Минатогодишните финансиски извештаи на компаниите кои учествуваат во креирањето на цената на струјата откриваат „интересни“ податоци – големите плусови на МЕПСО и ЕВН Хоум од 2019 година, во 2020 се претвориле во големи минуси, а пак минусот на Електродистрибуција се претворил во одличен плус.
Овие податоци беа и на масата на Регулаторната комисија за енергетика, а сите компании за која таа дава зелено светло во однос на нивниот удел во цената, побарале зголемување на цената.
Порталот Pari.com.mk во соработка со БизнисМрежа.мк ги анализираше финансиските резултати на креаторите на цената за домаќинствата.
АД Електростопанство на Северна Македонија(ЕСМ) кое е домашен производител на струја преку сите енергетски капацитети што ги поседува, лани остварил приход од околу 194 милиони евра, но истовремено и загуба од 16,8 милиони евра што ја ставија оваа компанија и на врвот на листата на државни загубари за 2020 година. Сепак, компанијата на тендер понуди за 7 проценти пониска струја од досегашната. Интересно е што лани приходот на компанијата се намалил само за 5,78 проценти но затоа профитот од 2019 година кој бил 3,1 милион евра се претворил во дебела загуба.
АД Македонски електропреносен систем оператор (МЕПСО) кој управува со далноводите, односно со високонапонската мрежа, 2020 година ја завршил со приход од 54,7 милиони евра, но тој е помал за 38,38 проценти во однос на оној од 2019 година и тоа ја однело компанијата во загуба од 5,8 милиони евра. Претходната година, пак, ја завршила со плус од 7,2 милиони евра.
Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО) кој го организира и управува пазарот на електрична енергија има драстично зголемување на приходите од 439,72 проценти, со што 2020 ја завршил со приход од 42,4 милиони евра, но растот на добивката е 173 проценти и таа за 2020 година изнесува 200 илјади евра.
Покрај овие три државни компании, во формирањето на цената на струјата учествуваат и два приватни субјекти – ЕВН хоум и Електродистрибуција, кои мораа да се издвојат како посебни правни субјекти од ЕВН-Македонија согласно европските директиви кои бараат издвоена дистрибуција од снабдување со електрична енергија.
Финансиската состојба во овие две компании – ќерки на ЕВН Македонија, е многу интересна. Додека дебелата добивка од ЕВН хоум во 2019 година се претворила во дебел минус во 2020 година, состојбата е обратна со Електродистрибуција – нејзиниот плус од 2019 година се претворил во минус во 2020 година. Бројките покажуваат и дека ЕВН хоум со раст на приходите за 102,38 проценти и со истовремен раст на расходите од 130,42 проценти, лани направила загуба од 12 милиони евра! Претходната година била во добивка од 9,9 милиони евра!
Електродистрибуција, пак, лани имала приход од 153 милиони евра и тој бил за 5,47 проценти поголем од оној во 2019 година, но затоа компанијата од минусно салдо од 7 милиони евра, влегла во плус од 4,5 милиони евра.
Финасниско работење на компании кои учествуваат во формирање на цена на струја:
Компанија | Приход 2020 | Раст % 2019/2020 | Добивка / Загуба 2019 | Добивка / Загуба 2020 |
---|---|---|---|---|
ЕСМ | 194,400,000 | -5,78% | 3,100,000 | -16,800,000 |
МЕПСО | 57,700,000 | -38,38 | 7,200,000 | -5,800,000 |
МЕМО | 42,400,000 | 439,72 % | 74,000 | 200,000 |
ЕВН Хоум | 277,000,000 | 102,38% | 9,900,000 | -12,000,000 |
Електродистрибуција | 153,000,000 | 5,47% | -7,000,000 | 4,500,000 |
Износите се изразени во евра | Извор: БизнисМрежа.мк
Редакција Пари