ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: ЖИВОТ НА КРЕДИТ – Кој должи најмногу во Адриа регионот?

    Време зa читање: 4 минути

    Граѓаните на Балканот сѐ повеќе живеат на кредит. Но, кој должи најмногу? Дали граѓаните се задолжуваат за да инвестираат во иднината, за да врзат крај со крај, за да уживаат во животот или, пак, само за да ги преживеат турбулентни времиња? Дали кредитите станаа неопходен дел од модерниот живот или станавме зависни од нив?

    Бројките растат, а со тоа и финансиските обврски на граѓаните. Задолженоста на македонските граѓани во банките и штедилниците за една година е зголемена за 20.077 милиони денари, односно за 326,5 милиони евра. Изразено во проценти значи дека долговите на граѓаните од јануари 2024 до јануари 2025 година пораснале за 9%.

    Кај нашиот северен сосед граѓаните за една година се задолжиле кај банките за нови 1,4 милијарди евра, со што вкупниот долг на Србите е зголемен за 11%.

    Најголем раст на задолженоста во апсолутен износ има кај хрватските граѓани, кои од декември 2023 до декември 2024 година се задолжиле кај банките за дополнителни 2,6 милијарди евра. Но, во проценти се на второто место зад Црногорците, со раст на задолженоста од 12%.

    Црногорците подигнале кредити од банките во вкупен износ од 296 милиони евра и на тој начин успеале својот долг да го зголемат за 17%.

    За што, всушност, најмногу се задолжуваат граѓаните во земјите од Адриа регионот? Македонците и Србите најмногу позајмуваат пари од банките за секојдневна потрошувачка на поситни или покрупни работи, додека Хрватите стандардно преферираат станбени кредити.

    Податоците од Народната банка на Македонија покажуваат дека заклучно со јануари годинава граѓаните најмногу должат во банките по основ на потрошувачките кредити (2,1 милијарда евра). Кога на овој износ ќе се додаде и долгот направен преку употребата на кредитните картички, од 144 милиони евра (8,8 милијарди денари), и по основ на негативните салда на платежните сметки од 104 милиони евра (6,4 милијарди денари), излегува дека вкупната задолженост за краткорочни потреби изнесува 2,3 милијарди евра (144 милијарди денари). За сметка на тоа, по основ на станбените кредити населението должи 1,5 милијарди евра (95 милијарди денари) и покрај пазарниот бум на пазарот на недвижности, кадешто цените бележат рекорден раст како резултат и на големата побарувачка.

    Слично е и во Србија. Граѓаните преку готовински и потрошувачки кредити и преку платежните сметки се задолжени 6,9 милијарди евра, додека за купување недвижности позајмиле од банките вкупно 5,3 милијарди евра. Во Хрватска состојбите, навиките и потребите на граѓаните се различни. Хрватите преку готовински кредити, кредитни картички и платежни сметки должат 10,5 милијарди евра, а преку станбени кредити 12 милијарди евра.

    Но, во 2024 година, дефинитивно, и тие повеќе се насочиле кон готовинските кредити, па задолженоста ја зголемиле за 19%, додека станбените кредити бележат раст од 13%.

    И во Србија готовинските кредити бележат голем раст од 14,6% во 2024 година, а кај станбените кредити растот е поумерен и изнесува 8,4%.

    Кога станува збор за изминатата година, трендот кај македонските граѓани е обратен од тој на Хрватите и Србите. Во 2024 година, долгот заснован на потрошувачките кредити, негативните салда и на кредитните картички, Македонците го зголемиле за 6,5%, а по основ на станбени кредити за 12,7%.

    Колкава е задолженоста по жител во овие земји? Во јануари годинава, просечната задолженост по граѓанин во Македонија изнесувала 2.199 евра, а во јануари 2024 година била 2.022 евра. Во Србија, просечната задолженост по жител е 1.888 евра, во Хрватска – 6.297 евра (заклучно со декември 2024 година), а во Црна Гора изнесува 3.239 евра.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично