ПОВЕЌЕ

    Експеримент:Што ќе прават Германците ако три години примаат по 1200 евра за ништо?

    Време зa читање: 2 минути

    Во Германија од денеска почнува експеримент во чии рамки група на одбрани граѓани во наредните три години ќе добиваат безусловни основни примања од 1.200 евра месечно.

    Како што пишува Дојче веле, тоа е дел од пилотпроект чија цел е да се истражи ефектот на безусловен основен доход. Пријавени биле повеќе од два милиони луѓе, а на крај биле избрани 122 од нив.

    Учесниците не морале да докажуваат дека имаат било каква потреба за пари, а за време на проектот им е дозволено да прават што сакаат и колку сакаат. Тие немаат никакви обврски спрема финансиерите на проектот, освен тоа што „мораат да пополнат седум онлајн-прашалници во рок од три години колку што трае студијата“, стои на веб-страницата на проектот.

    Додатни 1.380 луѓе кои се избрани исто така исполнуваат прашалници на секои шест месеци, но тие не примаат основен приход, туку се платени само за времето потрошено за пополнувањето на прашалниците.

    Парите за проектот биле обезбедени од околу 150.000 приватни донатори, а оние кои ги добиваат парите во наредните три години нема да мораат да ги пријават за данок. Тоа се поклонети пари во висина од 43.200 евра по учесник, вкупно околу 5,2 милиони евра.

    Проектот бил покренат од непрофитното здружение „Мој основен доход“ од Берлин. Иницијаторите се убедени дека безусловна исплата на пари на сите граѓани би им решила многу проблеми и дека луѓето би станале послободни, покреативни и посреќни ако се ослободат од притисокот дека мораат да заработат доволно пари за преживување.

    „Ќе тестираме што луѓето прават кога се материјално обезбедени за три години. Дали ќе ги трошат тие пари или ќе создаваат финансиски резерви? Дали ќе престанат да работат или ќе работат помалку? дали ќе станат посоцијално ангажирани, дали повеќе ќе донираат?“, вели шефот на студијата Јирген Шуп, од Германскиот институт за економски истражувања.

    Расправата за безусловниот основен доход со години беше крајно идеолошка, а како што наведува Дојче веле, суштинското прашање гласи: Што прават луѓето кога не мораат да работат?

    После завршување на првата тригодишна фаза од проектот, ќе бидат покренати уште две студии во кои научно ќе се испита можноста на финансирањето.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично