ПОВЕЌЕ

    „Виенска иницијатива“ во Скопје: Ценовната и финансиската стабилност ќе ја зауздаат инфлацијата

    Време зa читање: 5 минути

    Движењето на инфлацијата ќе биде забавено и во развиените и во економиите во развој, бидејќи има стабилизација кај цените на суровините, се намалувааат притисоците на страната на понудата, а тука се и решителните реакции на монетарните власти, посочено е во воведните обраќања и на првиот панел реализиран во рамките на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“, чиј организатор и домаќин во текот на денешниот и утрешниот ден е Народната банка.

    Иако се видливи знаците на забавување, сепак се уште e рано да се прогласи победа над инфлацијата, сметаат монетарците. Затоа, клучно е да се зачуваат финансиската и стабилноста на цените, како основен начин за одржување на довербата на јавноста.

    За улогата на здравиот банкарски систем во поддршката на структурните реформи во регионот на Централна и Југоисточна Европа говореше Анита Ангеловска Бежоска, гувернерката на НБРСМ, во поздравното обраќање до присутните.

    „Доходот и продуктивноста во регионот заостануваат зад напредните европски економии, а одржувањето на финансиската стабилност и финансирањето преку банките може да придонесе за намалување на тие разлики. Истовремено, климатските промени и технолошките иновации продолжуваат, поттикнувајќи ја трансформацијата на нашите општества кон позелена и дигитална иднина. Банките можат да имаат клучна улога во финансирањето на двојната транзиција“, посочи таа.

    Значајана е и макро-прудентната политика која придонесува за отпорноста на банкарскиот систем, а го зголемува и просторот за реакција на монетарната политика: „Во оваа насока голем дел од централните банки во регионот, вклучително и нашата, по пандемијата донесоа макропрудненти мерки како што се противцикличен заштитен слој на капиталот и/или заштитен слој за системски ризици, рече гувернерката на НБРСМ.

    „Од глобалната финансиска криза па наваму, важноста на олеснувањето на дијалогот меѓу релевантните чинители во финансискиот сектор не била толку голема. Во ова време на предизвици, улогата на Виенската иницијатива, како единствена платформа на јавниот и приватниот сектор која ги обединува најважните меѓународни и европски финансиски институции, големите банкарски групации кои работат во странство, како и властите, станува уште поважна“, смета Борис Вујчиќ, гувернер на Хрватската народна банка. Според него, малите и отворени економии во регионит на ЦИЈЕ се погодени од серија невидени надворешни шокови, па затоа ценовните шокови и глобалната неизвесност се предизвик не само за монетарната политика, која има јасен мандат за одржување стабилност на цените, туку и за креаторите на фискалната политика.

    Затоа и во текот на овие два дена ќе се дискутира, како што рече, за претстојните предизвици на банкарскиот сектор, за неопходните трансформации на финансиските системи, за потребата од транзиција кон позелена иднина, за развојот на финансиските услуги и за тоа како ефикасно да се балансираат придобивките од дигитализацијата.

    Покрај македонскиот и хрватскиот прв монетарец, на првиот панел – „Монетарната и фискалната политика во свет со висока инфлација“ учествуваа и гувернерите на словачката и на црногорската  централна банка – Петер Кажимир и Радоје Жугиќ, министерот за финансии Фатмир Бесими и потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова.

    Според Кажимир, реални се очекувањата дека инфлацијата во еврозоната ќе се задржи подолг временски период, но постои решеност за сузбивање на стапката: „Решени сме инфлацијата да ја сведеме до нашата цел и ќе го сториме тоа. Затегнувањето на монетарната политика почна да дава резултати, а повисоките каматни стапки функционираат. Сепак, нашата борба со инфлацијата не е завршена. Ризиците не исчезнаа, напротив, упорно опстојуваат. Се уште имаме многу работа, но убеден сум дека ги имаме и сите алатки на располагање за да стигнеме до посакуваната цел“.

    Што се однесува до Словачка, посочи дека недвижноста е главен капитал со кој располагаат домаќинствата и е втора земја во ЕУ по бројот на недвижности во сопственост на домаќинствата. Истовремено и прва според задолжувањето со хипотекарни кредити за купување недвижнини. И, нагласи, 60 отсто од тие кредити се земени со фиксна камата од шест проценти, што ќе предизвика проблеми во идните две години.

    Зголемувањето на платите во отсуство на раст на продуктивноста или без создавање нова вредност, е најзначаен фактор кој стимулативно влијае врз инфлацијата во Црна Гора, потенцира гувернерот Жугиќ. Со растот на платите се придвижила и побарувачката на разни производи, услуги, но и кај кредитите, посочи тој, додавајќи дека на кус рок се зголемила и даночната основа. „На среден рок ова ќе прерасне во голем фискален проблем, бидејќи буџетскиот дефицит ќе се зголеми, а ќе пораснат и трошоците за негово финансирање. Во овој контекст, сите дополнителни најави за зголемување на платите би претставувале голем предизвик“, предупреди Жугиќ.

    Зборувајќи за мерките што во актуелните услови ги преземаат македонските власти, министерот Бесими укажа дека целта е да се намали буџетскиот дефицит, кој од 8,2 во 2020, лани опаднал на 4,5, а за годинава се планирани 4,6 проценти. Во наредните години, пак, би требало да се сведе на три отсто. Исто така, нагласи дека ќе се направат обиди за зголемување на капиталните трошоци, а за намалување на јавниот долг до 60 проценти.

    Несигурноста е новата сигурност, и треба да се навикнеме на тоа, смета потпретседателката на ЕИБ, Павлова, која го изнесе податокот дека за 87 отсто од компаниите постојат три главни пречки за долгорочно финансирање – несигурност, недостиг од обучена работна сила и високи стапки на инфлација. Како што рече, зголемени се барањата што стигнуваат во ЕИБ и порача дека одржливото инвестициско трошење ќе остане клучен двигател на растот во Европа.

    „Виенската иницијатива“ е формирана во 2009 година, како одговор на тогашната глобална криза, во координација на ЕБОР, ЕИБ, Европската комисија, МММФ и Светската банка. Ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на европските банкарски групи присутни во регионот на ЦИЈЕ. Межу другите, и претставници од овие институции се дел од Годишниот форум што се одржува во Скопје.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично