ПОВЕЌЕ

    ДА СЕ ИСПРАВИ ОНА ШТО Е ИСКРИВЕНО: Пензионерите не попуштаат, ќе ги „пеглаат“ пензиите со надлежните министерства

    Време зa читање: 5 минути

    Исплатата на пензиите се врати на стариот колосек. Пензионерите ќе го добиваат следувањето секој први во месецот. Со тоа заврши практиката наметната од Ковид-пандемијата, примањата на пензионерите да им бидат достапни пред истекот на месецот.

    Дал некој ден порано или подоцна, е сеедно за пензионерите кои имаат многу посуштински барања. Последниве недели се активни и гласни во битката за зголемување на пензиите и за остварување на нивните права: 3.500 денари линеарно зголемување за сите, најниската пензија да биде колку и загарантираната минимална плата, бесплатни лекови…

    Сите прашања и проблеми кои се однесуваат на пензионерскиот стандард ќе се третираат во рамките на работната група составена од претставници на министерствата за труд и социјална политика и за финансии, како и од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, од ПИОМ, од Сојузот  на пензионери, МАПАС и приватните пензиски друштва. Првиот состанок, односно конститутивната седница е закажан за среда, шести септември.

    Во меѓувреме пензионерите протестираат и на сметките ги добиваат пензиите од кои не се задоволни. Септемвриската пензија што ќе ја добијат на први октомври ќе биде усогласена за 6,8 насто, но и тој процент е спорен за нив.

    Според јулските статистики на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во државата има 336.107 пензионери. Просечната пензија е 19.057 денари, а со усогласувањето ќе дојде до сегашното ниво на минималната плата – 20.350 денари.

    Меѓу корисниците, најбројни се оние со старосна пензија, 233.135 со просечни 20.563 денари. Семејна пензија, каде што просекот е 15.055 денари, користат 75.459 лица. Како приматели на инвалидска пензија се заведени 27.513 пензионери, а тука се работи за просечни 16.965 денари. Најнизок е просекот на земјоделската пензија – 9.867 денари, а највисок кај воените пензии -27.074 денари.

    Во пензионерската структура најголемо е учеството, со 28,71 отсто, на лицата 96.510 на број, кои имаат пензии до 13.300 денари. Следуваат 92.308 пензионери со примања поголеми од 22.001 денар, чиј удел е 27,46 проценти. Со 25,80 отсто се 86.717 пензионери со пензии од 16.001 до 22.000 денари. Најмала е партиципацијата – 18,02 проценти на 60.572 пензионери чии пензии се движат од 13.301 до 16.000 денари.

    Статистиката на ПИОМ укажува дека со најниски пензии се вкупно 72.528 лица. Наспроти нив се 1.520 со највисоки пензии. Нивните примања се движат од 48.304 денари (ги примаат 98 лица) до 69.803 денари (75 корисници). Во категоријата највисоки – најбројни се пензионерите – 923 со пензии од 50.320 денари. Додека само 20 на своите сметки месечно добиваат по 66.613 денари.

    Во јули кон друштвото на пензионерите се приклучиле нови 1.548, од кои 1.055 мажи и 493 жени. Тој месец починале 1.181 лице, мажи 920 и жени 261.

    Пензионерите кои се незадоволни и протестираат последниве недели, имаат забелешки и на пензинскиот систем, за кој велат дека е „искривен“. Посочуваат дека надвор од него се околу 62.000 лица, и тоа 8.000 во градовите и 54.000 во селата низ државата, кои не примаат ниту денар. Навистина, велат, за таквите случаи беше донесен Законот за социјална сигурност на стари лица, кои им обезбедува месечно по шест илјади денари. Плус додаток од илјада денари за покривање на дел од трошоците за струја и греење.  тие пари ги примаат околу 11.000 стари лица. Велат, неправедно е што оваа т.н. социјална пензија не ги опфаќа лицата кои имаат обработлива земја. „Што и колку можат да произведат страречките раце“, реагираат пензионерите и додаваат „ако се  трошат по 130-140 милиони евра годишно за субвенции во земјоделството, зарем не може со дел да им се помогне во плаќањето на придонесите“.

    Проблем е и осаменоста, поради иселувањето на младите. Оттаму пензонерите сега предлагаат и законски измени, со кои ќе може земјиштето или имот што го имаат како сопственост да отстапат во замена за сместување во домовите за стари лица.

    Пензионерите кои се вклучени во длабинската анализа на целиот проблем и кои сметаат дека Сојузот на пензионери си поигрува со членарината и со парите од солидарниот фонд, сметаат дека многу попрактично е целата работа да ја врзат за осигурителните компании. Почетни контакти се остварени и оттука и некои пресметки. „Сега плаќаме 150 денари месечно, а како посмртнина семејствата на починатите пензионери добиваат 30.000 денари, 500 евра. Ако во осигурителна компанија плаќаме месечно по едно евро, осигурана е сума од илјада евра“, укажуваат и велат дека на повидок е решение за посмртната помош.

    Исто така, се сомневаат дека има и лажни пензии, незаконски повисоко одредени пензии…, но велат, тоа треба да се докаже, па сметаат дека е потребно Државниот завод за ревизија повеќе да  навлезе во оваа проблематика. Исто така, тврдат, утврдувањето на пензиите треба да биде едноставно и видливо. Како пример наведуваат дека од неодамна во Србија функционира е-калкулатор за самоутврдување на пензиите.

    Многу проблеми има и прашања кои допрва ќе ги осознаваме, велат пензионерите кои реагираат не само на висината на пензиите, туку и на нивниот статус во општеството. Очекуваат дека властите ќе го одржат зборот и ќе обезбедат мерки за оние со најниски примања, како и бесплатни лекови и болничко лекување.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично