ПОВЕЌЕ

    Анализа: ЈП Национални Шуми ќе обезбеди огревно дрво за едвај половина од домаќинствата, што ќе прават останатите?

    Време зa читање: 4 минути

    Количеството на огревно дрво што го обезбедува државното претпријатие ЈП Национални Шуми не е доволно за да се задоволат потребите на македонските домаќинства кои се греат на дрва. „Согласно Програмата за работа за 2022 година се планира производство на огревно дрво во количина од 516.032м3. Поради сезонскиот карактер на работа во шума (временските услови и сл.) изминатите години испорачано е огревно дрво на граѓаните околу 400.000м3“, се вели во писмениот одговор што го добивме од јавното претпријатие на прашањето колкаво количество на огревно дрво планира да обезбеди ЈП Национални Шуми за наредната грејна сезона и дали со тоа очекува да ги задоволи потребите на граѓаните.

    ОД КАДЕ ДРВА ЗА ДРУГАТА ПОЛОВИНА?

    Но, според последните објавени податоци од Државниот Завод за статистика за 2019 година, вкупно 327,428 домаќинства се грееле на дрва или на производи кои потекнуваат од дрво или 49,18 проценти од вкупниот број и потрошиле 970.715 кубни метри дрво. Доколку се спореди бројката на вкупно потрошени количества огревно дрво и она што самото ЈП Национални Шуми тврди дека ќе успее да им го обезбеди на граѓаните, излегува дека планираното производство на огрев ќе ги задоволи потребите на околу половина од домаќинствата во Македонија кои се греат на дрва. Тоа, пак, подразбира дека остатокот од потребите на домаќинствата кои се греат на дрва граѓаните ќе мора да ги обезбедат од приватни складишта кои увезуваат дрва од Србија и Бугарија, но по повисока цена или не е тајна дека дел се снабдуваат со крадени дрва кои се продаваат најевтино.

    Од своја страна, пак, ЈП Национални Шуми тврди дека, иако побарувачката на огревно дрво е поголема, но сепак во најголем процент потребите се задоволени.  Претпријатието информира дека ценовникот за огревно дрво во нивните складишта ги содржи следниве цени: За еден кубен метар квалитетно буково огревно дрво од прва и втора класа: 2.870,00 денари за м3 и 2.250,00 денари за м3 сечени дрва со среден дијаметар од 3-7 см. За дабово огревно дрво: огревот од прва и втора класа чини 2.970,00 денари за м3 класа и 2.250,00 денари за м3 помалку квалитетно дрво. Оттаму нагласуваат дека цената на огревното дрво ја одредува Владата на РСМ.

    КОЛКУ НАВИСТИНА ЌЕ ЧИНИ КУБИК ОГРЕВ НА СТАРТОТ НА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА?

    Сепак, според медиумите кои разговарале со сопственици на приватни складишта на огревно дрво, овој енергенс за загревање на домовите достигнува цена и до 5.000 денари по кубен метар, па така кубик бука чини околу 2.800 денари, додека од даб чини 4.600 денари, а сопствениците на складиштата очекуваат цените допрва да растат со наближувањето на грејната сезона.

    „3.600 денари е кубен метар крадени дрва, ти ги носат ноќе. Во оваа беспарица луѓето масовно ги купуваат нив наместо регуларните, кои сега чинат и до 5.000 денари за кубен метар“, пишуваат граѓаните на социјални мрежи.

    “Огревното дрво пред почетокот на следната грејна сезона ќе поскапе за 20 отсто, а пелетите веќе се продаваат по речиси 100 отсто повисока цена. Цената на еден кубен метар дабово дрво во приватните складови достигнува и до 5000 денари“, се тврди во дописот од партијата Левица до медиумите, во кој се бара од Владата итно да го запре извозот на огревно дрво од државава за да можат да се одржат цените на дрвото и за да се задоволат потребите на сите домаќинства кои се греат на дрва.

    „Најупотребуваниот енергенс во Македонија, што го ползуваат околу 71% од граѓаните станува се потешко достапен, особено за најсиромашните слоеви. Големата побарувачка за овој вид енергенс на светскиот пазар, како и зголемениот постојан и неплански извоз придонесе цената на огревното дрво и пелетите континуирано да расте, а голем дел од складовите за огревни дрва во Македонија да зјаат празни“, се наведува во соопштението.

    „Оваа година имаме рекордна побарувачка на огревно и техничко дрво и ние сме можеби една од индустријата што не можат да обезбедат толку колку што можат да обезбедат пласман и тоа е навистина реткост во Македонија, но и по оваа цена мислам дека дрвото ќе биде најефтиниот енергенс кој можат да го користат граѓаните“, се пофали пред пред три недели првиот човек на Национални Шуми, Валентин Груевски.

    Во одговор на обвинувањата од Левица, од ЈП Национални Шуми категорично тврдат дека не прават никаков извоз на огревно дрво. „За да се врши извоз на огревно дрво потребно е да се добие дозвола за извоз од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Јавното претпријатие Национални Шуми нема извезено огревно дрво во 2022 година, ниту минатата година“, се вели во писмениот одговор.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично