ПОВЕЌЕ

    Да се верува или не во судот на агенциите за кредитен рејтинг?

    Време зa читање: 4 минути

    Првите историски податоци кои го означуваат почетокот на работењето со хартии од вредност се пред нешто повеќе од 400 години во Холандија. Поточно, во 1609 година формирана е Амстердамската банка која покрај своите секојдневни депозитно-кредитни операции, започнува да се занимава со кредитни операции во чија основа биле одредени сертификати за влог на банката. Со тек на времето овие сертификати почнале да “добиваат на цена” и паралелно се разменувале за пари. Кон крајот на 17-тиот век, во 1694 година во Англија се основа Англиската банка. Како нејзин основач е запишан англискиот крал, а основачкиот капитал е обезбеден по пат на издавање на меници, гарантирани од кралот. На овој начин акумулиран е капитал во износ од 1,2 милиони ливри. Овие два настани се најтесната врска со првите чекори во работењето со хартии од вредност и се основа врз која се градел целиот систем на организирано прибирање на капитал врз акционерска основа. Суштината на хартиите од вредност во најпримитивна конотација значеле адекватна сигурност, односно минимизирање на ризикот од вложените средства.

    Од аспект на кредитниот ризик, субјектите кои ги вложуваат своите средства секогаш се изложени на ризикот дека издавачот на хартиите од вредност нема да биде во можност да ја отплати главницата и каматата, регулирани со претходно утврдени рокови. Со цел да се стимулира вложувањето во хартии од вредност и да се заштитат потенцијалните инвеститори, а исто така да се наметне поголема регулатива на издавачите на хартии од вредност, општоприфатена е позицијата на агенциите за рангирање на квалитетот. Основната цел на овие агенции е да на етички и непристрасен начин ги изнесат во јавноста своите согледувања за одредени издавачи на хартии од вредност. Бидејќи се работи за дејност во која оценката на агенциите е основа за намошни инвестициски потези, се претпоставува дека верoдостојноста на податоците е на највисоко можно ниво и дека во анализата се вметнати сите потенцијални ризични категории.

    Тргнувајќи од претпоставка дека може да им се верува на кредитните агенции, ќе потсетиме на еден клучен сегмент од финансиската криза во 2008 година, во кој агенциите потфрлија и со самото тоа оставија длабока трага и белег врз целокупната индустрија. Кога ќе се спомнат имињата на Standard & Poors, Moody’s и Fitch и колкаво е нивното влијание врз инвеститорските перцепции, се добива чувство дека покрај нивната аналитичка функција, тие имаат и регулаторна компонента. Покрај другото, овие агенции ги детерминираат трошоците за позајмување на секое ниво од финансискиот систем, какви инструменти треба да се поседуваат и со колкав капитал треба да оперираат одредени институции. Крајниот резултат е дека нивното влијание врз целокупната инвестициска мрежа сеуште е огромно, иако историјата ни покажала дека нивните “грешни” или неадекватни анализи довеле до низа негативни последици врз опстанокот на одредени финансиски системи во најмоќните светски економии. Токму една од овие агенции направи катастрофална грешка во пресметката на кредитниот рејтинг на САД, што предизвика ликвидоносна криза и го одреди текот на буџетскиот дефицит на национално ниво. Од друга страна, овие агенции сеуште се движечкиот елемент во рангирањето на компаниите и државите, меѓутоа главните забелешки се во однос на нивната транспарентност од аспект кои се клучните елемнти кои водат кон одреден скоринг рејтинг и како истиот може да се подобри. Неиздавањето на точно дефинирани правила секогаш ќе остава сомнеж во нивниот кредибилитет, а од друга страна се доведува во прашање мотивираноста на издавачите на хартии од вредност да ги искажат вистинските параметри.

    На крајот заклучокот е дека овие агенции секогаш ќе се повикуваат на тоа дека нивните параметри се врз основа на нивен алгоритам и претставуваат само изнесено мислење за одредени издавачи на хартии од вредност. Согласно предходното, се наметнува тезата дали во иднина покрај кредитниот рејтинг во одлуката на инвеститорите ќе бидат вметнати и некои други форми за хеџирање на ризикот? Таквите форми можеби ќе одат во насока на персонални гаранции (како што беше случајот со англискиот крал) или поверојатното решение ќе биде целосно технолошко решение без можност за човечка грешка. Овие две дијаметрално спротивни патеки треба да го одредат курсот по кој ќе се движи идното работење со хартии од вредност.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично