Соработниците на Бајден изјавуваат дека богатите Американци затајуваат повеќе од 600 милијарди долари данок, секоја година.
Тие предложија детален план за зајакнување на извршната власт на Даночната служба, така што физичките лица со високи примања ќе го плаќаат својот дел од данокот.
„Ако ова прашање не се реши, вкупниот износ на неплатени даноци во следните десет години ќе се искачи на околу 7 трилиони долари, што е приближно еднакво на 15% од вкупниот данок што граѓаните го должат на државата“, се вели во извештајот објавен во четвртокот од Министерството за правда.
Овие неплатени даноци, имаат цена за американските домаќинства и даночните обврзници кои уредно ги исполнуваат своите обврски, бидејќи политичарите потоа избираат да го зголемат дефицитот, да го намалат издвојувањето на неопходните приоритети или дополнително да ги зголемат даноците за да ги надоместат изгубените приходи во буџетот.
Доколку даночната служба има подобар капацитет да најде затајувачи на данок, тоа ќе донесе околу 700 милијарди долари во буџетот во следните 10 години, и многу повеќе во годините после тоа.
Затајувањето данок е меѓународна реалност. Соработниците на Бајден проценуваат дека Соединетите Држави губат околу 15% од своите приходи од неплатени даноци, што е слично на нивото од 16% што постои во Европската унија, според студијата на Универзитетот во Лондон. Студијата открива дека во 2015 година низ ЕУ биле украдени нешто повеќе од илјада милијарди долари.
Експертите велат дека проценката на Секретаријатот за финансии на неплатените даноци е разумна и реална, а неговото верување е дека спроведувањето на даночните закони треба да се зголеми. Истите предупредуваат дека тоа неможе да се случи „преку ноќ“.
„Ќе биде потребно време. Како ќе се зголемува бројот на вработени, тие ќе можат да го спроведуваат тоа постепено, за подолг временски период. Луѓето кои работеле за IRS, кои добро го знаат местото, велат дека се потребни пет години да се обучи даночен инспектор – особено кога станува збор за софистицирани начини на затајување данок со кои IRS ќе сака да се справи. Верувам дека можеме да ги собереме тие пари, но никој не треба да очекува дека тоа може да се направи преку ноќ “, рече Хауард Глекман, кој е постар соработник во Центарот за даночна политика Урбан-Брукингс.