ПОВЕЌЕ

    Артан Груби ја заврши „приватната посета“ на Косово: Уапсен на Блаце, спроведен во Шутка

    Време зa читање: 2 минути

    Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, по повеќе од една година бегство, се појавил на граничниот премин Блаце, каде што е уапсен утрово, информираа од Министерството за внатрешни работи. Оттаму, според информацијата на „Слободен печат“, пренесен е во истражниот затвор во Шутка.

    „Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, се наведува во кусото соопштение од МВР.

    Своевремено, откако ја напушти земјата, Груби преку социјалните мрежи тврдеше дека не избегал, туку дека е „во приватна посета на Косово“, по што како што рече тогаш „ќе се врати дома“. Притоа, побара медиумите да не шпекулираат за неговото наводно бегство, бидејќи патувал со своите редовни патни исправи, а за патувањето е „информирано личното полициско обезбедување“.

    Некогашниот прв вицепремиер е второосомничен во истрагата на Јавното обвинителство за проневера во службата, поврзана со Државна лотарија, и за финансиска штета, односно проневера на 501 милион денари (8,1 милион евра) при набавка на ВЛТ терминали, иако знаел дека јавната набавка е незаконска и дека Лотарија нема право самостојно да организира електронски игри на среќа. Според Законот за игри на среќа, тоа е во домен на Државната видеолотарија – Касинос Аустрија. Воедно, поради тоа што се работело за голема зделка, одобрување не требало да се бара од акционерското Собрание, туку од двете највисоки рановодни тела – Управниот и Надзорниот одбор. Инаку, терминалите биле набавени, но не и употребувани. Груби, пак, ја водел владината седница и го одобрил барањето за ВЛТ апаратите.

    Во декември 2024 година Основниот кривичен суд во Скопје им определи 30-дневен притвор на Груби и Бајрами, но двајцата беа недостапни за правосудните органи и по нив беше распишана меѓународна потерница.

    Груби, кој тврдеше и дека е „чист како солза“, преклани во декември се најде и на американската „црна листа“, поради вмешаност во значителна корупција – примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со некогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

    (Фото: Фејсбук – Артан Груби)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично