ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ДАМЈАН АНДОНОВСКИ: Кога работите со страст, границата меѓу уметноста и технологијата станува невидлива

    Време зa читање: 4 минути

    Во светот на платежните технологии, каде што прецизноста, безбедноста и усогласеноста со меѓународните стандарди се неопходни, секојдневните предизвици бараат знаење, искуство и способност за брзо донесување одлуки. За Дамјан Андоновски, извршен директор на „КаСис Интернешнл“, тоа е дел од професионалното секојдневие. Но, надвор од деловните обврски, неговата страст има поинаков израз – музиката и свирењето гитара.

    Како изгледа управувањето со комплексни платежни технологии и сертификациски процеси за глобалните картични брендови Mastercard, Visa, Diners и American Express? Што е најважно за развојот на младите инженери и како се гради успешен тим во индустрија што постојано се менува?

    Во интервју за порталот „Пари“, во рамки на проектот „Биз Бендови“, Андоновски зборува за предизвиците на менаџерската позиција, важноста на интегритетот и менторството, но и за заедничката нишка што ги поврзува неговите две страсти – технологијата и музиката.

    ПАРИ: Што е најинтересно во тоа да се сертифицира платежна технологија за Mastercard, Visa, Diners и AmEx?

    Андоновски: Најголемиот предизвик, но и убавина во овој процес, е што секоја картична шема има свои специфични стандарди на кои мораме стратешки да се прилагодиме. Индустријата е динамична, па кога ќе се соочиме со неочекувани или непланирани барања во текот на сертификацијата, најмногу ме мотивира процесот на изнаоѓање на автохтони, независни интерни решенија. Од инженерска и лидерска перспектива, фасцинантни ми се неограничените можности на чип-параметрите и комплексните конфигурации во самите картички, кои мора да функционираат беспрекорно согласно строгите спецификации на секој од овие глобални брендови.

    ПАРИ: Работите со M/Chip, VSDC, D-PAS, AEIPS и стандарди како PCI DSS, ISO20000 и ISO27000. Како изгледа еден Ваш ден?

    Андоновски: Со оглед на комплексноста на овие стандарди, ’мултитаскингот‘ за мене одамна не е само фаза, туку стандарден начин на функционирање. На шега знам да кажам дека мојот работен ден наликува на присуство во некаков ’мултиверзум‘, бидејќи бара паралелна виртуелна и ментална присутност во речиси сите оддели на компанијата. Како извршен директор, клучот за менаџирање на вака комплексен екосистем е ефикасноста. Благодарение на институционалното знаење и деталната лична архива што ја изградив низ годините во КаСис, успевам брзо да ги лоцирам решенијата и да носам правилни стратешки одлуки во реално време.

    ПАРИ: Што му е најважно на колега кој започнува кариера во КаСис, и како поддржувате професионален раст на младите колеги? Кои вештини и особини им се потребни на младите инженери и тестери?

    Андоновски: Постојат многу технички предуслови, но за некој што започнува во КаСис, најважен е интегритетот – пред сè, да се биде човек. Техничките вештини се учат и усовршуваат доколку постои вистинска желба. Нашата поддршка како менаџмент е насочена кон учење преку деталите, бидејќи веруваме дека вистинската професионална сигурност и самодоверба кај вработените се градат преку суштинско менторство и внимание, а не преку површни корпоративни бенефиции. Во КаСис не форсираме никого; имаме длабоко разбирање дека на секој млад инженер му е потребно индивидуално време за да ги совлада овие комплексни материи, и ние сме тука да им го обезбедиме тој простор за раст.

    ПАРИ: Гитарист на сцената на Биз Бендови, а во секојдневието сертификатор на платежни решенија за картичните шеми. Каде се среќаваат ритамот и прецизноста?

    Андоновски: Се среќаваат во една клучна точка: страста. Таа е движечката сила што ме води и на сцената преку музиката, но и во секојдневните деловни предизвици. Истата прецизност што е потребна за да се одржи совршен ритам на гитарата, е неопходна и при решавањето на комплексните технички проблеми и имплементацијата на нови технологии во платежната индустрија. Кога работите со страст, границата меѓу уметноста и врвната технологија станува невидлива.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично