ПОВЕЌЕ

    Буџетот покус за 1,4 милиони евра поради ненаплатената вода – утврдија државните ревизори

    Време зa читање: 3 минути

    Министерството за животна средина и просторно планирање не успеало да реализира 89.573 илјади денари или 1,4 милиони евра, врз основа на надоместите за искористена вода. На тој начин е оштетена приходната страна на државната каса.

    Во 2020 година Министерството склучило спогодби со носителите на водни услуги за плаќање на рати на ненамирениот надомест од 112.663 илјади денари (1,8 милиони евра), од кои, според динамиката на наплата, остануваат уште 89.573 илјади денари, односно 1,4 милиони евра, наведено е, меѓу другото, во извештајот на Државниот завод за ревизија, кој извршил контрола на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за 2022 година.

    Утврдени се неправилности во однос на утврдување на динамиката на наплата на надоместот за користење на водното право, кој е приход на Буџетот. Конкретно, заклучно со септември 2023, од вкупно пресметаните достасани месечни рати во висина од 49.188 илјади денари (речиси 800 илјади евра), наплатени се 23.090 илјади денари (375,4 илјади евра) или 47 проценти, „додека за наплата остануваат неплатени надоместоци кои се приходи на Буџетот на Република Северна Македонија, во вкупен износ од 89.573 илјади денари односно 1,4 милиони евра“.

    Освен тоа, утврдени се и неправилности во реализацијата на Програмата за управување со водите, за која биле предвидени 50.940 илјади денари (828,2 илјади евра). Ревизорите констатирале дека „не е воспоставен објективен и реален систем на избор на проекти, како и ризик за несоодветно користење на средства поради непостоење на јасни критериуми и правила специфични за реализација на овие проекти“. Освен тоа, не им била доставена комплетната документација за сите поднесени барања и доказ за нивната евалуација.

    „Со увид во извршената евалуација и предлог листите на општините кои ги исполнуваат условите од Програмата и одлуката за избор, утврден е селективен и необразложен начин на избраните проекти во распределбата на средства за финансирање и реализирање на проектите, а и процентот на одобрените средства од побараните е различен и се движи од 30% до 100%“, забележале државните ревизори.

    Исто така, ревизорите забележале дека до Владата не е доставен извештај за реализација на средствата; во 2020 биле доделени наменски дотации за производство на енергија од фосилни горива на девет општини, но четири од нив не доставиле програма; со увидот во годишните програми за 2020, 2021 и 2022 година констатирано е дека не се воопшто или не се во целост реализирани 2.400 илјади денари буџетски пари и 375.999 илјади денари донаторски средства…

    „Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива“, пишува во ревизорскиот извештај.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично