ПОВЕЌЕ

    „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ И НАТАМУ ГИ БРАНУВА ДУХОВИТЕ, Ковачевски тврди – се е регуларно, Коридорите 8 и 10Д ќе се изградат

    Време зa читање: 4 минути

    Коридорите 8 и 10 Д ќе се изградат и ќе ги разочараме оние што не веруваат во најголемиот инфраструктурен проект во државава, а тоа се оние истите кои не веруваат дека ќе станеме членка на НАТО. Има потпишан договор на 400 страници во кои се дефинирани сите обврски, како наши, така и на изведувачот. Што се однесува до неговата тајност, ќе повторам дека сите договори кои се дел од работата на ЈПДП носат назнака за деловна тајна и доверливост, бидејќи содржат технологии на работа, структури на управување и поради заштита од конкуренцијата овие договори се такви, изјави денес премиерот Димитар Ковачевски.

    Тој се надоврза на критиките за процесот на подготовките за реализација на проектот, меѓу кои и забелешките на професорот Самоил Малчевски, кој во телевизиски настап изјави дека една сериозна држава треба да ги прави работите во интерес на граѓаните, а не во интерес на некои приватни компании. „Мене ми се чини дека никогаш нема да ги видиме коридорите 8 и 10д, ама затоа ќе ги платиме пеналите како што е договорено колку што е познато во јавноста. Мислам дека носителите на овој договор треба да сносат одговорност откако ќе реформира правосудниот систем оти имаме сериозни индиции дека тука има нешто коруптивно“, рече Малчески. Тој смета дека според законите, овој тип договор каков што е со „Бехтел и Енка“ не спаѓа во редот на класифицирани.

    Ковачевски додаде дека вчера Владата го овластила ЈПДП да го достави договорот до Јавното обвинителство и денес тој треба да биде разгледан од судските органи.
    Од ССМ потсетија дека заедно со Синдикатот за градежништво – СГИП, лани започнаа иницијатива за одредбата за работно време од 60 часа неделно за изградбата на Коридорот 8, која одредба како неуставна и незаконита беше укината од страна на Уставниот суд, затоа е крајно некоректно таа да се изигрува, со уредување на ваква одредба во Законот за работните односи.

    Идната недела, на 27 април, треба да се удри првиот камен темелник за Коридорот 8, а нешто подоцна, на 12 мај, и за Коридорот 10-д. Датумите ги најави координаторот за спроведување на договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, Артан Груби. Активности има, а веќе излезе и огласот од Јавното претпријатие за државни патишта со кој се бараат лица што времено ќе бидат ангажирани во изведбата на автопатиштата.

    Забележливо е дека понудениот ангажман е за 40, а не за 60-часовна работна недела, која треба да се обезбеди со законски измени. Всушност, осум закони поврзани со овој проект чекаат измени во парламентот.

    Контроверзи и сомневања се постојано присутни. Последната, засега, реакција произлезе од Демократскиот сојуз, а е предизвикана од објавениот оглас, при што се посочува дека со вработувањата во новоформираната Проектна единица за спроведување на договорот, „Артан Груби формира ново министерство, кое за предизборни цели ќе располага со огромни средства за корупција“, бидејќи „јасно е дека огласот за ангажирање помошник координатор на проектот директно го заобиколува директорот на ЈПДП, а со тоа и Министерството за транспорт и врски кои се надлежни за изградба на автопатите“.

    Сомнежите ги подгрева и тоа што договорот, поради повисоки интереси – побрза и поевтина изградба на коридорите, се крие од јавноста, а можно е и парламентарците, па и тие со сертификат за класифицирани информации, да гласаат законски измени „на слепо“. Сепак, ќе го видат во Јавното обвинителство. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, па се очекува донесување одлука за понатамошниот тек на постапката. Исто така, и Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за коридорите. Притоа, ќе се детектира дали се реални или не обвинувањата за можна корупција во владините редови, а како што беше најавено од претседателката Билјана Ивановска, резултатите ќе се соопштат на јавна седница.

    Што се однесува до тајноста, власта тоа го оправдува со практиката на „Бехтел и Енка“ – никаде во светот каде што конзорциумот склучувал договори, тие не биле јавно објавувани. Освен тоа, како примери се посочуваа своевремено направените договори со ОКТА, Еуромакс, Синохидро, Тав, но и многу други со фирми кои делуваат во рамки на ТИРЗ. Односно, се укажува дека за компаниите кои котираат на берза, сензитивни се информациите со кои се разоткрива начинот на кој работат.

    Според обвинувањата, 45 дена по потпишувањето на договорот (осми март), што значи на 23 месецов, државата ќе треба да плати пенали од 53 милиони евра, поради незавршената работа, конкретно заради неизгласаните измени во законите. Од Владата, пак, велат не се работи за пенали, туку доцнењето ќе ја зголеми цената на изградбата.

    За потсетување, во Собранието треба да се интервенира во законите за работни односи, за експропријација, за земјоделско земјиште, урбанистичко планирање, минерални суровини, за шумите и за градење.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично