената на финансирањето, како се менува деловниот циклус и колку брзо се чистат старите ризици од билансите.

    Но, додека вкупната слика изгледа охрабрувачки, деталите сепак откриваат две различни реалности: корпоративниот сегмент драматично се подобрува, а состојбата кај домаќинствата е стабилизирана, но на повисоко ниво отколку пред неколку години. Во таков амбиент, прашањето за следниот период не е дали ризикот постои, туку од каде најпрво би можел да дојде – од надворешни шокови што ги креваат цените на енергенсите и трошоците за живот или од домашни фактори, како што е динамиката на платите, на каматите и на кредитните стандарди.

    Според последните податоци од статистиката на Народната банка, застапени во анализата на Пари, заклучно со февруари 2026 година, вкупните сомнителни и спорни побарувања (за кредити на компании и граѓани заедно) се на ниво од 8,5 милијарди денари. Тоа е најниско ниво во последните 4 години, а и еден од најниските резултати во последните 10 години, со последно приближување до ова ниво во март 2022 година. Трендот на намалување е континуиран од август 2025 година.

    Ваквото движење најчесто значи дека банките наплатуваат подобро (помалку доцнења од кредитокорисниците), дел од старите проблеми се решаваат преку реструктурирања/отписи/продажби, а новото кредитирање го разредува уделот на проблематичните салда.

    Компаниите го исчистија ризикот до најниско ниво во последните 10 години

    Клучната причина за вкупната бројка е корпоративниот сегмент. Во февруари 2026, сомнителните и спорните побарувања кон компаниите се спуштени на ниво од 3,9 милијарди денари, што е убедливо најниско во последните 10 години, со континуиран пад од ноември 2024 година. Историскиот контраст е силен: врвот во мај 2019 година бил 10,2 милијарди денари, повеќе од двојно над сегашното ниво.

    Во последните две години, и покрај повремени притисоци, фирмите очигледно успеале да одржат доволно стабилно сервисирање на обврските за да се намалува проблематичниот дел од портфолиото. Дополнително, во периоди кога банките се повнимателни, корпоративните кредити често одат кон посолидни клиенти, што дополнително ја подобрува статистиката.

    Домаќинствата се стабилни, но на повисоко ниво

    Кај граѓаните, сликата е помалку спектакуларна и токму затоа е поважна за следниот ризик.

    Во февруари 2026 година, сомнителните и спорни побарувања кај домаќинствата се 4,6 милијарди денари, ниво што со минимални корекции се одржува од август 2024 година. Но, во септември 2019 година оваа бројка била околу 2 милијарди денари, што е значително пониско. Ова може да значи дека домаќинствата како целина не паѓаат, но не се ни враќаат брзо во претходната комфорна зона. Можни причини за ваквиот застој се животните трошоци што драстично пораснаа поради инфлацијата, повисоката цена на кредитите во периодот на смирување на инфлаторната спирала и уделот на потрошувачки кредити, кои се почувствителни на шокови.

    Ако ескалацијата на шоковите поради војната во Иран продолжи, ефектот за Македонија ќе оди преку енергијата и инфлацијата, а потоа преку каматите и кредитната способност.

    Затоа најверојатното сценарио е дека поскапата енергија ќе ги зголеми цените на транспортот и храната, а тоа ќе донесе поголеми трошоци за живот и нов притисок врз буџетите на домаќинствата. Последица од тоа може да биде потешко сервисирање на потрошувачките кредити, долговите на картички и дозволените минуси бидејќи имаат пократок рок на отплата и повисоки камати.

    Корпоративниот сегмент, пак, може да биде погоден селективно. Први на удар може да бидат енергетски интензивните компании и транспортот, а потоа извозниците зависни од европска побарувачка. Но фактот што корпоративните сомнителни побарувања сега се на историски ниско ниво им дава тампон, барем на краток рок.

    Ако енергетскиот шок остане ограничен по времетраење и цените се стабилизираат, најверојатно ќе остане ниското ниво на сомнителни и спорни побарувања кај корпоративниот сектор, со можни мали осцилации, а кај домаќинствата ќе нема брз пад затоа што навиките на потрошувачка и ценовното ниво се сменети.

    Неповолното сценарио е инфлациски бран проследен со построги услови за кредити. Ако конфликтот ја држи енергијата скапа подолго, кај домаќинствата постои ризик од раст на сомнителните побарувања. Од банките се очекува да ја засилат претпазливоста во кредитирањето.

    Вкупниот пад на сомнителните и спорните побарувања до најниски нивоа во последниве години е добар сигнал за квалитетот на кредитните портфолија. Но, тоа не значи дека ризикот исчезнал.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично