Автор: Стручен соработник на Пари
Голем број на економски законитости и правила се генерирани од многу случајни , секојдневни активности. За дел од нив голем број на луѓе не биле свесни дека истите може да прераснат во научни достигнувања, а голем број не ни биле забележани. Кон крајот на 19-тиот век италијанскиот економист Вилфредо Перето набљудувајќи и евидентирајќи ја сезонската берба на грашок од неговата градина дошол до следниот заклучок: 80% од собраниот грашок е генериран од 20% од засадените мешунки. Од оваа почетна точка, а преку неговата анализа за вкупното богатство во Италија, Парето го развил својот систем кон економската статистика со непроценливо значење. Неговите податоци укажувале дека 80% од вкупното богатство во Италија припаѓа на 20% од нејзините државјани. Кога оваа законитост била призната и од научната фела, неговиот аналитичен пристап кон грашокот прераснал кон Парето законитост или 80-20 принцип. Принцип кој својата употреба ќе ја најде во голем број на области и ќе придонесе за утврдување на најбитните точки за раст на продуктивноста и полесно детектирање на грешките.
Од аспект на бизнис сегментот, Парето принципот е аплициран во скоро сите сфери на работењето на корпорациите и како најсилни аргументи за неговата постојаност може да се наведат следните:
- 20% од компаниите се заслужни за 80% од вкупните продажби
- 20% од вработените се заслужни за 80% од резултатите
- 80% вредност е генерирана со ангажирање на 20% напор
- 80% од проблемите потекнуваат од 20% од проектите
- 80% од продажбата е генерирана од 20% од клиентите
- 80% од поплаките доаѓаат за 20% од производите
Сите овие статистички податоци може да се искористат и применат за подобро организирање на компаниите и поадекватно справување со проблемите. Во таа насока ќе укажеме на 4 компоненти кои може да се унапредат со помош на Парето принципот:
- Зголемување на продуктивноста – Парето принципот е корисна алатка за определување на областите кон кои треба да се насочи фокусот за да се оствари максимална корист. Преку 80-20 принципот вработените може да ги приоритизираат своите обврски кон најбитните 20% што генерираат 80% од резултатите или од друга страна, менаџментот може да ги утврди 20% од причините кои водат кон 80% од непродуктивност и да се насочат кон нивно итно решавање.
- Зголемување на профитбилноста – Без разлика за каков бизнис се работи главниот заклучок е дека 80% од продажбата е во рацете на 20% од тимот на продажба. Ваквото детерминирање на овие 20% може да се канализира кон дополнителна едукација и награда за најзаслужните и фокусирање кон останатите 80% да ги подобрат своите резултати. Исто така преку овој принцип може да се пронајдат 20% од клиентите кои го генерираат најголемиот дел од профитот и адекватно на тоа да се направат напори за нивно долгорочно задоволство. Од друга страна со овој принцип може да се детектираат 80% од производите кои не носат голема продажба,а со тоа во иднина да се гради политиката на попусти.
- Детектирање на проблеми – преку Парето принципот се кристализираат проблемите и во најмалите деловни процеси, а со тоа менаџментот може да донесе поадекватни акциони проекти за решавање на истите. Сегментираното детектирање на грешките води кон побрз и поевтин производствен процес.
- Зголемување на грижата за корисници – Задоволни клиенти водат кон успешен бизнис., Затоа производите или услугите што ги добиваат треба да бидат на нивото кое го очекуваат/плаќаат за истото. Преку парето принципот се детектираат 20% од производите/услугите за кои 80% од клиентите имаат некаква забелешка. Што побрзо и поадекватно приспособување кон барањата на клиентите ќе придонесе кон позадоволни клиенти, а со тоа и подобар бизнис.
Покрај наговата употреба од страна на компаниите, голем број на успешни индивидуалци го користат овој принцип во насока на остварување на своите лични цели. Познатиот мотивационен говорник и автор на голем број книги, Брајан Трејси, укажува на тоа дека парето принципот игра голема улога во кариерниот успех на поединецот. Трејси насочува кон тоа секојдневно да се постават 10 цели кои треба да се завршат и притоа 80% од времето да посветиме на најбитните 2 цели од списокот. Континуираната примена на оваа теорија довела до големи лични остварувања како на кариерен , така и на финансиски план. На крај, доколку во некој дел од Вашиот живот забележите дека процентуалната застапеност излегува од рамките на Парето принципот насочете се кон зацртување на една или неколку големи цели и посветете го животот во нивно остварување, а токму тоа е поентата на 80-20 принципот.
Автор: Стручен соработник на Пари