Во периодот март-јуни 2020 година, македонската економија се одвиваше во услови на прогласена вонредна состојба.
Причината е појавата на епидемијата КОВИД-19 која енормно брзо се рашири низ целиот свет, по што Светската здравствена организација прогласи пандемија.
Во многу национални економии настана комплетен прекин на одделни економски активности. Затворени беа границите, прекинати синџирите на набавки и доставување, привремено беа затворени производствените капацитети со цел справување со епидемијата КОВИД-19.
Македонската економија во второто тримесечје се одвиваше во услови на воспоставен високо рестриктивен полициски час за одделни старосни групи на население, затворени производствени, услужни и трговски капацитети. Следствено, Централна кооперативна банка АД Скопје забележа пад во бројот на банкарски операции, зголемени трошоци со цел заштита на вработените и клиентите во Банката, поради што се јавуваат значителни отстапки од првичниот план за 2020 година.
Во првото полугодие од 2020 година, Централна кооперативна банка АД Скопје оствари добивка во висина од 8,3 милиони денари и истата е 31,5% пониска од планираната за годината.
На 30 јуни 2020 година, вкупната актива/пасива на Банката бележи незначителна промена во однос на крајот од минатата година и остварување на поставениот план од 96,7%.
Паричните средства и парични еквиваленти бележат пад од 32,2% и отстапување од планот за 21,3%, додека вложувањата во државни записи бележат пораст со што позицијата вложувања во хартии од вредност е повисока во однос на истиот период претходната година за 39,2% и за 17,6% повисока од планот.
Во првото полугодие на 2020 година, Банката бележи пораст на кредитната активност кај секторот население и опаѓање на истата кај нефинансиските друштва. Во однос на поставениот план, позицијата кредити на и побарувања од други комитенти бележи реализација од 96.6%.
Позицијата останати побарувања, бележи голем пораст и во однос на претходната година и во однос на поставениот план, што во основа се должи на евидентираната авансна исплата на пензиите во јуни.
Позициите нематеријални средства и недвижности и опрема бележат пад во однос на крајот на минатата година, што се должи на континуираната амортизација на овие средства.
Позицијата депозити на други коминтенти остана стабилна и во второто тримесечје, при што планот е реализиран со 96,1%.
Преземените активности во доменот на управувањето со изворите на средства, доведоа до зголемување на расходите за камати за 6,3% во првото полугодие во однос на истиот период минатата година. Остварените расходи за камати во првото полугодие од 2020 година, во однос на планираните, се пониски за 3,9%.
Континуираниот раст на кредитна активност, особено во сегментот домаќинства, предизвика раст на позицијата приходи од камати од 1,5% во споредба со истиот период минатата година. Вкупниот план за оваа позиција бележи реализација од 93,1%.
Поради евидентното намалување на приходите од провизии поради новонастанатата вонредна состојба во државата, позицијата нето-приходи од провизии и надомести е 5,8% пониска во однос на истиот период претходната година, додека планот е исполнет со 86,3%.
Во однос на позицијата трошоци за вработените, забележан е пораст од 1,0%. Планот е реализиран со 97,8%.
Позицијата останати расходи од дејноста бележи зголемување во однос на истиот период минатата година од 6,3%. Остварени се повисоки останати расходи од дејноста за 1,9% во однос на планот.
Останатите приходи од дејноста се пониски во однос на претходната 2019 година, но на ниво на планираните за периодот.
Во второто тримесечје на 2020 година, реализирани се повисоки нето–приходи од курсни разлики за 52,4% во однос на истиот период минатата година.
Расходите за амортизација бележат пад од 3,5% во однос на истиот период минатата година и незначително отстапуваат од планираните.
Во второто тримесечје од 2020 година, издвоена е исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа во износ од 4 милиони денари што е за 87,1% пониска од истиот период минатата година и 72,7% пониска од планираната.