ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска на ЦЕФ во Љубљана: На раководните места во Народната банка 71 отсто се жени

    Време зa читање: 3 минути

    Родовата нееднаквост сѐ уште претставува еден од клучните глобални предизвици, но има и добри примери како што е Народната банка, каде што на раководните позиции 71 процент се жени. Ова го нагласи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата насловена „Жени лидери“, којашто ја отвори претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, а е во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) во Љубљана.

    „За економски развој не е доволен само економскиот раст. Потребно е да се расте паметно, одржливо и инклузивно. Човековиот капитал, како од аспект на неговиот квантитет, така и од аспект на неговиот квалитет, е клучен за остварувањето на овие цели. Поголемата вклученост на жените во работната сила може да придонесе за побрз и поинклузивен економски раст, кој може да е повисок и до 30 насто во економиите во развој, имајќи го предвид вклучувањето дополнителна работна сила на пазарот на труд. Исто така, според истражувањата во оваа сфера, за тоа придонесуваат и посебните карактеристики и вештини со кои вообичаено располагаат жените како работнички, како повисоката одбивност кон ризик, прагматичноста, емпатијата…“, наведе гувернерката.

    Во излагањето таа посочи дека родовата нееднаквост сѐ уште претставува еден од клучните глобални предизвици, кој по пандемијата стана уште поизразен.

    „Во глобални рамки пандемијата доведе до укинување на 54 милиони работни места пополнети од жени, со што се намали стапката на учество на жените во работната сила на 47  проценти и се зголеми јазот во однос на мажите, чија стапка на учество во работната сила е 70 отсто. Во македонската економија учеството на жените во работната сила е околу 40 отсто, додека оние жени кои се активни се помалку застапени на раководните позиции и се платени помалку од мажите за 20 проценти“, рече гувернерката и нагласи дека, сепак, постојат и добри примери во нашето општество, како што е Народната банка, каде што 71 отсто од раководните позиции во институцијата се пополнети од жени.

    „Заради побрза конвергенција кон ЕУ, и покрај тековните предизвици, потребно е да не се оддалечуваме од решавањето на структурните прашања, применувајќи реформи со кои ќе се подобри нашиот потенцијал за раст и коишто ќе нѐ приближат кон европското семејство“, посочи Ангеловска-Бежоска. За тоа ни е неопходна и поголема вклученост на жените во општеството којашто може да се постигне преку холистички пристап на креаторите на политиките.

    Настанот е во рамките на проектот „Ние водиме“, поддржан од ЕУ, наменет за поддршка на млади професионалци во регионот на Западен Балкан. На панел-дискусијата учествуваа и министерката за стандарди и услуги на Албанија, извршната директорката на Центарот за европски политики во Србија и директорката на ЦЕФ.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично