ПОВЕЌЕ

    Атанас Кочов, кандидат за ректор: УКИМ мора да е столб, а високото образование не смее да биде бизнис

    Време зa читање: 4 минути

    На полето на високото образование во Македонија егзистираат голем број универзитети. Веќе подолго време преовладува мислењето – што повеќе факултети и факултетски дипломи, што повеќе дипломци и магистранти, толку помалку знаење и стручност. Напливот на високообразовни институции во континуитет го девалвира квалитетот на наставата. Тоа се одразува врз знаењето што го стекнуваат генерациите кои излегуваат од тие врати. А, потоа сето тоа се рефлектира и на ниво на државата. Се постигнува домино ефект.

    Државата мора да го одреди столбот на високото образование, а тоа мора да е Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј‘. Факт е, сите јавни универзитети настанаа со кадар кој е од УКИМ. И не само тоа, туку и во самото нивно формирање УКИМ учествуваше со свој кадар. Мојот пример не е единствен, бев асистент и одев на битолскиот Универзитет. Се отвори тетовскиот, па штипскиот, а ние дававме услуги. Оттука, основата на она што значи наука и висококвалитетен кадар произлезе од УКИМ. Затоа, на потег е државата, како што Србија и Хрватска одредија – столбот на високото образование е Универзитетот во Белград, односно Загреб“, категоричен е Атанас Кочов од Машинскиот факултет, кој како еден од кандидатите за ректорската позиција најавува бескомпромисна битка за квалитетен кадар, квалитетна настава и добро оспособени студенти.

    Размислувањата не се сегашни. Ова го говорам уште од времето кога почнаа да се отвораат универзитетите и се уште истото го зборувам. И сега, како член на Одборот за акредитација, тоа го кажувам. Тврдам, една работа е Одборот и тоа што значи акредитирање на универзитетите во Македонија. Но, сосема другата работа е во рамките на Агенцијата за квалитет на образование да постои одбор за евалуација. Тој одбор се уште не почнал да работи, иако најголем дел од луѓето се делегирани преку интер-универзитетската конференција. Недозволиво е со години наназад да не се направи евалуација на македонското образование“, реагира Кочов.

    Во такви услови нештата се наѕираат, но нема реална слика за тоа до каде е образованието.

    Од таа причина, и како Универзитет кој ги носи славните имиња на сесловенските просветители, мора да се избориме, да го подигнеме гласот и конечно, да го активираме тој Одбор. Тоа е неопходно за да видиме каква е реалната состојба во високото образование. Паралелно, и да видиме кои универзитети од сите акредитирани може да продолжат понатаму затоа што имаат и кадар и резултати, а кој, можеби, треба да биде затворен“, смета професорот.

    Оттука и неговиот став: „Не смееме да дозволиме високото образование да се претвори во бизнис. Во Словенија на два милиони население има два универзитети. Затоа и Одборот мора да почне да работи. Воедно, УКИМ не смее да се плаши од конкуренцијата. Напротив! Само треба многу повеќе да даде, за да покаже дека се тие нелојална конкуренција“, тврди Кочов.

    Во трката за нов ректор се зборува за горливи теми и се најавуваат крупни промени. Можно ли е впуштање во реализација на суштински проекти без политичко приклонување и без поддршка од таа страна?

    Се зависи од ректорот како лидер на универзитетот. Политиката мора да е надвор од високото образование и од УКИМ. Своевремено се знаеше што претставува ректорот на ‘Св. Кирил и Методиј‘. Министерот прашуваше за прием кај ректорот. Од таа силна позиција, сега УКИМ е паднат на општественото скалило. Дојдено е дотаму, ректорот или деканите на факултетите да се плашат да влезат во Министерството и да бараат одобрување на одредени планови за финансиско работење. Тоа не смееме да го дозволиме. Ректорот отсекогаш е тој кој ги води сите 1.500 вработени и 25-26 илјади студенти кои се моторната сила на Македонија“, дециден е професорот Атанас Кочов. И, притоа образложува: „Сите кои ќе дипломираат и ќе бидат добро оспособени и добро наставно образувани, треба да ја поведат Македонија во општествено-економски развој. Тоа, пак, е огромна обврска за првиот човек на Универзитетот“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично